Одговорноста за прислушувањето – услов за ЕУ

Одговорноста за масовното прислушување во Македонија и пресудите за висока корупција влегоа во препораките на европските министри, како услови за почнувањето на преговорите со ЕУ. Брисел го постави патот кон отворање пристапни преговори во јуни 2019 година, но бара опипливи и конкретни резултати во борбата против корупцијата и во судските реформи.

Во заклучоците од вчерашниот министерски состанок во Луксембург децидно се бараат проактивни истраги, обвиненија и конечни пресуди во случаите на корупција и организиран криминал, вклучително на високо ниво, реформа на разузнавачките и безбедносните служби и на јавната администрација. Зошто некои од земјите членки на ЕУ не гледаат прогрес во овие реформи?

Неколку години по објавувањето на „бомбите“, по промената на власта и почнувањето на судските процеси против функционерите од минатата власт, специјалното јавно обвинителство доби само еден од шестте случаи што се водат против поранешниот премиер Никола Груевски, но тој не заврши во затвор бидејќи пресудата за набавката на луксузниот „мерцедес“, сѐ уште не е правосилна.Единствено во притвор заврши поранешниот помошник-министер во Министерството за внатрешни работи, Ѓоко Поповски, кој беше осуден на девет години затвор за набавката на полициските возила и на шест и пол години затвор за набавката на „мерцедесот“.

На затвор од една година и шест месеци беше осуден и поранешниот разузнавач, Горан Грујевски, но оваа пресуда „падна“ пред Апелацискиот суд. Грујевски заедно со неговиот колега Никола Бошкоски слободно се шетаат во Грција откако Врховниот суд одби да ги екстрадира во Македонија, каде што треба да им се суди за масовното прислушување.

Од вкупно 14 пресуди изречени за случаите што ги отвори специјалното јавно обвинителство, десет лица се осудени на условни казни, од кои четворица се осудени врз основа на признание на вина во случајот „Насилство во Центар“.

Условна казна за затајување данок доби и новинарката Ивона Талевска. На нејзиниот колега сѐ уште му се суди, за најголем дел од поранешните функционери против кои се покренати обвиненија, судските процеси сѐ уште траат. Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, се повикува на аболицијата што му ја даде претседателот Ѓорге Иванов, а неговата пријателка од „бомбите“, поранешната министерка Гордана Јанкулоска, остана бремена па за неа судењата се пролонгираа.

Во еден дел од документот Советот го поздравува првиот конкретен напредок во насока на враќање на независноста на судството, подобрување на работата на судовите и следење на работата на СЈО, со што почнува да се намалува назадувањето од претходните години, но од СЈО не ги коментираат забелешките на ЕУ.Оние што со години се во судовите и ја следат работата на Кривичниот суд во Скопје, каде што се одвиваат најголемите судски процеси и им се суди на функционерите од поранешната власт, сметаат дека судството ниту е реформирано ниту се прави чекор напред.

„Постојано со години се укажува на истите проблеми во судството и се даваат истите препораки што треба да се направи. Дури, покрај овие препораки, го имавме извештајот на Прибе, затоа што реформи во правниот систем не се направени. Ние се соочивме со огромно масовно прислушување, формиравме специјално јавно обвинителство и сѐ уште нема резултати“, вели адвокатот Звонко Давидовиќ.Тој забележува и дека нема никаква разврска за кривичните дела за несовесната работа на судии и јавни обвинители, а нема одговорност ниту за местењето на судските предмети.
„Ништо не е преземено, не се направени ни кадровски промени. Нема одговорност ниту за судскиот совет, нема одговорност за ништо, треба да се утврдат тие работи и да се понесе одговорност“, вели Давидовиќ.

Според него постапките на СЈО одат бавно, а бранителите ја користат секоја законска можност и право во корист на своите клиенти.
„Ако обвинителствотото има квалитетни докази и успее да го докаже она што го тврди, ќе има осудителни пресуди, ако нема докази, нема да има ни пресуди“, вели Давидовиќ.

Министерката за правда Рената Дескоска неодамна порача дека заврши времето на избор на судии од тефтерчиња. По забелешките на ЕУ, Дескоска вели дека реформите во областа на судството се веќе почнати.

„Донесена е Стратегија за реформи во правосудството. Веќе се направени дел од измените на законите, но исто така ни претстои нов турнус на измени кои треба да опфатат дел закони за судство – Законот за судови кој се носи со двотретинско мнозинство, Законот за јавно обвинителство, Законот за судски совет… Законските текстови кои беа донесени за законот за судови и за судски совет се веќе пратени во Венецијанската комисија, чекаме од нив мислење за она што досега е изменето и дали доследно се имплементирани препораките кои претходно беа дадени. Во процесот на реформи првична основа ќе ни бидат препораките на Венецијанската комисија, мислењата и ставовите на ЕК и секако извештајот на Прибе“, рече Дескоска.

Во Министерството е формирана работна група која работи на измени на законската регулатива за спречување на корупцијата, што ќе значи нов начин на формирање на антикорупциската комисија. Министерството за правда ќе ги менува надлежностите на оваа комисија која моментално нема ниту претседател ниту членови.

Фросина Факова – Серафиновиќ