Собрание: Над 200.000 евра за патување и сместување за две години

Одлуката за јавна набавка на услуги за потребите на Собранието за набавка на авио-билети е во висина од 13 милиони денари за две години, со тоа што дел се донација од Швајцарската агенција за развој за потребите на Парламентарен институт.
Ова не значи дека сите средства задолжително ќе се потрошат, сѐ ќе биде во зависност од меѓународната активност, па дел од средствата се рефундираат од организаторите, во зависност од настанот. Сега има актуелна рамковна спогодба со четири агенции и договорот е сукцесивен. За секоја набавка има посебно барање до четири компании и се бира најекономичната и најрационална понуда. Очекуваната провизија е 0,01 процент, соопштија од Собранието.
Сметаат дека сега е обезбедена конкуренција, а ќе се склучи рамковна спогодба со сите кои ги исполнуваат условите, и конкуренцијата ќе обезбеди поевтино и пофункционално патување.
Инаку, двата тендера ќе бидат објавени на Европски сајт за јавни набавки за да може и меѓународни агенции да конкурираат. Постапката трае 45 дена, а пред самиот почеток на постапката се спроведува технички дијалог на кој немавме ниту една забелешка.
Патните расходи за авио билети за 2018 година биле 5.687.163 денари. 13 милиони денари се предвидени и за сместување за период од две години. Дел од средствата се од донација од Швајцарската агенција за развој за потребите на Парламентарен институт. Очекуваната провизија е 0,01 процент. Досега секој одделен сектор сам резервираше хотели, се вршеа резервации со картички, и сега нема секој одделно да резервира хотели и треба да се исполни минимумот услови, минимум ѕвезди, 1 км. оддалеченост од настанот поради заштеда на средства за локален превоз и да има минимум три понуди, што значи ќе се избира најекономична и најповолна понуда
.
Собранието на Република Северна Македонија има Календар за претстојни активности од областа на меѓународна соработка. За 2019 година се планирани 106 настани. Се работи, меѓу другото, за седници на ПС на НАТО, годишна сесија на ПС на Совет на Европа, Студиска посета на НАТО, Состанок на комисии, Парламентарно собрание на ОБСЕ, состанок на МПК-РМ и ЕУ, Генерално собрание на ОН, Рос-Рот семинар, Комисија за миграции на ПС на СЕ. Во Собранието има 8 постојани делегации за мултилатерална соработка и 46 делегации за билатерална соработка. Има соработка на ниво на работни тела, на пример за соработка на Националниот совет за европски интеграции и Комисија за европски прашања.
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија има посебна агенда.
На овие патувања одат пратеници од сите политички партии, според членувањето во групите за соработка или членување во делегации. За секое патување по добиената покана, заседава и одлучува Претседателството на Собранието.
Во 2015 година за авио билети се потрошени 4.780.510, а за сместување 5.140.831, 2017 година, поради настаните и делумното неработење на Собранието за сместување се потрошени 3.234.062 и за авио билети 1.887.032.
Во 2019 Собранието го очекува интензивна меѓународна соработка. Отпочнат е скрининг процесот по поглавја на кои учествуваат и административни службеници од Собранието.
Редовни меѓународни активности
Во текот на секоја календарска година, во редовните активности на меѓународните парламентарни собранија и на меѓународните организации предвидени се повеќе меѓународни настани од мултилатерален карактер за кои се добиени известувања или покани за учество на пратеници и делегации. Секторот за меѓународна соработка, врз основа на расположливите информации, во декември секоја година подготвува Календар на претстојни активности, кој се доставува до надлежните во Собранието. Календарот е подготвен врз основа на расположливите планови, календари и програми за работа на меѓународните организации во кои членува или со кои соработува Собранието, со реална можност истиот да се измени и/или дополни во текот на годината.
НАТО интеграција
Меѓународната соработка на Собранието на Република Северна Македонија, по потпишувањето на Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО од страна на земјите-членки на НАТО на 6 февруари 2019 г. во Брисел, станува позасилена и позајакната, со оглед на тоа што ПС на НАТО започна да го поканува Собранието на Република Северна Македонија на сите состаноци, во својство на земја членка, бидејќи сме во фаза на финализирање на полноправниот статус. Собранието во ПС на НАТО е претставено преку тричлена делегација.
Понатаму, ратификацијата на Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО започна на 8 февруари, со потпишувањето од страна на Парламентот на Република Грција. Досега (заклучно со 18 март 2019), за само пет седмици, извршени се вкупни осум ратификации, на кои претседателот на Собранието (или негови заменици) беше официјално поканет да учествува како специјален гостин на седниците кога се вршеше ратификацијата. Се очекува овој процес на ратификации да оди со засилена динамика и да финишира до крајот на 2019 г., пред Самитот на НАТО посветен на 70-годишнината од постоењето на НАТО, што ќе се одржи во Лондон, Обединетото Кралство.
ЕУ интеграција
Оваа година се засилени и активностите на Собранието во европската агенда. На јунскиот Самит на Унијата очекуваме отворање на преговори за полноправно членство во Европската Унија, при што ќе бидат интензивирани и контактите и средбите на ниво на делегациите меѓу двата парламента, и на ниво на поединечни посети.
Собранието на Република Северна Македонија, согласно член 114 од ССА (Спогодбата за асоцијација и стабилизација), има формирано Делегација, која е во состав на Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска Унија и од македонска страна има: претседател, двајца потпретседатели, 10 членови и 10 заменик-членови. Идентичен е составот и на Делегацијата од Европскиот парламент. Досега Мешовитиот парламентарен комитет-Република Северна Македонија и Европска Унија има одржано 15 состаноци.