Збогум, Никола

Здравко Савески, политиколог и член на Левица

Таква е политиката. Непредвидлива. Горе си, мислиш дека си незаменлив, несоборлив, мислиш како Путин ќе владееш уште долги години, кога… се соочуваш со својата политичка смрт. Заминуваш во историјата, те пцуе кој стигне, си спаднал на Бранко, те обвинуваат за сè, ќе влезеш во историјата како македонски Милошевиќ. А си замислуваше дека ќе бидеш вториот Александар. Песни ти пееја. Како беше онаа, Господ те пратил, верба да вратиш во Македонија? А сега? Мора да се договараш да не завршиш во затвор, мора да одработуваш за твој наследник да биде „кандидат прифатлив за меѓународната заедница“. Имаш неброени пари, но дали ќе ти дозволат да уживаш во нив?

Го потцени народот. Мислеше дека е премногу глуп, премногу малодушен. Мислеше дека ќе го манипулираш до бескрај, дека ќе купиш доволен број луѓе кои од интерес секогаш ќе бидат со тебе. Да, моралниот пад кај нашиот народ е голем. Сиромаштијата и невработеноста принуди многумина да се продадат. На многумина им беше страв да излезат на протести. Сакаа друг да им ја заврши работата. Но, ете. Направи погрешна проценка. Иако сите слушнаа за твоите криминали, мислеше дека веќе стана доволно силен за да ја задржиш власта. Па на колкумина како тебе, твои колеги „демократи“, тоа им успеало, нели? Зошто и тебе да не ти успее? И веројатно ќе ти успееше по некоја година. Веројатно го фативме последниот воз, ја искористивме последната шанса да те тргнеме. Ако масовните протести против тебе почнеа сега, наместо во 2014, можеби веќе ќе беше предоцна за нас. Толку ќе се имаше засилено што, во најдобар случај, ќе ни требаа двојно поголеми напори да те тргнеме. Оди тргни го сега Ердоган, оди тргни го Путин да те видам. Нели? Народот таму ги пропушти шансите кога тие сè уште не беа толку силни. А сега акумулираа доволно моќ за да можат да владеат со години.

Но нема повеќе да се занимавам со тебе, Никола. Не милувам да удирам кога противникот е на земја. Кога беше силен, кога ја контролираше Македонија, тогаш беше исклучително важно човек да ти се спротивстави, а сега, многумина се силни. Сега имаме други проблеми, голем дел од нив ти ги создаде или ги влоши. И треба да извлечеме поуки. Ако не сакаме да се повторува историјата. И по Никола да дојде Никола. Една од тие поуки е

Како дозволивме да ни се случи Груевски?

Како стигнавме на работ на диктатурата, зошто неговата клика натрупа огромни пари, а народот осиромаши уште повеќе?

Долги години, никој не смееше да проговори против него. Сè уште не од страв, туку за да не се дискредитира самиот. Кратко паметење имаме како народ и, иако тој период не е античка историја, го заборавивме. Го памтите тој млад политичар кој во 1998 стана министер за трговија во владата на Георгиевски, а потоа министер за финансии? Најпопуларниот министер во владата беше. Буквално. Чиста спротивност на неговите претходници, одбивните измеќари на олигарсите кои им овозможија да нè испокрадат за време на приватизацијата. Чиста спротивност и на неговите колеги од власта, оптоварени со национализам, невешти во јавните настапи. А, Груевски, млад, реформски ориентиран, посветен на економијата, неоптоварен со идеологија.

Кога во 2003 стана лидер на ВМРО-ДПМНЕ, тоа сите го видоа како модерна преродба на партијата. Си заминаа националистите, а на чело на ВМРО-ДПМНЕ застана тој, младиот, реформски ориентиран технократ, „прифатлив за меѓународната заедница“, со нивни амин. А каква само еуфорија создаде овој, секогаш насмеан, реформски политичар кога дојде на власт во 2006! Ја разбуди надежта, ја разбуди вербата! Му успеа нешто што е исклучително тешко да се направи кај овој народ! Изборната песна „Македонија има сила“ беше апсолутен хит. Ако ја ставеа на топ-листите, несомнено ќе беше на врвот! „Земјата бара будење пак, предолго заспана била, а нашето сонце пробива мрак, Македонија има сила!“ – заедно со Владо Јаневски, Ребека, Гоце Арнаудов, Соња Тарчуловска, Тијана Дапчевиќ и Јован Јованов – си потпевнуваа и пееја многумина што баш и не беа „ВМРО до гроп“.

Првите 100 дена на власт – како од учебниците по политички маркетинг! Рејтингот до небо! На чело на Македонија конечно застанаа – вешти манипулатори. Знаеја како со народот. Како да ти аплаудира додека го крадеш. Намалување на даноците и придонесите! Во интерес на богатите! Народот аплаудира! Билдање на националното чувство! Додека ги дефокусираш луѓето со етнички прашања, продолжуваш да ги крадеш зад грб! Кога не им го даваш она што им го вети и за што те поддржаа, потсети ги на опозицијата, како тие ја запустија Македонија! И сето тоа ти успева! Глатко! Можеш на мир да крадеш. Како и тие пред тебе што беа на власт. Можеш дури и повеќе од нив да крадеш, кој ќе се дрзне да проговори против тебе? Ќе му залепиш лепенка дека е платеник на СДСМ. Па нека се чуди и нека се мачи да ја избриши лепенката, сите ќе го гледаат со недоверба. Можеш да игнорираш протести на младите, на сиромашните, се претвораш во глува власт, никој ништо не ти може, човековото око е ненаситно… И, стануваш диктатор, сонуваш дека и тебе ќе ти изградат споменик дури си жив во склоп на твојот проект „Скопје 2014“.

Горката лекција која треба да ја извлечеме е дека ние како народ дозволивме да ни се случи Никола Груевски. Лесно е да се обвинува само Груевски за нашите изгубени години. Но, колку и да беше расипан, дури и до срж, ние како народ му дозволивме да владее. Не смееме да го потиснеме тоа сознание, колку и да е непријатно. Не се плукаше по него, туку по оние што повикуваа на разумот, по оние што изнесуваа аргументи. Тие беа предавниците, а не Никола Груевски. Со него се сликаа, бабите го обожаваа. Тој крадеше, луѓето наоѓаа оправдување: не бидува да си до медот, а да не чепнеш… Груевски си замина, опасниот наш менталитет остана.

Груевски е политички мртов, но Груевски може пак да ни се случи. Не смееме да ги боготвориме политичарите, не смееме да имаме слепа вера во нив, особено кога доаѓаат од клиентелистички партии кои му слугуваат на крупниот капитал. Зашто тие секогаш ќе ја користат власта во интерес на своите газди. А народот ќе остане да го крпи животот. Не паѓајте веќе еднаш на насмеаните, наизглед секогаш добродушни властодршци! Чувајте се од сите што се китат и ги китат со аурата на спасител! „Спасителот“ многу често станува новиот тиранин. Да ја надминеме конечно детската утопија за добриот цар. Само со широка народна мобилизација, само кога народот ќе престане да паѓа на евтините трикови на моќниците и ќе ја сфати својата вистинска сила, може да се создаде подобар живот. Дури тоа не го научиме, дури се надеваме дека следниот наш водач ќе биде оној вистинскиот, Спасителот, дури мижеме пред сите негови грешки, историјата ќе ни се повторува. Нема да се вика Груевски, ама ќе биде Груевски.