Начинот на финансирање го подели Универзитетот

На седница на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ пред два дена најжестока расправа се водеше околу можноста и факултетите да добијат автономија, односно да станат правни лица бидејќи тоа го овозможува новиот закон за високо образование. Барањето со кое тие требаше да добијат право сами да управуваат со финансиите и со развојот, сепак, не помина.

Универзитетскиот професор на УКИМ и поранешен министер за образование и наука Ненад Новковски, смета дека распределбата на средствата од универзитетот кон основните единици треба да биде соодветна на потребите, како што се остварува на современите врвни универзитети. Кај нас, вели тој, се случува обратното, односно факултетите што имаат најголеми средства не гледаат дека со соодветна прераспределба може да се оствари повисок степен на развој и придобивки.

„Сегашново функционирање на УКИМ се заснова на хибридно решение, кое е компромис помеѓу центрите на моќ на Универзитетот – универзитетскиот менаџмент и богатите факултети. Новиот закон се обидува да остави простор и формално-правно моќните факултети да располагаат неограничено со средствата. Факултетите можат да имаат статути како да се правни лица, а некои можат и да настапуваат како одделен финансиски субјект, под услов такво решение да биде одобрено од надлежен универзитетски орган. Во овој случај менаџментот на УКИМ одлучи да не ја допушти таа можност на одделни факултети, што предизвика реакцијата на дел од членовите на Сенатот. Судирот помеѓу овие центри на моќ на УКИМ целосно ги засенува прашањата за изборот на главните правци на реформите кон современа универзитетска автономија. Современата универзитетска автономија се засновува на академската слобода, автономијата на професорот, како и на успешното функционирање на основната единка – институтот. Заради отченост, универзитетите се единствени правни субјекти. Но главните активности се одвиваат на институтите, кои би требало да располагаат со средства според реалните потреби. Упростено, принципот на распределба е од министерството кон универзитетот, од него кон факултетот, а од факултетот кон институтот каде што се одвива најголемиот дел од дејноста. Друго клучно прашање, кое е целосно засенето, е големината на платите. Платите на професорите мора да бидат единствени на ниво на универзитет“, вели Новковски.

Професорот Тале Герамитчиоски, кој предава на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, вели дека статутот на Универзитетот мора да биде усогласен со Законот за високо образование.

„Законот е повисок акт од Статутот, така што ако некој факултет поведе судски спор по однос на тоа прашање секогаш ќе добие на суд. Статутот ќе мора да се гласа од страна на пратениците и пред да се гласа на пленарна седница ќе мора да помине неколку комисиски расправи. Матичната Комисија за образование, Комисијата за финансирање и буџет, како и Законодавно-правната комисија. Сите тие ќе го гледаат текстот на Статутот и ако не е усогласен со законот, тој нема да добие виза“, вели Герамитчиоски.

Греамитчиоски додава дека целиот проблем започнал при потпишувањето на Болоњската декларација во која е прифатено универзитетите во земјава да бидат интегрирани. За жал, подвлече тој, најстарите два државни универзитети, УКИМ и УКЛО се полуинтегрирани и имаат централизираност во поглед на правниот субјективитет.

„Факултетите се единици и го изгубија правниот субјективитет, но имаат посебни жиро-сметки од финансиски аспект и не се толку неавтономни. Имате медицински, општествени науки, природни, технички науки, сите имаат различни интереси“, додаде Греамитчиоски.

Претседателот на Комисијата за образование, наука и спорт во Собранието, кој е номиниран за заменик министер за образование, Петар Атанасов, вели дека конечниот збор за Статутот ќе го имаат пратениците.

„Законот за високо образование беше донесен во редовна постапка. Собранието е основач на државните универзитети, статутот ќе мора да дојде во собраниска процедура. Тој целосно мора да биде усогласен со членовите во Законот за високо образование“, рече Атанасов.

По повеќечасовната расправа, Универзитетот испрати информација до медиумите во која стои дека Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ со еден воздржан глас го усвоил Статутот сообразен со новиот Закон за високото образование.

Вероника Мароска-Леова