Не е сè во цензусот

Александра М. Митевска

Во јануари 2012 година, во Хрватска, која едно време чекореше рамо до рамо со Македонија по евроатлантската патека, се одржа референдум за пристапување во ЕУ – околу половина година откако земјата ги заврши преговорите со Унијата. На референдумот излегоа 43,5 проценти од запишаните гласачи, од кои нешто повеќе од 66 проценти беа „за“ влез во ЕУ, а 33 отсто беа „против“.
Од вториот референдум во хрватската историја како самостојна држава поминаа близу седум години во кои оваа земја се етаблираше како членка на ЕУ, а претходно и на НАТО од 2008 година (кога Македонија замина со „вето“ од самитот во Букурешт“). Во тој период на евроатлантски прогрес на Хрватска, нашата земја константно возеше во рикверц низ патеката кон Брисел.
И сега кога Македонија, за многу кратко време, успеа да тргне повторно напред и да стигне пред прагот за влез во НАТО и пред старт на преговорите со ЕУ, благодарение на договорот од Преспа, од референдумот во недела зависи дали тие големи исчекори ќе продолжат или земјата ќе се врати повторно на стартната позиција.
Оттаму и се наметнува споредбата со референдумот во Хрватска, иако претстојниот референдум во Македонија не е за пристапување во ЕУ, туку, всушност, е за деблокада на патот што води кон таа цел. Притоа, најоптималното сценарио е на гласање да излезат над 50 проценти од вкупната бројка на македонски гласачи и мнозинството од нив да заокружат „да“ на референдумското ливче. Во таков случај, и оние кои во изминатите седмици најгласно повикуваа на бојкот, нема да можат да го оспорат легитимитетот на донесената одлука.
Но што ако в недела, на пример, излезат на гласање 900 илјади избирачи, од кои, да речеме, 99 проценти ќе заокружат „да“, наместо потребните 903.196 за да може да се прогласи „апсолутен успех“ на референдумот, макар и само 51 отсто од излезените да одлучиле „за“? Дали тоа значи дека ќе треба да се отфрли сето она што беше постигнато во изминатите месеци за конечно затворање на проблемот со Грција кој безмаку три децении го попречува меѓународното етаблирање и интегрирање на земјата, само затоа што тивките заговарачи на бојкот, можеби, ќе се растревожат што на гласање излегле, да речеме, 3.196 помалку од потребниот број избирачи? Или затоа што оние што сите овие месеци калкулираа со својот став за референдумот што, пак, своевремено го спомнуваа како една од најважните заложби на партијата, сега ќе се обидат повторно да се пазарат и да условуваат во понатамошните фази од спроведувањето на договорот со Грција.
Во Хрватска, пред близу седум години, 43,5 отсто одѕив, и покрај високиот процент гласови „против“ што не може да се занемари (меѓудругото и поради компромисот што беше постигнат претходно со соседната Словенија), беа доволни за да се легитимира референдумот за членство во ЕУ. Една од причините за лесната легитимација на тамошниот референдум можеби беше тоа што Хрватите, како и други европски држави, навреме ги апсолвираа препораките на Венециската комисија дека нема потреба од цензус за референдумско изјаснување. Затоа што со бришење на цензусот се брише и можноста малцинството да го држи во заложништво мнозинството граѓани со злоупотреба на бојкотот.
Во Македонија, пак, ниту доаѓањето на целата европска и американска дипломатско-политичка елита, како своевиден израз на меѓународен консензус за интегрирање на нашата земја во ЕУ и во НАТО, можеби нема да биде доволна за да се убедат бојкотирачите дека не е сè во бројките, туку дека далеку поважна е целта што треба да се постигне. А, една таква стратегиска цел за земјава, поставена уште на почетоците на нејзината независност, го оправдува и консултативниот карактер на референдумот за нејзиното постигнување и т.н. повеќезначност на референдумското прашање и инсистирањата на јасно изразена волја „за“. Затоа што влогот е преголем за да се дозволи малцинството преку бојкот да стави рампа на евроатлантската патека на земјата, сега кога сме пред нејзиниот финиш.
Тоа, во никој случај не е макијавелистички пристап кон реалноста, туку свесен и одговорен однос кон перспективите што се очекува да се отворат пред државата. Отсуството на внатрешнополитички консензус моментно во Македонија за постигнувањето на еден од приоритетите на државата не значи и отсуство на консензус кај граѓаните дека местото на нашата држава е во евроатлантското семејство.