Објавена нацрт- стратегијата за реформа на администрацијата

Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) ги објави нацрт верзиите на стратегијата за реформа во јавната администрација 2018-2022 и на акцискиот план за спроведување на стратегијата.

Стратегијата ги утврдува мерките кои ќе бидат преземени во наредните пет години за остварување на општите и посебните цели дефинирани во секоја од приоритетните области.

Според МИОА, приоритетните мерки во областа јавна служба и управување со човечки ресурси ќе бидат насочени кон деполитизација на администрацијата, преку унапредување на постапките за селекција, вработување и унапредување врз основа на начелата на заслуги, еднаков и фер третман, како и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците.

Акцискиот план ги дефинира: мерките и активностите кои ќе придонесат кон постигнување соодветната посебна цел; водечките органи надлежни за спроведување на активностите и другите органи кои ќе бидат вклучени во спроведувањето; почетниот и крајниот квартал во соодветната година што претставува временска рамка за спроведување на активностите; проценка за потребните средства и изворот на финансирање и индикаторите за мерење на успешноста кои се дефинирани на ниво на општа цел, на посебни цели и на мерки.

МИОА посочува дека на двата драфт документа се работеше подолго време и оти во процесот биле вклучени сите засегнати страни. Стратегијата и акцискиот план се резултат вклученост на четирите работни групи во кои учествуваа претставници на граѓанските организации формирани во јуни годинава, ангажманот на домашни и странски експерти и инпут од СИГМА.