На прагот на НАТО: В четврток покана, во јануари членство

Оваа седмица почнува уште една клучна етапа за евроатлантското интегрирање на Македонија. Владината делегација патува со многу надеж за Брисел, каде што в среда почнува самитот на НАТО и каде што нашата земја ќе биде поканета да стане 30. членка на оваа организација.
Се очекува генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, в четврток – на вториот ден од самитот, да му ја предаде поканата за членство на премиерот Зоран Заев. Тој во Брисел ќе биде придружуван од министрите за одбрана, за надворешни работи и за евроинтеграции Радмила Шекеринска, Никола Димитров и Бујар Османи.

Договорот за името со Грција, а претходно и нормативните реформи што се презедоа во делот на судството и безбедносните служби ѝ ја донесоа на земјава поканата за членство, по еднодецениска блокада на нејзиниот пат кон НАТО, како резултат на грчкото вето. Она што не се случи во Букурешт во 2008 година треба да се случи оваа седмица во Брисел, а очекувањата на македонската влада се дека целиот процес за членство во НАТО ќе финишира за половина година.

По добивањето на поканата, според вицепремиерката и министерка за одбрана Шекеринска, Македонија очекува да седне на маса со алијансата и процесот на зачленување да не потрае подолго од шест месеци. Шекеринска, во интервју за Радио Слободна Европа, изјави дека не очекува да се појават дополнителни проблеми во текот на процесот. Според неа, на претстојниот самит ќе се исправи неправдата од Букурешт.
„Тоа што нашата држава го испушти од раце пред 10 години, сега треба да го земеме, да го искористиме и да обезбедиме нова шанса за Македонија. Поканата за членство во НАТО отвора еден процес што е кус, прилично интензивен, но завршува со исполнување на една од двете стратешки цели на оваа држава – полноправно членство во најмоќната алијанса во светот“, вели Шекеринска.

Таа посочува дека со моментот на потпишување на претпристапниот договор, дури и пред тој да биде ратификуван, оти и НАТО на крај одлучува со поддршка на сите земји членки, дури и пред да се случи ратификацијата во парламентите на сите 29 членки, Македонија веќе ќе седне на масата на НАТО. „Ќе седиме рамо до рамо со САД, со Велика Британија, Франција, Германија и со државите од нашето соседство и наместо за нас други да носат одлуки, ние ќе учествуваме во носењето одлуки. Тоа е практично голема шанса за Македонија да влијае таму каде што се носат крупните одлуки. Членството во НАТО ќе им даде шанса на сите граѓани на оваа земја да почувствуваат дека веќе никој не го доведува во прашање тоа дали оваа држава ќе опстане или не. Меѓутоа, членството во НАТО, исто така, значи и огромен мотор за македонската економија“, вели Шекеринска.
Договорот што владите на Македонија и на Грција го потпишаа во Преспа ѝ ја отвори повторно на нашата земја вратата на НАТО. Сепак, во периодот до полноправното членство, македонските власти ќе треба паралелно да го туркаат и процесот на имплементација на тој договор. Клучна работа што следува во тој правец е референдумот што треба да се спроведе на есен, а чија успешност би овозможила потоа да се премине на уставни измени согласно со договорот со Грција.

„Убедена сум дека мнозинството граѓани ќе се изјаснат за македонски идентитет, за македонска иднина и за членство во ЕУ и во НАТО“, вели Шекеринска. Во интервјуто за Радио Слободна Европа, таа нагласува дека на претстојниот референдум за името, како и во почетокот на 90-тите на референдумот за независноста, граѓаните имаат историска шанса, но и одговорност да ја донесат вистинската одлука.
Според министерката за одбрана, поважен е односот на сите политички партии кон референдумот, отколку дали тој ќе биде консултативен или задолжителен.

„Ако го читате Законот за референдум, ќе видите дека типот на референдумот зависи од тоа какво ќе биде прашањето. Ако прашањето е за нешто што се случило, тој е еден тип референдум. Ако е прашањето за нешто што можеби ќе се случи, може да биде консултативен, може да ги обврзе пратениците на некој начин или не. Според мене, клучно е секоја од политичките партии да не бега од одлуки и од одговорност и да не ѝ го блокира патот на Македонија за кој се изјаснува мнозинството од граѓаните на оваа држава“, нагласува Шекеринска.

Столтенберг, по неодамнешната средба со Заев во Брисел, ја објасни прецизно процедурата за членство во НАТО.
„По добивањето на поканата, ќе имаме пристапни разговори кои вообичаено траат неколку месеци. Ако внатрешните процеси во земјата се финализираат, ќе можете да влезете во НАТО. Тоа значи дека откако ќе ги финализираме пристапните разговори, ќе потпишеме пристапен протокол кој потоа мора да биде ратификуван во парламентите на 29 земји членки на НАТО. Сето ова може да оди многу брзо. Зборуваме за месеци. Штом Македонија ќе го финализира договорот, што значи да ги направи неопходните промени во Уставот, можеме да ја поканиме да стане член под новото име – Република Северна Македонија. Се надевам дека граѓаните на вашата земја ќе ја зграпчат оваа можност“, изјави генералниот секретар на НАТО. (П.Р.)