Нивици сведок на потписите, неговите жители со надеж за подобар живот

Македонци, македонски јазик беа зборови кои мошне често можевме да ги чуеме од локалните жители на малото рибарско место Нивици (Псарадес) во грчкиот дел на Преспа, кои низ разговор малку срамежливо, но со радост во очите ги кажуваа завчера додека ги пречекуваа гостите од Македонија, кои присуствуваа на настанот на потпишувањето на договорот за решавање на спорот со името, пишува МИА.

Псарадес или на македонски Нивици, завчера беше домаќин на свечената церемонија, на која во присуство на високи претставници на меѓународната заедница беше потпишан договорот меѓу Македонија и Грција за решавање на спорот со името.

Локалните жители беа исклучително љубезни и покажаа големо гостопримство кон делегациите, новинарските екипи, имаше околу 60-тина од Македонија, Грција, Бугарија, Албанија, но и досписици на познати светски медиуми и кон сите оние кој дојдоа во нивното родно место за да присуствуаат на потпишувањето. Велат дека толку многу луѓе во нивното место не виделе со години.

Псарадес е мирно рибарско местенце со околу 70 постојани жители и во него ретко се случуваат големи настани, како тој завчера, така што локалните жители беа подготвени да ги пречекаат гостите на најдобар можен начин.

Се наоѓа на најјужниот дел на големото Преспанско Езеро, на подножјето на Галичица, во близина на тромеѓето меѓу Македонија, Албанија и Грција. Сместено е на полуостров, на долг тесен залив.

Новинарите кои го следеа настанот, што се одвиваше под исклучително зајакнати мерки за безбедност имаа можност да се движат во мал простор од селото, чиј атар е 16 километри квадратни.

До пристигнувањето во Нивици, од преминот Меџитлија, беа поставени неколку полициски пунктови на кои беа пропуштани оние возила кои имаа дозвола тој ден да престојуваат таму.

Пред местото, каде што се одржуваше церемонијата имаше поставени контролни пунктови и секој од новинарите мораше да помине низ детален преглед и скенер, а потоа слободно да се движи на локацијата каде беше потпишан договорот.

Бината беше поставена покрај самото езеро, недалеку имаше таверна, а на горниот кат од куќата, мајка со две мали дечиња, кои беа сведоци на настанот, а кои беа единствените деца.

Еднаш годишно во Нивици се одржува уметничка колонија, а екипата на МИА разговараше со еден од постојаните учесници на тој настан, Гркот, Филипос, кој не сакаше да се фотографира, но сакаше да ни ја раскаже неговата приказна.

Тој живее во близина, во Флорина или Лерин, а завчера беше дојден во Нивици за да присустува на настанот, за самиот, како што ни рече, да ја почувствува атмосферата и да биде сведок на тоа што се случуваше.

Филипос вели дека е крајно време да се реши ова прашање, двата народа да живеат во слога, да се отворат можностите за зајакнување на соработката од секаков вид и пред се да се отворат вратите за поврзување на младите преку уметноста и културата.

– За четири пет години целата оваа фама што се крева околу договорот и кај вас и кај нас ќе спласне ќе се заборави. Работите ќе заживеат. Мора да се признаеме и афирмираме едни со други. Луѓето мора да живеат и да се посветат на суштинските работи, а политичарите и во едната и во другата земја треба да престанат да профитираат од овој спор, изјави Филипос.

Ни кажа дека во целата општина Преспа на грчка територија пред граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година имало многу повеќе жители, но оти по војната голем дел од нив се иселиле и сега нивата бројка изнесува околу 1.600. Вели иселувањата продолжиле не само по војната, но и потоа бидејќи младите луѓе, како и секаде во потрага по подобар живот ги напуштале овие помали места, меѓу кои и Нивици и заминувале или во поголемите градови или надвор од земјата.

Жителите во Нивици разбираат и говорат македонски. Екипата на МИА на некои од нив им се обрати на англиски, но тие преферираа да комуницираме на македонски јазик.

