Највисока стапка на невработеност има во североисточниот регион

Невработеноста меѓу младите во Македонија може да претставува голем социо-економски проблем, кој негативно ќе влијае врз целата демографска и економска состојба на државата. Речиси половина од невработените се млади. Највисок степен на невработеност, според Државниот завод за статистика, има во североисточниот регион. Истражувањето на Симона Ковачевска на тема „Невработеноста на младите лица во североисточниот регион – предизвик и проблеми“, укажува на тоа дека младите мислат дека недостигот на врски и политичката определба се главните причинители за нивната невработеност. Тие немаат доверба дека пазарот на труд функционира според понудата и побарувачката на работна сила, туку според врските и политичката определба. Вкупно 80 отсто од испитаниците што се пријавиле во Агенцијата за вработување се изјасниле дека немаат помош од неа. Затоа младите се обесхрабрени да бараат работа преку огласи, па бараат преку неформални начини, врски од познајници и роднини.

„Ова може деструктивно да влијае на пазарот на труд и да предизвика демотивација кај младите лица за усовршување и градење кариера. Младите лица треба регуларно да се пријавуваат, со што ќе ја зголемат веројатноста за вработување, а Агенцијата треба поинтензивно да се вклучи во воведување локални мерки за намалување на невработеноста во овој регион“, стои во истражувањето на Ковачевска.

Младите мислат дека образованието, знаењето и квалификациите не влијаат врз вработувањето. Анкетираните граѓани што се невработени и живеат во една од шесте општини во регионот, иако немаат работа, не се заинтересирани да бараат работа во дејности кои имаат предиспозиции за развој на тој дел. Не бараат работа во дејностите, како што се земјоделската, сточарската и рударската. Над 60 отсто сакаат да работат во сопствени претпријатија, што може да се поттикне преку субвенционирани плати или грантови за отворање нови деловни субјекти под услов да се во некоја од дејностите која има можност за просперитет.

„Младите лица од овој регион бараат многу ниски плати, кои се далеку под законски утврдената минимална плата од 12.000 денари и под потребната плата за задоволување на основните потреби. Најниската плата под која младите не прифаќаат да работат изнесува 5.000 денари и е барана во Кратово во административни и помошни услужни дејности. Ова отвора простор за проверка на побарувачката на работна сила во североисточниот регион, односно дали работодавците се придржуваат кон законските одредби за минимална плата“, вели Симона за „Независен весник“.

Агенцијата за вработување спроведува активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот, каде е предвидено најмалку 30 отсто од учесниците да бидат млади лица до 29-годишна возраст. Се имплементира и проектот „Самовработување со кредитирање за млади лица до 29 години“ и „Проект за кредитирање на правни субјекти за отворање на нови работни места за млади лица до 29 години“ преку кои се овозможува поттикнување за (само)вработување на младите.

„Од 1 март започна реализацијата на проектот ‘Гаранција за млади’, со што му се овозможува на секое младо лице на возраст до 29 години, кое првпат ќе се пријави како невработено во АВРМ, да добие соодветна понуда за вработување. Ова ќе им се овозможи во период од четири месеци по евидентирањето како невработено лице во АВРМ. Оваа година активноста се спроведува во Скопје, Гостивар и Струмица. За секое невработено лице се прави профилирање на неговите можности за вработување, по што се изготвуваа соодветна форма на индивидуален план за вработување…“, велат од АВРМ.

Во однос на локалните мерки за намалување на невработеноста, од АВРМ додаваат дека се имплементира проектот „Решенија за вработување на млади преку социјален дијалог“, кој е финансиски поддржан од Меѓународната организација на трудот и Агенцијата со период на имплементација од 2016-2018.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека во тек е имплементацијата на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година.

„Има различни видови на поддршка како што се: Поддршка за самовработување, Субвенционирање на плати, Обуки и практикантство, Општинско – корисна работа, со кои се планира оваа година да се опфатат 6.448 невработени за што се обезбедени приближно 16 милиони и 260 илјади евра. Лицата кои што сакаат да учествуваат во активните мерките за вработување може да побараат подетални информации во надлежниот центар за вработување“, велат од МТСП.

Извршениот директор на Младинскиот културен центар – Битола, Златко Талевски, вели дека е потребно државата да има подобра промоција на активните мерки за вработување бидејќи во сите нив 30 отсто таргетот се младите.

„Да се овозможи за иновативни нови бизниси формирани од млади, основачки капитал наместо 5.000 евра да биде едно евро. Да има можност младиот човек да оформи фирма за едно евро, основачки капитал, доколку има бизнис-идеја која има потенцијал да прерасне во одржлив бизнис. Тоа е една од главните бариери. Невработени млади лица немаат основачки капитал, мора да се задолжуваат и на тој начин се обесхрабрени да почнат нешто“, рече Талевски.

Вероника Мароска-Леова