Иницијатива за уставноста на колективните договори во основно и средно образование

Иницијатива за оцена на уставноста и законитоста за членовите 3 и 99 од колективните договори за основно и средно образование вчера беше доставена до Уставниот суд од Независниот синдикат за образование и наука. Претседателот на Независниот синдикат Томислав Гиевски вели дека спорно е тоа што одредбите од колективните договори важат само за членовите на Самостојниот синдикатот за образование, наука и култура, образложувајќи дека договорите се носат со цел подеднакво да важат за сите вработени во образованието без разлика дали се или не се членови на синдикат. Додаде дека ваквата поставеност е вешто манипулаторски искористена од СОНК, од каде што редовно упатувале дописи во кои им се укажувало на директорите во училиштата дека колективниот договор важи исклучиво за членови на овој синдикат.

„Во едно училиште во Скопје, за кое можам и да докажам на членовите на СОНК им се дава годишен одмор 23, 24 или 25 работни дена, а на сите вработени во образованието што не се членови на СОНК им се даваат само 20 работни дена годишен одмор. Ние поднесовме иницијатива за членот 3 и членот 99 од Колективниот договор. Лице што работи во МВР, АРМ, во болница, никој не треба да го обврзува да биде и член на синдикат. Во училиштата редовно стигнуваат дописи каде што СОНК им укажува на директорите дека Колективниот договор важи само за членовите на СОНК и ако некој сака да користи право од колективниот договор мора да биде член и воедно да плаќа членарина. Ова доведува до тоа вработените да мора да бидат членови на синдикат за да користат одредено право. Колективните договори како подзаконски акти се донесуваат со цел да важат подеднакво за сите вработени“, рече Гиевски.

Гиевски се повика на Законот за работни односи, посочувајќи поединечниот колективен договор ги обврзува, важи и за работниците кај работодавачот кои не се членови на синдикат – потписник на колективниот договор. Работодавочот не смее работникот да го става во нееднаква положба заради членување во синдикат. Независниот синдикат постои од март годинава, а на прашањето колку членови брои, претседателот рече доволно.
Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура, Јаким Неделков, пак, вели дека претседателот на Независниот синдикат за образование изрекол еден куп невистини, кои одат во сферата на шпекулации. Подвлече дека придобивките од колективните договори важат исклучиво за членовите на СОНК.

„Шпекулација велам, затоа што со популистички мерки сака да се додворува на луѓето кои работат во дејноста образование. На тој начин да придобие членство во Синдикатот, кој многу неуко на новинарско прашање колку членови брои неговиот синдикат одговори сосема доволно, а број не кажа. Од друга страна, тврди дека СОНК манипулира со наставниците, вработените во образованието каде насила ги тера да плаќаат членарина заради остварување на правата од Колективниот договор. Согласно колективните договори, Законот за работни односи каде што е регулирано колективното договарање а согласно нашиот колективен договор важноста на грантските колективни договори важат исклучиво за потписниците, односно за членовите на синдикатот кој е потписник на тој колективен договор. Сите оние што не се членови на нашиот синдикат одредбите од овој колективен договор не важат. Сега претседателот на Независниот синдикат за образование мака мачи да ги убеди директорите да им пресметуваат годишни одмори согласно колективниот договор, да им го исплаќаат класниот час, да им даваат плата на приправниците согласно колективниот договор, во кој таа е 90 отсто а во Законот 80 отсто“, рече Неделков.

Се предвидува и во Законот за работни односи вели, организации и членови да можат да пристапат кон колективниот договор, ама за тоа треба да имаат согласност од двајцата партнери кои го склучиле договорот, во случајот од Министерството за образование и наука и од СОНК.

„Не е доволно да се толкува Законот во два члена, а третиот од Законот, каде што се кажува дека треба да се добие согласност, тоа мудро го премолчува и го крие. Може да ги користи правата, ама треба да имаат и обврски кон организацијата“ дообјаснува Неделков.

Од СОНК размислуваат и да поведат постапка до претседателот на Независниот синдикат за клевета. Оттаму сметаат дека изјавата е популистичка со доза на обвинување кон синдикатот, посочувајќи дека ги нарекол манипулатори.

Вероника Мароска-Леова