Како осиромаши најбогатата партија во Европа

Од партија која до скоро важеше за најбогата во Европа и која го има можеби најрепрезентативното партиско седиште на овие простори, ВМРО-ДПМНЕ станува партија која тешко функционира без буџетски дотации. И која, веројатно, и поради тоа инсистираше на брзо донесување на Законот за финансирање на политичките партии пред да биде распишан референдумот за името. Обидот да се издејствува своевидна амнестија за поранешното партиско раководство, во период кога на власта ѝ гори под нозе пред референдумот, се смета за уште еден мотив поради кој изборот на ДИК се условуваше со измени на законите за финансирање на партиите и за влада.

Според неофицијални информации од разговорите меѓу партиите, незавидната финансиска ситуација на ВМРО-ДПМНЕ била една од причините поради кои партиското раководство наеднаш го наметна како приоритет донесувањето на Законот за финансирање на партиите. Наводно, претставници на ВМРО-ДПМНЕ се пожалиле дека едвај ги намируваат трошоците за струја, вода и за други комуналии и дека зависат од бизнис-круговите блиски до претходната раководна гарнитура – од времето кога паријата беше на власт.

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера ни потврдија дека финансиската ситуација на партијата не е розова. Сепак, наши соговорници посочуваат дека досега редовно се сервисираат тековните трошоци. Од партијата реагираат дека се непријатно изненадени што протекувале информации од разговорите. Наводно, како што велат оттаму, и од СДСМ немале ништо против да се донесе Законот, затоа што и владејачките претставници во разговорите посочувале дека е подобро да не мора постојано да им „чукаат на врата“ на бизнисмените и да бараат донации за партијата. Според опозициската партија, законските измени со кои финансирањето на партиите ќе оди во најголем дел преку државната каса не се спорни бидејќи тоа е практика во повеќето европски држави.

Нешто повеќе од една година по заминувањето во опозиција и половина година по смената на партиското кормило, во ВМРО-ДПМНЕ не цветаат рози, барем на финансиски план. Како и од аспект на наводни притисоци со кои се соочува новата гарнитура во партискиот врв за да издејствува извесно олабавување на обрачот што се стега околу некогашниот партиски естаблишмент и бизнис-круговите околу него, со оглед на повеќето корупциски афери што произлегоа од прислушувањето. За неколку од случаите што ги отвори СЈО веќе има и првостепени пресуди со кои е предвидена конфискација на имот и враќање на парите што биле проневерени од државниот буџет.

Конфискација на имот за незаконско финансирање на изборни кампањи е предвидена и со членот 165-а од Кривичниот законик, покрај затворските казни што може да бидат и повисоки од пет години. Токму овој член од Кривичниот законик ги заглави минатата седмица разговорите во работните групи, со оглед на информациите од владејачкиот табор дека ВМРО-ДПМНЕ барала тој да биде избришан или, пак, со измените во Законот за финансирање на политичките партии да се предвидат само парични казни за незаконско финансирање на изборните кампањи. По проценките дека тоа би можело да значи затворање на еден од клучните случаи на СЈО – „Титаник“, кој се однесува на изборни нерегуларности, како и на случајот „Талир“, со кој е опфатено и партиското седиште во центарот на Скопје, и овој обид на опозицијата за „индиректна амнестија“ падна во вода. На крајот, ВМРО-ДПМНЕ, сепак, попушти околу изборот на ДИК, така што кон средината на минатата недела беа усогласен и донесени и измените во Законот за финансирање на политичките партии.

Регулативата за која се преговараше со месеци наназад, а која пред само десетина дена ВМРО-ДПМНЕ ја наметна како приоритет, сега беше донесена по скратена постапка, со консензус и речиси без никаква расправа во парламентот, наспроти бурните реакции што новите правила ги предизвикаа во јавноста. Најмногу врева се крена поради тоа што се удвојува сумата од буџетот што ќе ја добиваат партиите. За разлика од досегашните 0,06 отсто, отсега од буџетот ќе се одвојуваат 0,15 отсто за финансирање на политичките партии, што е за два и пол пати повеќе од претходно. Ако како пример се земе годинешниов буџет, тоа би значело дека за партиите сега ќе треба да се издвојат пет, наместо два милиони евра. Триесет проценти од тие средства се наменети за малите партии, а другите седумдесет проценти за големите политички субјекти. Од друга страна, се намалува сумата за донации, односно правните лица повеќе нема да можат да издвојуваат за партиите 150 просечни плати, туку се ограничени на 60 плати. Физичките лица, пак, наместо 75 ќе може да донираат 30 просечни плати. Партиите ќе може да се финансираат од кредите, како и да поседуваат земјиште.

ВМРО-ДПМНЕ има(ше) имот вреден десетици милиони евра?

Пред неколку години, во екот на политичката криза во земјава, СДСМ – тогаш како опозициска партија, излезе со проценка дека ВМРО-ДПМНЕ располага со недвижен имот од 11 милиони евра. Повеќето од објектите, наводно, биле купени во 2014 година, односно во осмата година од владеењето на Никола Груевски.

Како што објави тогаш СДСМ, станува збор за 63 објекти на различни локации, со вкупна површина од 12 илјади квадратни метри. На плоштадот „Пела“ во центарот на Скопје, како што беше кажано, ВМРО-ДПМНЕ купила имот вреден речиси половина милион евра. Во Битола, вредноста на партискиот имот изнесувал повеќе од 260 илјади евра, а во скопско Влае – 230 илјади евра. Како што беше посочено тогаш, „поскромни“ суми биле издвоени за купување на објекти во Охрид – 200 илјади евра, во Кочани и во Штип – по околу 120 илјади евра.
„Градежната вредност на партиското земјиште во Скопје, споменикот на сите споменици од криминалот на Никола Груевски, изнесува повеќе од 700.000 евра, а, според закон, политичките партии се непрофитабилни организации. Како ВМРО-ДПМНЕ успеала да стекне имот вреден повеќе од 11 милиони евра? Јасно е дека додека се крадела државата, се богатела не само фамилијата, туку и партијата“, изјавуваше во тоа време Петре Шилегов, кој беше портпарол на СДСМ.

Пред две години беше објавено дека ВМРО-ДПМНЕ ја завршила 2015 година со приходи од 2,4 милиони евра, што беше убедливо најмногу во споредба со другите политички партии во земјава.
Во 2016 година, односно во последната година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, дел од медиуми излегоа со уште пофрапантни бројки за капиталот со кој наводно располага сега опозициската партија. Наводно, имотот на ВМРО-ДПМНЕ вреди 60 милиони евра, што ја прави партијата најбогата на европскиот континент, дури побогата и од ЦДУ на германската премиерка Ангела Меркел, чиј партиски имот се проценува на 50 милиони евра. Исто така, имаше податоци дека партијата поседува 33 илјади квадратни метри во објекти, пасишта и земјоделско земјиште, додека новата партиска централа во најстрогиот центар на Скопје беше проценета на 40 милиони евра.

Александра М. Митевска