Интервју со Милан Јовановиќ, српски аналитичар: На Србија ѝ треба храброста на Заев

„Се плашам дека српскиот печат ќе го применува истиот образец за Македонија како и кога е во прашање Црна Гора: ќе го премолчува сѐ она што ја јакне македонската евроатлантска ориентација, а ќе се истакнува секоја барикада која се поставува на патот. Во српската јавност веќе подолго време се убива секој позитивен ЕУ-наратив, а Русија има многу внатрешни сојузници подготвени да ја продлабочуваат ‘балканската пукнатина’. Не се избираат начини и не се жалат пари да се постигне ова“, нагласува Милан Јовановиќ, долгогодишен новинар и аналитичар од Србија. Јовановиќ е претседател на Форумот за безбедност и демократија и еден од основачите и главен координатор на „Антидот“, медиумска мрежа на Западен Балкан.

Спогодбата за името што ја потпишаа Македонија и Грција беше голем настан за регионот. Сите држави на Балканот честитаа за неа, само Србија и Турција не. Зошто српските власти молчеа?

Имаше и Србија реакција. Но, за жал, со задоцнување од една недела. Покрај тоа, оваа реакција беше многу дисонантна во однос на реакциите што доаѓаа од други земји во соседството, но и од Европа и од светот, вклучувајќи ја и Москва. Мислам, се разбира, на изјавата на министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ. Тој буквално рече дека Србија нема да ѝ честита на Македонија за договорот за решавање на спорот со Грција околу името бидејќи нема што да се честита. Јас напишав на Твитер, истиот моментот кога дојде таа изјава – која повеќе му личи на избуливец и намќор отколку на човек од светот на дипломатијата – дека таквите зборови можеби и му користат на политичко позиционирање на Дачиќ, но дека за Србија можат да биде штетни.

Тие малку зборови зборуваат многу повеќе за перцепцијата на прагматичната политика во соочувањето со долгорочните политички проблеми и ги засенија зборовите кои Дачиќ, како и сите нормални луѓе, ги кажа потоа – дека Србија има позитивен став кон договорот меѓу Атина и Скопје и дека „сите го чекаат крајот на процесот на договорот меѓу Македонија и Грција“. Некои проруски аналитичари во Белград веќе ја употребуваат формулацијата за „зачувување на конфликтниот потенцијал“.
А, како реагираше српската јавност на договорот?

Првата вест за овој договор беше дочекана со громогласна – тишина! Еден ден по објавувањето на оваа вест, никој од белградските печатени весници не сметаше дека тоа е вест за насловна страница. Некои од нив дури и воопшто ја немаа во своите изданија, освен „Политика“, која срамежливо ја објави веста на насловната страница. И до денес не се знае што пишува во договорот, што значи тој за Македонија. Се подметнува дека на Македонците им се оспорува идентитетот, што не е точно. Медиумите овде ја подготвија јавноста дека Ципрас ќе падне во парламентот и дека спогодбата нема да помине во собранието. И кога се случи спротивното, тоа беше минимизирано. Се плашам дека српскиот печат ќе го применува истиот образец за Македонија како и кога е во прашање Црна Гора: ќе премолчува сѐ она што ја јакне вашата евроатлантска ориентација, патот кон ЕУ и НАТО, а ќе се истакнува и ќе му се посветува внимание на секое спротивставување, секоја барикада која се поставува на патот. Би сакал во известувањето за Македонија да нема толку отворено и злобно навивање против Заев, како што беше против Мило Ѓукановиќ – дури и со лаги и со изопачување на фактите.

Претседателот Вучиќ и премиерката Брнабиќ неколку пати споменаа дека случајот на Косово и Македонија не се исти, дека не можат да се споредат. Дали тоа е навистина така?
Во буквална смисла тие се апсолутно во право. Но со ова прашање мислам дека повеќе прашувате за симболичната, метафорична смисла, дека прашувате за политичката храброст и подготвеност да се застане и да се направи „брејк“ во доминантната парадигма – која во Македонија околу името траеше 27 години, додека во Србија косовската парадигма трае многу подолго.

Претседателот Вучиќ пред една година повика на внатрешен дијалог кој би можел Србија да ја доведе до решавање на ситуацијата со Косово, но сега излегува дека повеќе се засилиле внатрешните отпори во внатрешниот дијалог. Имате неоткриен фронт и протагонисти кои се залагаат за вечен замрзнат конфликт по секоја цена. Во таа смисла, Вучиќ е во непропорционално потешка и понезавидна позиција од Заев.

