Мијалков сака да биде Лекса

Една од најозлогласените фигури во првите посткомунистички години на Словачка, поранешниот директор на тајната служба, Иван Лекса, кој доби спор со државата пред судот во Стразбур, е примерот по кој се води одбраната на поранешниот директор на македонската тајна служба, Сашо Мијалков.

Мијалков, кој е обвинет во неколку случаи на специјалното јавно обвинителство, а се товари дека стои зад масовното прислушување на граѓани и високи функционери од власта и опозицијата, исто како и неговиот колега од Словачка, се повикува на аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов и бара да се запре кривичната постапка против него, конкретно во предметот „Таргет – Тврдина“.

Приказната за Лекса датира уште во деведесеттите години, кога е поставен за шеф на тајната служба како протеже на тогашниот автократски премиер на Словачка, Владимир Мечијар. Во 1995 година Мечијар го именуваше Лекса за директор на тајната служба откако тоа право со закон му го одзеде на претседателот Михал Ковач.

Додека раководеше со тајната служба, Лекса ја вовлече во многу незаконски дејствија: незаконско прислушување на политичари и граѓани, незаконски приватизации. Најспектакуларно од сите беше грабнувањето на синот на Ковач, кој бил издрогиран и исфрлен преку границата во Австрија, близу Виена. Потоа следуваше убиството на бизнисменот Роберт Ремијаш со поставена бомба во неговиот автомобил поради тоа што знаел дека грабнувањето на синот на Ковач го извршила тајната служба.

Кусо пред изборите во 1998 година, по кои Мечијар го загуби местото премиер, тој како вршител на должноста претседател во еден вакуум-простор им додели амнестија на повеќе луѓе, меѓу кои и на Лекса. Но во наредните години истражителите на новите власти успеаја да отворат случај против Лекса, а во април 1998 година до јули 1999 година беше во притвор. Во наредните години се водеа неколку процеси против него и неговата одбрана тврдеше дека амнестијата го ослободува од вина. Процесите не завршија со пресуди токму поради амнестијата.

Пресудата на Европскиот суд за човекови права за неговата жалба беше донесена во септември 2008 година и се однесува на незаконскиот притвор. Жалбата на Лекса до Стразбур беше дека одлуката за притвор била незаконска според членот 5, параграф 1 од Меѓународната конвенција за личната безбедност и слобода. Адвокатите на Лекса тврдеа дека одлуката на судот во Стразбур ја потврдила легалноста на амнестијата. Во април 2017 година словачкиот парламент му ја укина амнестијата на Мечијар, а подоцна таа одлука ја потврди и Уставниот суд. Сега, со овие одлуки, процесите против Лекса продолжуваат.

Основната разлика во случаите на Мијалков и Лекса е тоа што аболицијата беше поништена од самиот Иванов, додека амнестијата на Мечијар, додека тој извршуваше некои претседателски должности, важеше кога одлучуваше судот во Стразбур.

Овој предлог на одбраната на Мијалков доаѓа откако Врховниот суд во Атина одби да ги екстрадира двајцата поранешни разузнавачи, Горан Грујевски и Никола Бошкоски и најверојатно ја прифати жалбата на одбраната која се повика токму на овој случај. Адвокатот на двајцата обвинети, Петар Василев, пред судот изјави дека во жалбата до Врховниот суд во Атина тие се повикале токму на случајот Лекса против Словачка.

„Жалбата беше заснована на повредите на законот за кривична постапка кои се сторени во текот на постапката од страна на СЈО, како и на судската пракса на Европскиот суд за човекови права за случајот Лекса против Словачка. Еднаш даден акт на помилување на претседателот не може да биде повлечен и на ниту еден начин не можат да престанат да важат последиците од таквиот акт, што тој и ги предизвикува врз постапката“, рече Василев.

Но Василев не знаеше сигурно на што точно се темели одлуката на грчкиот суд. Како што раскажа, изрекувањето на пресудата траело две три минути и преведувачот му кажал само дека се ослободени. Тој до судот достави писмена одлука дека двајцата обвинети се ослободени од притвор, но не и официјална потврда за барањето за екстрадиција. Сега и адвокатите и судот ја чекаат официјалната одлука на Врховниот суд во Атина за да видат како грчкиот суд ја образложил својата одлука.

Адвокатот на Мијалков, Љупчо Шврговски, вели дека тие ќе се повикаат на случајот со поранешниот словачки директор на тајната служба, но сепак официјално ја чекаат пресудата.

„Чекаме да дојде пресудата и судот да види дека нашето укажување е инкорпорирано во таа пресуда, да не биде дека зборуваме напамет. Да видиме дали грчкиот суд се повикал на европската пракса на Европскиот суд за човекови права за тој случај“, вели Шврговски.

Последниот збор дали ќе биде прифатена аболицијата на Иванов ќе ја имаат судиите. Судијката во случајот за масовното прислушување „Таргет – Тврдина“, Џенета Бегтовиќ, рече дека судот ќе се произнесе за овој предлог дури на 31 август. Судот нема официјален став дали аболицијата на Иванов ќе биде прифатена како аргумент за запирање на кривичните постапки против обвинетите и од Судот велат дека секој судија постапува независно и непристрасно.

„Сите судии постапуваат независно, непристрасно и согласно одредбите од Законот, во предметите кои им се доделени во работа. За предметот „Таргет – Тврдина“, откако судечкиот совет, кој постапува по предметот, ќе одлучи по предлозите на одбраната истите ќе бидат објавени на главната расправа која е јавна и на која присуствуваат сите заинтересирани претставници на медиумите. Доколку одредбите од ЗКП дозволуваат право на жалба по однос на одлуката на судечкито совет, странките во постапката имаат право да го искористат тоа право пред повисоките судови“, велат од Судот.

Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, смета дека случајот „Лекса против Словачка“ е различен предмет во однос на состојбата што се случува во Македонија. Според неа, со оглед на тоа што има барање да се примени оваа пресуда, судовите во својата одлука треба да го разработат тоа прашање и да дадат одговор и образложение, ако ја прифатат одлуката зошто ја прифаќаат и, ако не ја прифатат, зошто не ја прифаќаат. Она што треба да се чека е одлуката на грчкиот суд и како овој суд ја применил одлуката за тој случај.

„Ние не знаеме како грчкиот суд ја интерпретирал таа пресуда. Пресудите од Стразбур не се едноставни за интерпретирање и за применување. Многу е важно што се е напишано во таа пресуда и како грчкиот суд ја има применето. Пресудата „Лекса против Словачка“ е пресуда што треба во многу повеќе елементи да се испитува дали може да се примени на македонските случаи“, вели Цаца Николовска.

Но, според Цаца Николовска, рано е да се зборува додека овие случаи стигнат евентуално пред Судот во Стразбур бидејќи постапката прво треба да заврши во Македонија, пред Основниот суд, потоа за предметот да даде оценка Апелацискиот суд, Врховниот, па потоа евентуално Стразбур. Но одбраната и пред Стразбур треба да го објасни влијанието на тој случај.

„Суд во Стразбур презентира одредени принципи и тие принципи треба да се видат дали во дадената ситуација може да бидат така применети, како што се применети во предметот што се цитира“, додава Цаца Николовска.

Реално, Грција нема славен историјат на почитување на одлуките на судот во Стразбур, туку обратно, голем број од нив досега ги игнорираше, така што изненадува што толку ревносно ја прифаќа поништената аболиција врз основа на некој стандард од Судот за човекови права.

Фросина Факова – Серафиновиќ