Македонската прохибиција не издржа


Министерството за економија во наредните два месеца ќе работи на измени на Законот за трговија со кои ќе се укине ограничувањето за продажба на алкохол по 19 односно 21 часот, а ќе се овозможи продажба и во киосци со поседување лиценца.

Иако трговците бараа и укинување на лиценците за продажба на алкохол, според првичните информации од Владата, таа обврска ќе остане. Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, информираше дека овие законски измени доаѓаат директно по барањето на бизнис-заедницата и се усогласени со стопанските комори.

– Исклучително е важно што оваа информација е усогласена и направена по иницијативата на бизнис-заедницата. Разговарано е со сите поголеми компании и со сите стопански комори во Македонија – изјави денеска Бошњаковски. Со сегашниот закон продажбата на алкохол е ограничена до 19 часот во зимскиот период, односно до 21 часот преку лето. Во киосците и на бензинските станици има целосна забрана за продажба на алкохол. Инаку забраната за продажба на алкохол беше едно од најголемите барања на трговците.

Од Стопанската комора на Македонија неколкупати алармираа дека забраната за продажба на алкохол после 19 часот нанесува голема финансиска штета на малопродажните трговски фирми, на компаниите за трговија на големо, како и на компаниите од домашната индустрија за производство на ваков вид пијалаци, што негативно се одразува на нивниот развој и предизвика намалување на бројот на работни места.

Пресметките на Комората се дека, само во првите три години од воведувањето на забраната, производството на домашната индустрија за пиво се намалило за цели 25 отсто, односно за околу 180.000 хектолитри. Покрај евидентната загуба на компаниите од ваквиот пад во производство, пресметките покажуваат дека загубила и државата. Имено, вкупната загуба во буџетот на државата од ненаплатени акцизи и ДДВ поради падот во домашната пивска индустрија, во првите три години од промената на законот достигнала 14 милиони евра.

Згора на тоа, ограничувањето на продажбата на алкохолни пијалаци во трговската мрежа придонесе и за намалување на продажбата на вино за повеќе од 10 отсто на годишно ниво, што секако негативно се одрази на приходите на домашните винарници, а со тоа и на нивните планови за откуп на грозјето од лозарите.

Според податоците, во изминатите години над 5.500 трговски објекти од вкупно 13.000 се откажале од продажба на алкохол, со што драстично се намалил нивниот промет, но затоа има пораст на нелегалното производство и трговија на алкохол.
Анализата на Комората, како и податоците од Институтот за јавно здравје, на кои се повикуваат во Стопанската комора, покажуваат дека забраната изминатите девет години не придонела за намалување на алкохолизмот меѓу Македонците.

Според податоците, во изминатите години над 5.500 трговски објекти од вкупно 13.000 се откажале од продажба на алкохол, со што драстично се намалил нивниот промет, но затоа имало пораст на нелегално производство и трговија на алкохол.

Просечната потрошувачка на алкохол по глава на жител во Македонија во 2015 година изнесувала 5,7 литри, што е значително помалку од европскиот просек од околу 10 литри по глава на жител.

Според податоците, пак, од Светската здравствена организација, од вкупната потрошувачка на алкохолни пијалаци, во Македонија најмногу се консумира пиво – 47,4 отсто, а вино 39,9 отсто, додека останатите пијалаци се консумираат со 12,6 отсто од вкупната потрошувачка на алкохолни пијалаци.

За споредба, во Бугарија, Словенија и Хрватска потрошувачката на пиво се движи и до 75 литри по глава на жител, додека потрошувачката на вино е околу 25 литри, со што далеку се надминува домашниот просек.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ пред пет години го донесе законот со образложение дека на тој начин ќе се влијае да се намали консумирањето алкохол, особено кај младата популација.

Александра Спасевска