Општина Кочани ќе кофинансира изградба на пат до локалитетот Добра Вода

Општина Кочани со средства од буџетот ќе кофинансира во изградбата и асфалтирањето на пристапниот пат од селото Оризари до манастирот „Пресвета Богородица“ кај локалитетот Добра Вода.

Проект е одбран како еден од приоритетните на седницата на Центарот за развој на Источниот плански регион и за него е поднесена апликација за финансирање од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Се очекува потребните средства да се добијат од Програмата за финансиска поддршка на рурален развој на 2018 година за мерката „Зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја“

– Вредноста на проектот е близу 26 милиони денари, а локалната самоуправа на Кочани се обврзува да го плати износот на данокот на додадена вредност и да учествува во финансирањето на дел од изведбените работи. Должината на делницата е околу два километри и со нејзината изградба ќе се овозможи асфалтно поврзување на локалитетот со населбата Оризари, истакна Влатко Димитров, раководител на секторот за урбанизам.

Изградбата на патот до локалитетот Добра Вода е едно од приоритетните барања на жителите од тој крај, посебно заради големите празнични собири што се организираат за неколку верски празници во текот на годината.

Од општината очекуваат со подобрената патна инфраструктура да се создадат подобри услови за туристички развој на овој дел од Осоговијата.