Не гледам дека македонскиот премиер има толку голем отпор, особено не поткопување од неговите политички партнери. И ми се чини дека Македонците покажуваат многу попрагматичен дух. Ќе ве потсетам дека по потпишувањето на Бриселскиот договор, јавно, под висок патронат на СПЦ, претставена од преполниот со омраза митрополитот Амфилохије (кој го предводеше митингот во центарот на Белград) Дачиќ и Вучиќ беа проколнати и анатемисани. Сега сѐ е насочено првенствено кон Вучиќ. Тој тогаш имаше доволно политичка храброст. Ситуацијата со медиумите беше поволна – не беше рускиот „Спутник“ на српски, кој во меѓувреме стана светилник на српските медиуми – а трагичната српска проевропска опозицијата немаше загризано толку во антивучиќевска омраза, која ја обесхрабрува и блокира секоја поддршка за решавање на прашањето на Косово, што би можел да го изработи Вучиќ.

Помеѓу Србија и Македонија во последнава година имаше неколку инциденти. Случајот на разузнавачот Живаљевиќ за време на крвавите настани во Собранието на 27 април, а потоа и повлекувањето на целиот персонал од српската амбасада во Скопје. Дали официјален Белград не сака блиски односи со новите власти во Скопје?

Овие настани во голема мера беа заборавени во овдешната јавност, но би било интересно да се направи паралела на медиумскиот пристап кон настаните што се случија во и околу македонското општество во денешно време. Се сеќавам дека Вучиќ некако успеа да ги исцеди и надмине ситуациите што можеа да предизвикаат поголема штета на односите меѓу двете земји и перцепцијата на Србија. Белград, во принцип, мора да биде заинтересиран за добри односи со својот сосед, кој како Србија сака што е можно поскоро во ЕУ. Ова, за жал, не важи за медиумите во Белград.
Како во Србија гледаат на Зоран Заев. Се сеќаваме каква харанга покрена провладината машинерија минатата година. Зошто тој мора толку да се оцрни. Поради внатрешни причини или Вучиќ нема толку разбирање со него како со Груевски?
На медиумите не им пречи Заев, туку политиката што тој ја промовира и ја спроведува. И, се разбира, тоа е полесно да се постигне со уништување на поединец, особено во време на угодување на народот. Пред некој ден, белградската редакција на „Спутник“ ги реактуелизира насоките за портретирање на Заев. Во една од своите емисии по договорот меѓу Атина и Скопје, Заев беше опишан како слаб човек, кого го измислиле и наметнале Американците, кои ја влечат Македонија во НАТО. Очекувам дека по шоуто, белградските таблоиди – таа жолта, ментална жива кал во која е заробено српското јавното мислење – ова дополнително ќе го развиваат. Во таа смисла, не треба да бидеме изненадени од нова фаза на антизаевизам во белградските медиуми и, се разбира, глорификацијата на Ѓорге Иванов, што е одраз на антизападниот медиумски мејнстрим.
Србија и Македонија би можеле да бидат партнери на патот кон ЕУ и да создадат инфраструктурна жила низ целиот Балкан. Зошто не може да дојде до тоа – дали предрасудите и стереотипите се поголеми од желбата за соработка, дали Србија гледа на Македонија како на помлад брат или во прашање е нешто друго?

Србија официјално се откажа и негира дека сака да дејствува како постар брат во регионот. Благодарение на Црногорците, Србија ја осозна својата државност. Благодарение на Македонците, можеби ќе ја осознае важноста на храброста за коперникански пресврт во политиката, како што јас го гледам овој договор помеѓу Скопје и Атина. Исто така, имавме ситуација кога бизнисмените од Косово и Србија многу подобро се разбираат и полесно наоѓаат заеднички јазик од политичарите. Со Македонија тоа би требало да биде уште полесно. Покрај тоа, ова не е само нешто што треба да го решат политичарите, туку сите, особено организациите на граѓанското општество.
Русија сака да оствари што поголемо влијание на Балканот за тој да се држи во некаква неизвесност. По договорот меѓу Скопје и Атина и веројатната покана за членство во НАТО за Македонија Србија ќе остане осамен руски играч на Балканот. Дали Србија сака да ја игра таа улога и дали ќе биде стеснет нејзиниот маневарски простор?

Овде во јавноста веќе подолго време се убива секој позитивен ЕУ-наратив, а Русија има многу внатрешни сојузници подготвени да ја продлабочуваат „балканската пукнатина“ и барем да одржуваат статус кво, а замрзнатите конфликти да ја спречуваат консолидацијата на ЕУ во југоисточна Европа. Во тек е нова фаза на одвраќање на Србија, не од НАТО туку од Европската Унија. Не се избираат начини и не се жалат пари да се постигне ова.

Властите мижат на ваквите работи – го продолжуваат својот ЕУ-наратив и ја истакнуваат важноста на интеграцијата на Србија во ЕУ. Но не се слуша ни наративот, а уште помалку се гледа подготвеноста за спротивставување на хибридната војна против Србија, која би сакала во ЕУ и која добива сѐ поголема жестокост во државата. Властите се прават дека не ја гледаат таа опасност за која зборувате. Напротив. Но тоа не значи дека таа не е реална и дека на Србија не ѝ се заканува нова ера на самотија и самоизолација. Русија е далеку, но и ЕУ, иако е секаде околу Србија, би можела да биде уште подалеку!

Љупчо Поповски