Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ пред распад

По неколкумесечен опозициски стаж, пратеничкото јадро на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ е пред распад. По игра на случајот, ова раслојување се интензивира токму на петгодишнината од „црниот понеделник“ во парламентот – настан што тогаш, од позиција на власт и на моќ, го предизвика ВМРО-ДПМНЕ која, пак, сега е соочена со внатрепартиски расцеп, што може да се одрази и на нејзиното функционирање во законодавниот дом.
Со шестмина пратеници без имунитет, десетина кои иницираа одложување на вонредниот конгрес и неколкумина од помалите партии кои бараат приклучок кон новата владејачка гарнитура, новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, тешко ќе обезбедува спроведување на партиските политики во Собранието. Дополнителен хендикеп за него, според проценките, е тоа што тој самиот не е член на парламентот. Освен тоа, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието нема моментно посилна политичка фигура на чија логистика би можел да смета новиот партиски претседател, со исклучок на неговиот претходник Никола Груевски, кој досега не беше многу активен во собранискиот живот.
Повеќето „тешкаши“ на ВМРО-ДПМНЕ кои сега се пратеници застанаа неодамна зад иницијативата за одложување на конгресот упатувајќи индиректни обвинувања на адреса на Мицковски дека влијае врз делегатите и дека ги крши конгресните правила. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, дури и јавно се огласи дека нема да биде меѓу делегатите во Валандово, оспорувајќи го легитимитетот на одлуките што ќе се донесат.
Пратеничкиот кампус на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, всушност, пред неколку месеци се подели на 10 помали пратенички групи, чие поединечно функционирање сега е доведено во прашање. За формирање пратеничка група, потребни се најмалку пет пратеници, а коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ веќе не располага со 51 глас во законодавниот дом, откако дел пратениците од помалите партии почнаа да заминуваат од опозицискиот табор (Чедомир Саздовски, Амди Бајрам…, а се споменуваше и Панчо Минов од ГРОМ).
Поранешниот долгогодишен спикер Трајко Вељаноски, некогашниот шеф на дипломатијата и потпретседател на Собранието, Антонијо Милошоски, првиот генерален секретар на партијата Борис Змејковски, поискусните пратеници Благоја Деспотоски, Нола Исмаиловска, Слаѓана Митовска… се дел од пратеничкото лоби кое бараше одложување на конгресот, а некои од нив не се ни појавија во Валандово. Очигледно е и дистанцирањето на поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски, кој, иако поднесе оставка од партиските функции, сѐ уште има резервирано столче во првата опозициска собраниска редица.
Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ не исклучуваат можност Мицковски да се соочи во парламентот со слична ситуација како и Никола Груевски по преземањето на партиското кормило во 2003 година, кога тогашниот опозициски табор почна да се раситнува на неколку пратенички групи. Пратеничката група на новоформираната ВМРО-НП, како најмногубројна, го презеде во тоа време приматот во опозицискиот блок кокетирајќи потајно со тогашната власт на СДСМ, ДУИ и на ЛДП, додека таборот на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ беше сведен на помалку од десет пратеници.
Коалицијата „За подобра Македонија“ влезе како најмногубројна во парламентот по изборите минатиот декември, со 51 наспроти 49 пратеници на коалицијата на СДСМ. Но, само ВМРО-ДПМНЕ располага со 42 пратенички места, од кои пет се празни моментно поради одредениот притвор на пратениците, додека шестиот пратеник Љупчо Димовски е од редовите на Социјалистичката партија.
Последните случувања, всушност, покажаа дека најголемата опозициска партија не може да се потпира повеќе на помалите партии од нејзината изборна коалиција, чии пратеници почнаа на големо да „флертуваат“ со СДСМ. Според проценките меѓу пратениците, започнатото раситнување на опозицијата во законодавниот дом е и една од причините поради кои владејачките СДСМ и ДУИ можат да си дозволат комоција да се откажат од соработка со „Алијансата за Албанците“. Пресметките покажуваат дека СДСМ и ДУИ овој пат и без Зијадин Села може да обезбедат минимум 61 пратенички глас за рекомпонирање на собраниското мнозинство, па и за обезбедување негова стабилност, со поддршка на дел од пратениците кои влегоа во овој собраниски состав како кандидати од листите на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицковски во своето обраќање по изборот за лидер порача дека ќе им подаде рака и на неговите неистомисленици во партијата кои се огласија за време на подготовките за конгресот. Сепак, проценките се дека досега не толку политички експонираниот нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ тешко ќе се носи со далеку поискусните сопартијци од кои повеќето се и со долг собраниски стаж. Очекувањата се дека Мицковски ќе биде принуден на многу маневри во ситуација кога од опозицијата се очекува да се вклучи активно во реформскиот процес што го подготвува владата. Наспроти тоа, ВМРО-ДПМНЕ веќе еден месец применува „тивок бојкот“ на работата на парламентот поради процесот што се води за настаните на 27 април. Од новото раководство на партијата се очекува набрзо одлука дали ВМРО-ДПМНЕ ќе објави и формално бојкот на Собранието или ќе се врати назад во собраниската сала – делумно или во полн состав.
Александра М. Митевска