Иванов ќе бојкотира, па ќе се пензионира

Својата, веројатно, последна посета на САД како претседател на Македонија, Ѓорге Иванов ја искористи за оттаму да испрати пораки за бојкот на претстојниот референдум за името, проблем што подолго од две и пол децении го попречуваше остварувањето на стратегиските приоритети на државата. Со сличен тоналитет се очекува да биде и утрешното обраќање на Иванов пред Генералното собрание на ОН, што е своевидна иронија ако се има предвид дека преговорите за спорот за името сите овие години се водеа под покровителство на светската организација.

Сè уште е неизвесно дали Иванов воопшто ќе биде во Скопје на 30 септември или од САД ќе го следи развојот на ситуацијата околу референдумот. Затоа, пак, извесно е дека на Иванов му преостанува нешто повеќе од половина година на претседателската функција, со оглед на тоа што неговиот втор мандат завршува околу 10 мај следната година, така што во април треба да се одржат претседателски избори во Македонија.

Откако Иванов пред нашите иселеници во САД го искажа својот став за бојкот на референдумот, во домашната јавност се актуелизираа шпекулациите дека македонскиот претседател, по завршувањето на мандатот, нема да остане во државата туку ќе замине во Турција за да предава на некој од тамошните универзитети. За ваквата информација засега нема официјална потврда, ама во нејзина поткрепа се блиските релации на Иванов со владејачки функционери во Анкара, а посебно со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на чија инаугурација присуствуваше летоска. Турција, исто така, беше една од најчестите дестинации за посета на Иванов во текот на неговите претседателски мандати.

Доколку ваквите информации се покажат како неточни, на Иванов по завршувањето на мандатот му престојат уште две опции – да ѝ се врати на професурата на Правниот факултет во Скопје, каде што предаваше политички науки пред ВМРО-ДПМНЕ да го лансира во државниот врв, или да се „пензионира“ и да ги искористи бенефициите што му следуваат како поранешен претседател, а што веќе петта година ги користи и неговиот претходник Бранко Црвенковски. Токму околу ова последното се отвори дебата деновиве во јавноста, во смисла дали државата ќе го финансира и натаму Иванов за да ѝ прави политичка штета. Уште повеќе што ќе се зголемува бројот на бивши претседатели за кои треба да се трошат пари од буџетот, при што на листата е и семејството на претседателот Борис Трајковски за чии потреби беше изградена огромна палата на Водно.

Во изминатите години имаше неколку иницијативи за ограничување на правата на поранешниот претседател, кои беа предвидени уште при крајот на мандатот на Киро Глигоров во 1999 година, а дополнително зајакнати по загинувањето на претседателот Борис Трајковски во 2004, но тие не поминаа во парламентот. Носител на тие иницијативи беше поранешниот пратеник на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, кој е сега национален координатор во Владата. Тој и сега вели дека е потребна рестрикција на правата на поранешните претседатели.

– Сметам дека нема потреба поранешните претседатели да имаат толкави бенефиции, посебен буџет и посебни простории, како и тим од советници. Тоа не е практика во ниту една друга земја. Би било доволно ако на поранешен претседател му се определи плата во висина на неговите примања додека бил на функцијата, една канцеларија во парламентот што ќе ја користи по потреба и притоа ќе биде опслужуван од собраниската администрација и евентуално да може да користи службено возило кога ќе оди на службено патување и обезбедување по проценка, односно ако се оцени дека му е загрозена безбедноста – вели Трајанов.

Кога ќе му заврши мандатот, Иванов ќе има 58 години, додека неговиот претходник Црвенковски се „пензионира политички“ на 51-годишна возраст. Законот кој ги регулира правата на поранешниот претседател предвидува право на: пензија во висина на платата што ја прима актуелниот претседател на државата (тоа е моментно износ од околу 105 илјади денари); на канцелариски простор и најмногу три стручни соработници; на лично обезбедување и на службено возило и возач. За таа намена, според проценките, од буџетот годишно се определуваа по околу 250 илјади евра. Исто така, на претседателот кому му престанал мандатот може по негово барање да му мируваат правата предвидени со овој закон. Според тоа, на Иванов по завршувањето на претседателскиот мандат му останува на располагање и опција да ги стави во мирување правата што му следуваат како поранешен претседател, како што направи и Црвенковски кога, по завршувањето на претседателската функција во 2009 година, се врати на кормилото на СДСМ.

Во изминатите пет години, колку што ги користи правата како поранешен претседател, Црвенковски речиси воопшто не беше присутен на јавна сцена и немаше никакви политички активности. Преседанот го направи пред неколку седмици кога се јави со отворено писмо во јавноста соопштувајќи дека има многу резерви во однос на договорот со Грција, ама дека, сепак, ќе гласа „за“ на претстојниот референдум затоа што смета дека за Македонија нема алтернатива освен членството во НАТО и во ЕУ.

Наспроти тоа, наследникот на Црвенковски на претседателскиот трон – Иванов се јави од САД за да ѝ соопшти на македонската јавност дека нема да гласа на 30 септември, притоа испраќајќи суптилни пораки до граѓаните да размислат околу бојкот на референдумот.

Претставници на владејачката гарнитура го оценија ваквиот потег на Иванов како чин на неодговорност на носителот на највисоката функција во државата. Трајанов, пак, смета дека деструктивноста што ја демонстрирал Иванов во однос на капиталните политички процеси што се одигруваат моментно во државата, е добар мотив да се размисли повторно околу потребата за ограничување на правата на претседателот на Македонија по завршувањето на функцијата.

 

Ретко каде важи „еднаш претседател – секогаш претседател“

Поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ пред околу две години остана со минимум привилегии и го затвори својот кабинет откако тогашната влада на Тихомир Орешковиќ предложи, а парламентот прифати да му се укине правото на канцеларија, личен возач и службено возило, така што на товар на државниот буџет ќе остане само неговото лично обезбедување.

Претходната хрватска регулатива му овозможуваше на Месиќ трајно да ги користи државните бенефиции, додека за следните претседатели било предвидено тие права да може да ги уживаат најмногу пет години. Тоа беше аргумент за хрватската влада да ги ограничи правата на Месиќ, со оглед на тоа што ги користел подолго од пет години – период во кој многу патувал и потрошил значајна сума буџетски средства за тоа.

И во Србија правата на поранешните претседатели се поограничени во однос на привилегиите што важат во Македонија. Поранешните српски претседатели добиваат почесна титула поранешен претседател на Републиката, право на 80 проценти од претседателската плата додека не се вработат или не заминат во пензија, можност да се вратат на старото работно место во рок од три месеци, право на канцеларија, советник и секретар, возило и службен возач – во период колку што траел претседателскиот мандат, обезбедување во период од една година по завршувањето на мандатот, дипломатски пасош и пристап до архивите од времето додека бил на функцијата.

Александра М. Митевска