Неподносливата леснотија на амнестијата

Александра М. Митевска 

Тоа што од нога беше закажана нова собраниска седница и што во доцни попладневни часови беше донесен Закон за амнестија за 27 април веќе не е најпоразителната вест поврзана со чудните сојузништва што зачестија во законодавниот дом во последната година. Откако уште пред два месеца, кога му гореше под нозе, премиерот Зоран Заев ја изговори „лозинката“ за помирување и простување за крвавиот четврток, јавноста чекор по чекор се помируваше со сознанието дека се неопходни болни и непринципиелни отстапки во име на една повисока цел.

Многу попоразителна е, всушност, неподносливата леснотија со која беше донесена тешката политичка одлука за амнестија. Прво, од аспект на брзината со која се постигна тоа, така што пратениците успеаја да го претекнат судот, каде што веќе една година тече процесот за крвавиот четврток и од каде што секојдневно излегуваат нови сведоштва што фрлаат друга светлина на настаните при изборот на новиот претседател на парламентот. Амнестијата за Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов… и за уште неколку десетици знајни и незнајни „јунаци“ од крвавиот четврток испадна побрза и од постапката за уставни измени, чија финална фаза е на самиот почеток.

Пратениците што ќе бидат амнестирани сега ќе имаат мотив плус да кренат два прста за уставните амандмани и со тоа да се претстават како прозападно ориентирани – со изразено чувство за значењето на договорот од Преспа за евроатлантската интеграција на земјата. Секако, доколку живееме во илузија дека јавноста страда од амнезија и не се сеќава на крвавата априлска вечер во законодавниот дом во која беа учесници и оние кои една и пол година подоцна, или пред точно два месеци, ги обезбедија одлучувачките гласови за пристапување кон уставни измени.

Најпоразителен е, сепак, податокот што осамна на екранот во собраниската сала, а кој покажа огромно и унифицирано мнозинство гласови „за“ со кои се ослободуваат од одговорност оние кои на 27 април минатата година, на овој или на оној начин, го помогнаа дивеењето на насилниците низ собраниските одаи, во обид да се оневозможи смената на власта. Да се носеа со такво темпо, со таква ефикасност и консензус и законите од кои зависат перспективите на државата, веројатно, многу работи ќе беа поинакви. Тогаш, можеби, ќе немаше ни потреба од донесување закон за амнестија, доколку, на пример, најголемата опозициска партија, наместо да се служи со блокади и опструкции, покажеше свест и совест за регулативите што ѝ го отвораат на Македонија патот кон ЕУ и НАТО.

Дел од учесниците во крвавиот четврток во парламентот се ослободени од кривична одговорност – со политичка одлука, со ретко видена брзина и со досега невиден консензус. Да се носеа така одлуките за референдумот, за уставните измени, за реформските закони, за конституирањето на ДИК или на Антикорупциската комисија… владејачката гарнитура немаше да мора да го става на клада својот политички кредибилитет за да истурка нешто што е од стратегиско значење за државата. И опозицијата, да играше конструктивно наместо деструктивно, немаше да биде претставена во јавноста како кочничар на интеграциските процеси и, веројатно, немаше да се соочи со раслојување и расцепкување при обидот да ги одбрани штетните политики на претходните „владетели“ во белата палата, кои го пишувале и црното сценарио за 27 април.

Наместо тоа, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за овој случај прво најавија дека нема да учествуваат во телото за помирување и дека не прифаќаат селективна амнестија. Потоа, соопштија дека го напуштаат процесот на уставни промени и излегоа од салата каде што заседаваше Уставната комисија. Но, неколку часа подоцна речиси сите до еден влегоа низ една друга врата – во собраниската сала за да учествуваат во донесувањето на Законот за амнестија. И тоа не за амнестија на кого било, туку за истите оние што ноќта на 19 октомври беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ затоа што гласале за пристапување кон уставни измени. Сега, не би требало да се сомневаме дека и претседателот на државата, кој здушно се бореше против договорот со Грција и уставните амандмани што произлегоа од него ќе побрза да стави потпис на регулативата за амнестија, без да навлегува во оценки дали е таа уставна и издржана како што зема да ги толкува законите за јазиците и за ратификација на преспанската спогодба.

Впрочем, не е толку тешко да се кренат два прста или да се стави потпис, кога некој друг ќе го заврши валканиот дел од работата! Како што е и поедноставно да се одобри избегнување на кривична одговорност кога веќе некој друг презема политичка одговорност за остварување на стратегиските интереси на државата. Од тој аспект, може да се разберат мотивите поради кои се пристапи кон подготвување на решението за амнестија, но не и формата преку која се изведе тоа, како што е тешко да се разберат и условувањата на кои беше изложено мнозинството од оние што на 27 април ги отвораа вратите на парламентот, а на 19 октомври овозможија отворање на Уставот.

Со тоа, сите станаа соучесници во релативизирањето на еден крвав скандал од калибарот на 27 април, чија судска разрешница требаше да претставува своевидна увертира во враќањето на принципите на правната држава. Единствена утеха е дека преседанот е направен во име на евроатлантските перспективи на државата и во насока на понатамошно исполнување на европските директиви кои во прв план, сепак, го ставаат владеењето на правото.