Прислушувањата му биле предавани на Верушевски од 2011 година

Кон крајот на 2010 година двајцата единствени „свиркачи“ во Македонија, Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски, тогаш вработени во Министерството за внатрешни работи, направиле план како да обезбедат докази за нелегалното прислушување во Македонија, а од почетокот на 2011 година прислушуваните материјали кои успеале да ги извлечат од Управата за безбедност и контразузнавање континуирано му ги предавале на поранешниот директор на УБК, Зоран Верушевски. Свиркачот кој заедно со својот колега го откри нелегалното прислушување пред новинарите раскажа детали за „бомбите“ што ја сменија власта и донесоа промени. „Ги вадевме од МВР, јас правев копии и му ги предавав на Верушевски“, раскажува Лазаревски.

Она што зачудува во овој процес е тоа што двајцата свиркачи успеале да копираат само дел од прислушуваните разговори, два до три проценти. Лазаревски вели дека не може да процени и да каже колку докази од целиот материјал успеале да обезбедат. За него е неразбирливо од која причина во УБК се прислушувала поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кои важеа за блиски соработници на тогашниот премиер Никола Груевски.

Последиците од откривањето на прислушуваните материјали, Лазаревски и Костовски ги чувствуваат и денес и свесни се дека може да ги чувствуваат и нивните деца.

„Италијанската мафија вели ‘Одмаздата се сервира ладна’“, вели Лазаревски мислејќи на заканата која сѐ уште ги демне. Целиот процес го воделе тие двајца со Верушевски и никој не знаел за тоа. Со сегашниот премиер Зоран Заев, кој ги објави прислушуваните разговори како дел од проектот „Вистината за Македонија“, се сретнале само еднаш, и тоа во судница. Двајцата свиркачи долго време размислувале кому да му ги предадат овие материјали и иако го контактирале поранешниот директор Горан Митевски, сепак, довербата ја добил Верушевски.

„Му ги предадовме доказите, нашите судбини, судбините на нашите семејства, судбината на државата, во негови раце дадовме сѐ. Се предадовме на милост и немилост“, раскажува Лазаревски.

Најопасен период за двајцата разузнавачи бил од септември 2014 година до февруари 2015 година, односно кога тогашниот претседател на опозицијата Зоран Заев на средби со Груевски му откри дека поседува компромитирачки материјали за него. Тогашната власт сфати дека некој со нешто располага и дека нешто е изнесено од Петтата управа. Кога виделе дека полицијата го уапсила Верушевски, пријавиле во Министерството за внатрешни работи. Лазаревски го замолил неговиот колега Ѕвонко да организира средба во МВР, два дена пред јавно да почнат да се објавуваат „бомбите“. На состанокот, на кој присуствувал и тогашниот директор Горан Грујевски, кажале дека материјалите се обезбедени од Петтата управа од нелегалното следење на комуникациите што го вршело тогашното раководство. По 12 часа од состанокот, било покренато обвинението за случајот „Пуч“ во кој Верушевски беше обвинет за шпионажа, а Груевски на прес-конференција ја обелодени својата верзија дека во Македонија прислушувале странски служби со жолти комбиња. Според Лазаревски, Костовски е првиот јунак за Македонија.

„Ѕвонко е првиот јунак на Македонија. Прво ги обезбеди ‘бомбите’, ја наведе меѓународната заедница да се заинтересира за неговиот случај, а неговата алтернатива беше да се обвини СДСМ за злосторничко здружување“, вели Лазаревски. Обвинителот Златко Биковски и на Лазаревски му понудил спогодба која првично ја прифатил.

„Мене ми понуди 8 години затвор. Кога му реков дека прифаќам, обвинителот беше радосен, веднаш почна да врти телефони. Но јас знаев дека зборот не важи ништо и дека спогодбата треба да се потпише пред судија на претходна постапка. Тогаш пред судијата реков дека не ја прифаќам спогодбата бидејќи обвинителот ме приморува да прифатам туѓо кривично дело“, вели Лазаревски.

Иако Лазаревски му ги предал снимките на Биковски, тој не презел ништо и дозволил да се уништи опремата за прислушување. „Тоа е еклатантен пример за злосторничко здружување“, вели Лазаревски, кој смета дека и Биковски треба кривично да одговара.

Целта на двајцата укажувачи била да има одговорност за криминалот што се правел во УБК и нивната цел не била промена на власта. Дури вели дека најдобро за ВМРО-ДПМНЕ, во тој момент, ќе било да го признае нелегалното прислушување, да расчисти со структурата што го правела тоа, но партијата не ја искористила шансата.

Законот за укажувачите е направен да не се спроведува

Според Ѓорѓи Лазаревски, Законот за заштита на укажувачите, кој беше донесен поради нивниот случај, формално е направен за да не се спроведува. Според информациите од Владимир Георгиев, државен советник во Државната комисија за спречување корупција, од донесувањето на Законот за укажувачи досега нема ниту еден „свиркач“ кој пријавил корупција.

„Законот не е мотивирачки бидејќи поминаа неколку години, а не се појави ниту еден свиркач. Оваа влада не го смета за приоритет, иако претходната влада падна од информација добиена од свиркач“, вели Лазаревски.

Од 1.293 државни институции, обврската да поднесуваат шестмесечни извештаи за укажувачи до Антикорупциска доставувале едвај стотина институции. Казната за непочитување на оваа обврска е до 5.000 евра, но досега Антикорупциска не поднела прекршочна пријава за ниту една од нив.

Фросина Факова – Сеарфиновиќ