Наместо во училиште, учат во џамија и кафулиња

Далеку од пристојни се условите во некои училиштата каде што децата поминуваат поголем дел од денот на настава. Учебната година заврши, ама не и проблемите, велат професорите на кои тие и ова лето им создаваат главоболки. Среќа да учат во современи услови немаа учениците од подрачното основното училиште „11 Октомври“ во Ново Село, Општина Боговиње, во кое избувна пожар поради стара електрична инсталација на крајот на октомври минатата година. Наставникот по географија Ризван Исљами, кој 40 години се занимава со оваа професија и предава во училиштето, со голема мака и жалење раскажува дека второто полугодие од учебната 2017/2018 година околу двесте ученици од училиштето го поминале во неколку објекти. Од стариот објект изграден пред 60-ина години вели останале само ѕидовите, огнот пеплосал сè.

Среќа во целата трагедија беше, вели тој, што добронамерните селани, сопственици на кафулиња, се согласиле да дадат простории. „Адаптиравме уличници во три кафулиња за настава каде што учеа децата. Настава за првачињата се реализираше во селската амбуланта, а 14. деветтоодделеници учеа во простории во џамијата, и тоа во 9 квадратни метри. Дел од објектите се раздалечени и по два и пол километра“, вели Исљами.

„На наставниците им требаа десет минути пред да заврши еден час за да излезат од кафулето каде што држеа настава, да стигнат да одржат час на ученици кои учеа во џамијата“, објаснува Ризван.

Септември е за месец и половина, вели наставникот, и ако не се изгради нов објект како што ветиле од Министерството за образование и наука кога изгорело училиштето, ниту децата ќе има каде да учат ниту наставниците ќе имаат каде да држат настава.

„Сопствениците на трите кафулиња велат дека планираат да продолжат со дејноста од која заработуваат за леб, ни ги отстапија само поради инцидентот. Од џамискиот одбор, пак, ни беше речено дека ако почне изградбата на ново училиште во Ново Село, тогаш тие ќе ни дадат простории. Практично, ако не се реши проблемот, за новата учебна година ќе нема училиштен објект. Очекувам надлежните да го решат овој горлив проблем, а дали ќе има решение не зависи од мене, јас сакам што поскоро да се реши оваа ситуација“, подвлекува Ризван.

Министерот за образование и наука Арбр Адеми наскоро ќе соопшти колку и кои училишта ќе бидат реконструирани следниот период. Додека за училиштето „11 Октомври“ во Општина Боговиње рече дека во тек се постапки за негово санирање.

Проблем со просторни услови има и во скопското основното училиште „Рајко Жинзифов“, кое се наоѓа во Општина Чаир. Капацитет има само за 700 ученици, а од новата учебна година таму ќе учат двојно повеќе, над 1.500, вели директорот Кадри Агуши. Да не трпи образовниот процес, училишната менза, дел од библиотеката и една тераса се приспособени во училници, првачињата во две простории биле сместени во градинката спроти училиштето, ама простор да се сместат ученици недостига уште.

„Во некои од паралелките каде што учениците следат настава на албански наставен јазик бројот на деца достигнува и до 38 во одделение. До општината и до Министерството за образование и наука досега имам доставено барање за четири училници, ама сега ни тие четири нема да ги исполнат условите. Потребни се минимум осум или нови простории во склоп на училиштето. Од септември мислам дека состојбата ќе биде уште полоша бидејќи ќе имаме уште повеќе ученици од претходната учебна година. Не верувам дека до почетокот на учебната година ќе се реши овој проблем и ќе се одобри барањето бидејќи многу е краток рокот. Треба да се смени и покривот на училиштето преку проект на УСАИД, оти е од материјал салонит кој е канцероген“, подвлече Агуши.

Од Општина Чаир ветуваат дека ќе се прави доградба и со тоа основното училиште „Рајко Жинзифов“ ќе добие нови осум училници.

„Пуштено е барање до Министерство за образование и оттаму чекаме одговор за да дозволат проширување, а потоа ќе има постапка за идејно решение“, потенцираа од Општината.

Што се однесува, пак, до изградбата на новото основно училиште во населбата Капиштец, за кое беше поставен камен-темелник речиси на крајот на 2016 година, градежните активности се во полн ек. Од Општината велат дека до септември нема да биде готово.

„Новото општинско училиште, согласно динамиката на градба, се очекува да започне со работа во учебната 2019/2020 година. Досегашниот застој на градежните работи беше поради проблемот со немање локација за Дневниот центар за деца со церебрална парализа, за кој општината приспособи друга, посебна локација. Исто така, подолг период се работеше и на исцрпување на подземните води кои се излеаја на самото градилиште“, одговорија од Општина Центар.

Градоначалникот на Скопје за летово најави реконструкција на 11 средни училишта, со која ќе биде опфатена обнова на покриви, подови, тоалети и нивна намена за деца со посебни потреби. Според плановите, објектите треба да добијат и енергетски ефикасни фасади. Едно од нив е училиште „Кочо Рацин“ во општината Ѓорче Петров, кое е монтажен објект, направен една година по скопскиот земјотрес, односно пред пет децении. Таму децата изминатите години учеа во очајни услови и низ старите дрвени прозорци постојано влегуваше ладен воздух за време на зимскиот период. Дополнителен проблем настанувал кога ќе заврнело, оти, како што вели в.д. директорката Благица Павловска, од покривот прокиснувало.

„Кога ќе заврнеше, од покривот прокиснуваше на повеќе места и по училниците. Во повеќе наврати е реагирано претходно до надлежните, ама некако во тој дел нè занемарија. Зимно време посебно имавме тешкотии околу загревањето, бидејќи училиштето нема изолација. Имаме проект и за ново училиште, Градот е запознаен, сега и ние професорите сме среќни, тоа што реконструкцијата е во тек нè охрабри“, рече Павловска. Целокупната вредност на реконструкциите се над 60 милиони денари.

– Средства се оние што ги пренаменивме од криминалниот проект „Скопје 2014“. Наши приоритети се трошење за вистинските потреби на граѓаните – истакна Шилегов.

Неодамнешното истражување на Здружението млади аналитичари и истражувачи покажа дека во 29 основни училишта и подрачни основни училишта нема тоалети, а станува збор за училишта каде што учат вкупно 1.335 ученици. Речиси 40 отсто од училиштата немаат интернет. Проблем има и тоа што недостигаат машини за чистење на подови, нема дури во 246 основни и 486 подрачни. Меѓу нив се училиштата во Арачиново, Босилово, Валандово. Во над 400 училишта нема ни библиотеки. Инфраструктурно најразвиени основни училишта се во општините Карпош и Центар, а најслабо развиени се Чешиново-Облешево, Пласница. Податоците од ЗМАИ ги имаат направено скенирајќи ги состојбите во 799 основни и подрачни училишта во Македонија.

Вероника Мароска-Леова