Продолжува војната во државниот врв: Фатете го велепредавникот!

Нова тура обвинувања за тоа кој работи против интересите на Македонија размени вчера државниот врв, откако претседателот Ѓорге Иванов, само неколку часа пред почетокот на министерскиот совет на ЕУ во Луксембург, го соопшти она што беше извесно – дека става вето на договорот со Грција.
Покрај познатите образложенија дека договорот не е во согласност Уставот и дека излегува од рамките на резолуциите на Советот за безбедност на ОН, Иванов обвинува и за дела против државата, како што е загрозување на независноста. Но и од владејачкиот СДСМ сметаат дека Иванов треба да одговара за дела против државата затоа што ги кочи стратегиските определби за членство во НАТО и во ЕУ.

„Спогодбата ја доведува Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава, односно Грција. Според член 308 од Кривичниот законик, граѓанин кој ќе ја доведе Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава ќе се казни со затвор од најмалку пет години. Озаконувањето на оваа спогодба создава правни последици што се основа за кривично дело“, наведува Иванов во писмото со кое го известува Собранието дека нема да го потпише Законот за ратификација на договорот со Грција.

Иванов стави вето на последниот ден од рокот во кој требаше да се изјасни дали ќе ја потпише ратификацијата. Сега, Законот се враќа во парламентот, а оттаму најавија дека уште до крајот на оваа седмица или најдоцна во текот на следната ќе биде закажана седницата на која повторно ќе се гласа за ратификација на договорот за името, иако рокот за тоа е до 30 дена. Овој пат, парламентот треба да обезбеди минимум 61 глас за Иванов да биде обврзан да стави потпис на ратификацијата и таа да биде објавена во „Службен весник“, за да стапи во сила. Тоа нема да биде тешка работа, со оглед на тоа што минатата седмица за ратификација на договорот гласаа 69 пратеници. Сепак, не е исклучено шефот на државата и овој пат да употреби „апсолутно вето“, иако таков механизам не е предвиден со македонскиот Устав.

Според експерти по кривично право што ги консултиравме, доколку Иванов и овој пат оди на „апсолутно вето“, тоа би значело второ прекршување на Уставот по ист основ, односно по линија на неисполнување на неговата уставна обврска да потпише закон што по вторпат е донесен со апсолутно мнозинство. Сепак, како што наведуваат нашите соговорници, треба да се има предвид дека со Уставот не се предвидени санкции за вакви случаи, како што не е предвиден ниту рок во кој претседателот треба да стави потпис при второто изгласување на законот, иако тука може да се оди по аналогија на седумте дена што се предвидени за негово изјаснување по првото донесување на законот. Прекршувањето на Уставот, според познавачите, може да претставува основ за покренување импичмент против шефот на државата. Проблемот е во тоа што за утврдување одговорност на претседателот за непочитување на Уставот (што би значело престанок на неговиот мандат) е потребно двотретинско мнозинство – прво во парламентот, а потоа и во Уставниот суд. Пратеникот Артан Груби од ДУИ изјави вчера дека импичментот за Иванов е подготвен, но дека се чека вистинскиот момент тој да биде доставен до Собранието.

– Продолжува инфантилната политика на Иванов и жалам за тоа, но морам да ги убедам граѓаните дека нема да се дозволи еден узурпатор кој нема легитимитет, посебно кај Албанците, да ја суспендира работата на Собранието кога целиот демократски свет го поздрави договорот – рече Груби.
Иванов, според него, предводи мала група која е против евроатлантска интеграција на земјата. Пратеникот на ДУИ посочи дека се прават консултации за да се избегне блокада од Иванов, ако и по повторното изгласување не стави потпис на Указот за ратификација на договорот со Грција.

Спикерот Талат Џафери, во неколку наврати, во изминатиот период изјавуваше дека Иванов прави кривично дело со непотпишување на Законот за јазици. Сепак, досега не е поднесена кривична пријава за шефот на државата, додека ВМРО-ДПМНЕ најави неодамна тужба против Џафери за наводно кршење на процедурите при ратификацијата на договорот со Грција, затоа што беше заобиколена Комисијата за надворешни работи.
Што се однесува до „сомневањата“ на Иванов за загрозување на независноста, нашите соговорници од областа на кривичното право сметаат дека претседателот можеби се повикува на Законот за склучување и ратификација на меѓународни договори, каде што стои дека само шефот на државата може да потпишува договори кои се однесуваат на границата, стапување во сојузи со други држави и други договори што, според меѓународното право, ги склучуваат шефови на држави. Меѓутоа, според нашите соговорници, во случајот со Грција не станува збор за таков договор, туку за спогодба со која се уредуваат односите меѓу две држави, така што обвинувањата на Иванов, како што се наведува, немаат основа. Делото загрозување на независноста што го спомнува Иванов е предвидено со поглавјето „Кривични дела против државата“ во Кривичниот законик на Македонија. Во овој дел се предвидени и дела како велепредавство, признавање окупација, „загрозување на територијалната целина…

Според СДСМ, Иванов работи на директна штета на граѓаните, против Македонија и против македонската иднина.
„Во клучниот период, кога земјава е пред шанса за добивање датум за почеток на преговори за членство во ЕУ и пред шанса за добивање покана за влез во НАТО, Иванов продолжува со деструктивните политики. Нема поголемо дело против државата и граѓаните од погрешното, деструктивно однесување на Иванов денеска, но и во изминатите години“, оценија од СДСМ откако Иванов соопшти дека не го потпишува указот на ратификацијата. Од владејачката партија велат дека за иднината нема да одлучува Иванов, туку сите граѓани на референдум.

Од Владата, пак, посочија дека потегот на шефот на државата е очекуван, ама дека неговото вето нема да влијае на имплементацијата на договорот. Владата на Грција веќе ги испрати писмата до ЕУ и НАТО, велат од кабинетот на Заев, посочувајќи дека волјата на граѓаните на референдумот ќе биде обврзувачка за сите политички субјекти без разлика во која форма ќе го има изјаснувањето.
Александра М. Митевска