Партиите „избришани“ и во избирачките одбори

Партиите останаа без свои претставници и во избирачките одбори за престојниот референдум. Гласањето на избирачките места на 30 септември ќе го спроведуваат по тројца членови и нивни заменици, сите од редот на администрацијата.

Избирачките одбори за престојното граѓанско изјаснување, како што објаснуваат од ДИК, се формирани согласно Законот за референдум, според кој

избирачкиот одбор е составен од претседател, двајца членови и нивни заменици. Наспроти тоа, Изборниот законик, според кој се организираат изборните циклуси, предвидува иззбирачки одбори со претседател и четворица членови и нивни заменици. По двајца од членовите на избирачките одбори и нивните заменици, за време на избори, се од редот на најголемите партии на власт и во опозиција. Другите тројца членови и нивните заменици, пак, се вработени во јавната и државната администрација.

На престојниот референдум, партиите, како и институциите – Собранието и Владата, ќе немаат исто така свои набљудувачи на гласањето. Референдумот ќе биде единствено под мониторинг на граѓанските домашни и меѓународни организации кои се пријавиле за следње на процесот.

Бројката на пријавени набљудувачи за референдумот е рекордна. Бројка на акредитирани домашни набљудувачи е 11.907, на странските набљудувачи – 493, а меѓународните организации акредитирале и 194 преведувачи. Покрај домашни, референдумот ќе го следат и странски новинари. ДИК акредитирала 83 новинари од 32 медиуми.

Референдумот во недела ќе го набљудуваат 197 набљудувачи на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, а тие акредитирале и 129 преведувачи.