Себе си се сметаат за Грци и дел од грчката држава, а со дел од нив со кои поразговаравме сметаат дека по потпишувањето на договорот, ќе се тргне напнатоста меѓу двете земји и ќе се овозможи послободна комуникација меѓу нивните граѓани. Поголемиот дел од жителите се постари, а претежно се занимаваат со риболов и туризам.

Нивици и многу села во околината се запоставени. Во селото сега живеат околу 70 луѓе, а претходно имало стотини. Куќите во селото се стари и дотраени, а местото може да се пофали со црква Успение на Пресвета Богородица, која датира од 19 век и таа е заштитено културно наследство.

Псарадес по граѓанската војна загуби многу од своите жители, остана изолиран зад границата, а најблискиот граничен премин со Македонија се уште е затворен, вели еден од локалните жители.

Преминот Маркова нога – Герман не е во функција веќе половина век, затворен е во 1967 година, а грчкиот премиер Алексис Ципрас на првата средба со премиерот Зоран Заев по обновувањето на преговорите за името, во Давос во јануари, вети дека преминот ќе биде отворен.

Изминатите 40 години не сме виделе некој тука да дојде со брод од другата страна, велат локалните жители на Псаридес.

Македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев во Нивици пристигна со брод, а по свеченото потпишување на договорот од страна на министрите за надворешни работи на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас, двете делегации со бродови се упатија од другата страна на Преспа, во Отешево, каде што се одржа вториот дел од официјалниот настан.

Поголемиот дел од локалните жители го поддржуваат договорот и сметаат дека со него работите ќе се придвижат, границите ќе се отворат и сето тоа го гледаат од економска гледна точка, поголеми можности за размена и соработка со другата страна.

Некои од нив беа скептични во однос на договорот за името, но велат дека политичарите во Грција мошне гласно го бранеле.

– Ајде да видиме, политичарите многу гласно зборуваат за договорот, ние сме едноставни луѓе и не разбираме што точно ќе се случува, но сакаме во пракса да видиме дали ќе биде подобро или полошо, велат тие.

Жителите на Псарадес живеат претежно од туризам и риболов. Пред економската криза во Грција многу туристи ги посетувале убавините на Преспа, нејзината уникатна природа и културното богатство, квалитетна храна, а во целиот регион почнал да цути екотуризмот. По економската криза приходот од екотуризмот значително се намалил и сега локалните жители велат дека се надеваат дека по договорот можеби работите ќе се подобрат во таа насока, ќе дојдат подобри времиња.

Екипата на МИА разговораше со некои од грчките новинари, кои беа тука да го проследат настанот. Тие ни кажаа дека во овие региони во северниот дел на Грција – Флорина (Лерин), Касторија (Костур), Преспа, Орестида, Гревена мнозинство од населението се грчки државјани, кои говорат на, како што тие го нарекуваат славомакедонски јазик.

Голем дел од нив заминале по граѓанската војна, се населиле во околните социјалистички земји и повеќе не се вратиле. Употребата на јазикот се уште е табу тема, велат тие.

Со новинарите со кои зборувавме велат дека граѓаните во овие региони, каде е и Псарадес по граѓанската војна па до неодамна, односно прецизираат до пред неколу години, биле репресирани поради тоа што зборувале на македонски јазик, бидејќи биле сметани дека тие ги навредуваат националните чувства и претставуваат национална опасност. Но, велат грчките новинари, ситуацијата е сменета во изминатите неколку години.

На прашањето дали сметаат дека по договорот оваа ситуацијата ќе се смени, нагласуваат дека тие се грчки граѓани, имаат грчки идентитет и тие заслужуваат да зборуваат на јазикот кој го сакаат, тоа е нивно цивилно право.

Грчките новинари веруваат дека ако се отвори границата локалните жители ќе имаат голема корист, но нагласуваат дека понекогаш луѓето се плашат од промени.

Овие села се изолирани, а колку луѓето живеат во поизолирани места, размислуваат на конзервативен начин и наместо промена одбираат статус кво, се плашат од промени, велат грчките новинари со кои МИА разговараше во Псарадес на денот на потпишувањето на договорот и додаваат дека се надеваат дека работите ќе се сменат и дека граѓаните на двете земји ќе почнат да се поврзуваат на повеќе нивоа, преку музиката, културата, уметноста.