ИВЗ не се дава: Кога ќе нè плаќа државата, УЈП ќе може да нè контролира

Исламската верска заедница ќе ги стави на пауза сите преписки и недоразбирања со Владата околу „бавната и дискриминаторска“ денационализација на нивниот имот, поради што ѝ се заканија дека ќе ја кодошат во пресрет на претседателските избори во своите 700 џамии низ земјава. Оттаму велат дека не сакаат да влезат во политичка кампања, поради што следните чекори ќе ги влечат по завршувањето на изборите во мај. Тие се убедени дека нивните аргументи се издржани и тврдат оти стотици барања за враќање имот, кој им бил национализиран по Втората светска војна, се држат во фиоките или се влечкаат по судовите.
Писмото било интерно
„Тоа беше интерно писмо што го испративме до Владата и не ни е јасно како стигна во јавноста. Не е првпат да комуницираме со премиерот и со неговиот тим. Уште на 2 јуни 2017 година му го испративме првото писмо по доаѓањето на власт, во кое му укажавме на приоритетните 11 случаи на денационализација. Реисот имаше и средби со него. За жал, и денес, кога веќе изминува втората година на функционирањето на т.н. реформска влада, немаме одговор, а камоли реализација на кое било барање“, вели Агрон Војника, директор на секторот за односи со јавност при ИВЗ.

Од оваа верска заедница објаснуваат оти чашата на незадоволство била прелеана во случајот со Алипашината џамија кога, и покрај договорот со Владата, односно добиената донација од Турција, изградбата на минарето наидува на пречки.


„Премиерот го изигрува договорот со тоа што ги прима на средби членовите на новоформираното здружение, кое се противи на изградбата на минарето. Покрај тоа, секојдневно ни испраќаат инспектори. Тоа не е притисок, туку суперпритисок. Компромис може да има за сè, освен за тој случај. Таму минаре си постоело и било срушено со експлозив меѓу двете светски војни. Тоа значи дека кога се конзервира или реставрира нема потреба да се бара градежна дозвола. Не градиме ништо ново, не доградуваме, туку работите се враќаат како што биле. Нема отстапки, минарето мора да се изгради“, вели Дритон Дикена, директор на имотот или вакуфите на ИВЗ.
Од ИВЗ признаваат оти проблемите не сè од денеска, но на прашањето зошто токму сега решиле да реагираат и дали имале добиено некакви гаранции од Заев, па сега се чувствуваат изневерено, немаат прецизен одговор.
„Не, не се заканивме дека во џамиите ќе зборуваме против Владата, не уценувавме, никогаш не сме се мешале во политика, нема ниту сега, немало никаков договор со Заев“, се правдаат во ИВЗ.
Поднесени 350 барања за денационализација
Од 1998 година досега, од кога беше донесен Законот за денационализација, тие поднеле 350 барања за враќање на нивен имот. Станува збор за четири милиони квадратни метри во земјиште и над 42.000 квадратни метри во дуќани, безистени, објекти… Четириесетина отсто од случаите имаат разрешница (во десет отсто им е вратен имот, а во триесет добиле обесштетување), додека останатите шеесетина проценти биле недовршени.
„И така со години, ќе тргне, па ќе нè вратат на почеток. Денационализацијата требаше да заврши за четири-пет години, а и по две децении нема абер. На наш имот се изградени судовите 1 и 2, комплексот ‘Св. Кирил и Методиј’, Национална библиотека, МАНУ, МВР, Железничката станица, Капан-ан, Сули-ан, Безистен… Тоа се атрактивни локации. За локацијата кај Црвениот крст добивме обесштетување од 500 денари по квадратен метар. Каква сума за какво место. На плоштадот ‘Македонија’ постоела Бурмали џамијата. Посебна приказна е Калето, каде што имавме две маркички за изградба на резиденција на реисот и седиште за ИВЗ. Сите други верски заедници имаат и тоа подарок од државата, само ние немаме. Вложивме наши 80.000 евра за да го уредиме просторот од скопското муфтиство до француските гробишта. Кога, по некое време, дознаваме дека земјиштето му е продадено на бизнисменот Орце Камчев и за неговата МПМ по цена од 1.200 денари за квадратен метар. Денеска, тоа земјиште се продава од страна на банка како обесштетување за пропаднатата фирма. Што треба сега, да се јавиме на огласот и да купиме нешто што е наше“, прашува Дикена.
Исламската верска заедница во петокот ѝ се закани на Владата дека во пресрет на претседателските избори, во 700 џамии низ земјава ќе ги информира верниците за дискриминациски однос од страна на државата. За да не се случи тоа, побара од премиерот Зоран Заев и неговиот тим да добие писмен одговор за намерите и активностите во врска со реконструкцијата на Алипашината џамија во Охрид, статусот на верските објекти во Лажец и Хусамединпашината џамија во Штип, која била заведена на име на друга верска заедница.
Добија инстант-реакција од „Илинденска“ дека Македонија е секуларна држава, поради што извршната власт нема да презема чекори со кои би ги манипулирала верските чувства или би се мешала во односите внатре во верските заедници. Од Владата дури рекоа и оти размислуваат да го известат и обвинителството за искажаните закани.
Само два дена подоцна, реисот-ул-улема седеше еден до друг со министрите во Владата од редовите на ДУИ. Али Ахмети напомена оти имало простор за разговор и дека не гледа некаков проблем меѓу државните институции и заедниците што ги штитат правата на верниците.
„Ние знаеме дека Македонија е секуларна држава, ама знаеме и дека Министерството за финансии, кое е задолжено за денационализацијата, е во составот на Владата“, заклучуваат од ИВЗ.
Имале обврска за завршна сметка
Управата за јавни приходи веќе неколку месеци се обидува да продре во ИВЗ и да види дали, како и колку оваа верска заедница работела законски. Според податоците од Централниот регистар, ИВЗ не поднела ниту една завршна сметка од 2006 година.
„По повеќе основи имаат обврска да исполнуваат даночни обврски кон УЈП. Една од нивните обврски е и да поднесат завршна сметка. Врз основа на тоа имаат и данок на добивка. Тоа се дел од анализите што во моментов ги спроведуваме“, изјави директорката на УЈП, Сања Лукаревска, додавајќи дека побарале податоци од повеќе институции за да го испитаат работењето на ИВЗ.
Од ИВЗ, пак, одговараат дека согласно постоечките закони за верските обврски, тие не се должни да даваат завршна сметка. Тие велат дека не се даночни обврзници, плаќаат паушален данок, поради што и не чувствувале потреба да соработуваат со инспекторите од УЈП.
„Во една пригода, премиерот Заев го праша реисот како е регулирано финансирањето на верските заедници во другите држави. Направивме анализа, видовме дека во еден куп земји членки на Европската Унија, кои се секуларни и се поим за демократија, државата финансиски ги помага заедниците на верниците почитувајќи ги нивните чувства и штитејќи ги нивните права. Кај нас тоа не е случај. Ако биде некој ден, тогаш и УЈП ќе може да врши контроли и инспекции“, нагласуваат од Исламската верска заедница.

Горан Адамовски