Ниту консензуален не може да победи во прв круг

Оптимистичките најави на претставници од СДСМ дека кандидатот за претседател што ќе го изберат заедно со ДУИ може да победи уште во првиот круг од изборите се невозможна мисија. Во ситуација на разочараност и апатија кај македонските граѓани, прашање е дали и во вториот круг ќе има цензус потребен за да се добие наследник на Ѓорѓе Иванов. Од тие причини, политичката елита во земјава можеби треба да размисли дали да ги зголеми ингеренциите на претседателот или, уште пореално, да го намали потребниот минимум гласови за избор на „шеф на државата“. Како и околу третата опција, дали можеби е подобро тој да се избира во парламентот, што ја отвори како дилема неодамна и премиерот Зоран Заев.

Заев и Ахмети на средби по одморот

На 94 дена од денот кога над 1,8 милион запишани избирачи треба да излезат и да гласаат ниту една од поголемите партии немаат истакнато кој е нивниот фаворит. Во владејачката коалиција, најверојатно, ќе биде договорен консензуален кандидат кој, како што велат, најдобро ќе ги претставува граѓаните и кохезивноста на општеството. Се очекува лидерите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, да имаат интензивни средби откако ќе им завршат одморите и да видат која е личноста што ќе ги спои.

А, според информациите што доаѓаат од социјалдемократските кругови, неколку истакнати политичари од нивните редови не би имале против доколку бидат кандидирани за претседател. Напротив, тие отворено испраќаат сигнали или, пак, во најмала рака не се децидно против идејата да се преселат на Водно. Како прв фаворит во моментов се издвојува националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, кој беше кандидат на СДСМ и на претходните претседателски избори во април 2014 година. Во услови на тотален хаос на „Бихаќска“ и целосна доминација на ВМРО-ДПМНЕ, тој успеа да освои 398.077 гласа, што, сепак, не беше доволно за победа бидејќи за Ѓорѓе Иванов гласаа над 530.000 граѓани.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски важи за близок соработник на Заев и како што вели самиот остава премиерот да одлучи дали ќе го кандидира за претседател на државата, а тој, како и досега, ќе дава максимум и ќе работи професионално на секоја позиција. Министерот за надворешни работи Никола Димитров вчера изјави дека во моментов не е време да се разговара околу тоа дали има претседателски аспирации, но не ја затвора вратата за таква опција.

Имер Селмани, кој освои голем број македонски гласови на претседателските избори во 2009 година, сè уште не донел одлука да си ја проба среќата и годинава, иако многумина му го предлагале тоа. Смета дека не треба да преовладуваат личните, туку интересите на државата, при што идните кандидати треба да имаат поддршка од партиите, граѓаните и здруженијата. Сепак, и тој навести дека размислува за таа опција. Покрај оваа четворка, како можни кандидати се споменуваат и вицепремиерката Радмила Шекеринска и професорот Денко Малески.

ВМРО-ДПМНЕ нема да бојкотира

Практично невозможно е дури и да имаат најидеален кандидат, тој да победи во првиот круг бидејќи за тоа ќе му треба поддршка од барем половината запишани гласачи во избирачкиот список, односно исто како и за референдумот- околу 903.000 гласа. Нивниот консензуален кандидат, веројатно, би имал предност во вториот круг, но доколку ВМРО-ДПМНЕ реши да бојкотира, се поставува прашањето дали ќе се обезбеди и цензусот од 40 отсто од регистрираните граѓани – значи околу 720.000 гласа. Со ваков закон, претседателот на државата се избира со поголем број гласови отколку Владата, а има многу помали ингеренции“, ни изјави аналитичарот Петар Арсовски.

Тој предлага или да се поедностави начинот на избор на претседател, односно да се укине цензусот во вториот круг или новиот шеф на државата да се избира во Собранието.

Го претпочитам првиот начин за да биде баланс на власта. Или тоа или да му се зголемат ингеренции доколку не биде ништо променето и продолжи како и досега да се избира претседател на државата“, заклучува Арсовски.

Премиерот Заев рече дека доколку пропаднат претседателските избори, односно ВМРО-ДПМНЕ бојкотира, со државата ќе раководи парламентарниот спикер (во случајот Талат Џафери), а потоа ќе се донесе нов закон, според кој претседателот на државата ќе се избира во Собранието, што де факто ќе значи дека владејачкото мнозинство без проблеми ќе си постави свој човек.

Во ВМРО-ДПМНЕ од вчера демантираат дека ќе ги бојкотираат претседателските избори, иако и натаму инсистираат заедно да има и предвремени бидејќи сметаат оти ќе победат на какво било соочување со власта пред граѓаните.

Идниот кандидат за претседател треба пред сè да ја сака својата татковина Република Македонија. Да биде чесен, да биде почитуван од средината, да е семеен човек, да е човек од збор, тоа што ќе го вети и да го оствари. Да не биде манипулатор и да не лаже“, рече лидерот Христијан Мицкоски.

Јавниот оглас во опозициската партија ќе биде отворен до 31 јануари, по што кандидатите ќе имаат две недели да им ја образложат програмата на општинските комитети. Фаворитот на опозицијата ќе биде познат на Конвенцијата на партијата закажана за 16 февруари. Досега се споменуваат имињата на Влатко Ѓорчев, Антонио Милошоски, Трајко Славески, Гордана Силјановска, Зоран Ставрески, Ганка Цветанова… Парламентарниот спикер најави дека изборите ќе бидат распишани на 8 февруари, а ќе се гласа на 21 април и на 5 мај. Мандатот на Иванов завршува на 12 мај.

Горан Адамовски