Иванов не доби покана за НАТО

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов најверојатно нема да биде утре во Брисел, додека таму во попладневните часови на масата на НАТО ќе се дискутира за приемот на нашата земја. Следниот ден, шефот на државата, според најавите, ќе ја пропушти и свечената церемонија на која генералниот секретар на алијансата, Јенс Столтенберг, ќе му ја врачи и формално на премиерот Зоран Заев поканата за членство на Македонија во Северноатлантскиот совет.
Во агендата на нашата делегација од „Илинденска“ што ги пакува куферите за Брисел го нема името на претседателот Иванов. Од Владата, единствено добивме одговор дека Иванов не е во таа делегација и дека поканите за присуство на самитот ги испраќаат од НАТО. Од кабинетот на Иванов, до затворањето на овој број на весникот, не добивме информација дали претседателот евентуално е поканет во Брисел. Затоа, пак, се знае дека македонскиот претседател вчера беше на инаугурацијата на новиот мандат на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Бриселскиот самит на НАТО за Македонија, всушност, претставува чиста спротивност од самитот пред десет години во Букурешт, кога земјава, за разлика од другите две држави од Јадранската група (Хрватска и Албанија), доживеа фијаско поради грчкото вето. Овој пат е речиси извесно дека македонската делегација ќе се врати од Брисел со покана за членство, благодарение на поддршката за тоа од сите земји членки на НАТО, вклучително и Грција, а како резултат на постигнатиот договор за името. Разликата е во тоа што добрата вест за државата нема да ја слушне овој пат нејзиниот претседател, за разлика од 2008 година, кога лошата вест за „ветото“ за прием ја дочекаа заедно тогашните премиер и претседател, Никола Груевски и Бранко Црвенковски, кои беа во кохабитација – слично како што се сега Заев и Иванов, само во обратни позиции.
Со оглед на тоа што безбедносната и надворешната политика се клучни надлежности на македонскиот претседател, во минатото имаше ситуации кога македонски претседател ја предводел нашата делегација на самит на алијансата, додека Македонија фигурираше како претендент за членство. Така, на пример, поранешниот претседател Борис Трајковски беше на чело на делегацијата на Прашкиот самит на НАТО во 2002 година, набргу по завршувањето на безбедносната криза во земјава и потпишувањето на Рамковниот договор.
Во Брисел утре во придружба на премиерот Заев ќе биде речиси истиот состав како и за неодамнешниот состанок на Европскиот совет и за потпишувањето на договорот со Грција во Преспа: министерката за одбрана Радмила Шекеринска, шефот на дипломатијата Никола Димитров, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи… Нивниот главен аргумент на ова патување во Брисел е постигнатиот договор за името со Грција, кој, инаку, беше ратификуван во македонскиот парламент, ама во два наврати не го помина „тестот“ кај претседателот Иванов, така што не е објавен сè уште во „Службен весник“.
„В среда попладне, во првиот дел од дводневниот самит на НАТО, Македонија ќе ја добие поканата за зачленување во алијансата“, рече вчера на брифинг со новинарите националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски.

Тој појасни дека, според последните нацрт-верзии што ги виделе, поканата ќе биде со иста формулација како и за Црна Гора – последната нова членка на алијансата. Таа формулација се користела и при приемот на Хрватска и Албанија во 2008 година во Букурешт и гласи дека НАТО ја повикува земјата кандидат да ги почне пристапните преговори.
Министерката Шекеринска, пак, посочи дека процедурата за зачленување на Македонија е идентична како и за сите други земји кои станаа членки. Тоа што е поразлично е што Македонија пред почетокот на ратификацијата на договорот за членство во НАТО во парламентите на земјите членки треба да ги спроведе обврските што произлегуваат од договорот со Грција, поточно референдумот, а потоа и уставните измени.
„Нашата цел не е да ја добиеме поканата и тука да застанеме. Целта е во брз и ефикасен процес да станеме членка на НАТО. Но тоа ќе зависи од Владата, од опозицијата, а најмногу од граѓаните кои ќе го имаат последниот збор“, рече Шекеринска.
Таа посочи дека постои опасност од одолговлекување на процесот, за што како пример ги наведе опструкциите околу изборот на новиот состав на ДИК. Но, рече дека Владата ќе направи сè за процесот да биде брз и успешен.
„Во наша корист е процесот да оди што побргу затоа што во моментот во парламентот во Грција има мнозинство кое го поддржува договорот и ќе поддржи ратификација на нашето членство во НАТО. Не можеме да знаеме каква ќе биде таму ситуацијата по изборите“, рече Шекеринска.
Од технички аспект, Пендаровски објасни дека НАТО прво прави план за пристапување, по што генералниот секретар праќа покана до МНР или до Владата. Потоа македонските институции одговараат на поканата за пристапување, со што почнуваат мини преговори од политички и од технички аспект. Во следната фаза, Македонија подготвува мала национална програма за членство и ако сè е во ред, рече Пендаровски, се потпишува протокол за пристапување, по што почнува ратификацијата кај земјите членки. Александра М. Митевска