Проект за популаризација на „вулканот“ кај Косел

Заштита и промоција на сулфатарата „Дувало“ што се наоѓа кај селото Косел во близина на Охрид како природен феномен е цел на проектот што ќе го спроведува Здружението за одржлив развој „Син проект“ од Охрид во рамки на Програмата за подобрување со управувањето на заштитените подрачја финансирана од Европската унија, а имплементирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Проектот „Дувалo: Од предизвик до решение – Промоција и заштита за одржлива заедница” предвидува подигнување на степенот на заштита на таа природна реткост со активно вклучување на локалната заедница, а во насока на негова промоција како атрактивна туристичка дестинација.

Планирани се повеќе активности во рамки на проектот во насока на популаризација на локалитетот, за негова поголема посетеност, како од туристите така и од ентузијастите и експертите од областите геологија, географија, сеизмологија, екологија и слично.

Дувалото или како што локалното население го нарекува вулканот кај Косел, претставува активна поствулканска појава, со минијатурен кратер со пречник од половина метар и длабочина од 30 сантиметри. „Дувало“ претставува последен знак на изумирање на некогашна вулканска активност во регионот и претставува еден од ретките слични феномени во овој дел на Европа. Токму тоа беше причина во 70-те години Собранието на општина Охрид да му додели статус на природна реткост.