За злоупотреба на податоци 192 претставки

Мал дел од родителите се информирани дека постои можност да вршат контрола на содржините кога нивните малолетни деца користат интернет. Освен игри на мобилните телефони и на компјутерите, децата се корисници и на социјални мрежи, гледаат разни видеа, на интернет минуваат и по неколку часа во текот на денот, па оттука се изложени и на нарушувања на нивната приватност.

Валентина, која е родител на тринаесетгодишно дете, за „Независен весник“ вели дека е загрижена што сè гледа син ѝ на интернет.

„Дома пред неколку години имавме инсталирано софтвер за да го заштити син ми од негативни содржини“, објаснува мајката.

„Неколку часа во текот на денот го вклучувам рутерот па го исклучувам“, додава Тања, која е родител на шестгодишно дете.

„Додека ќерка ми е на интернет, јас сум до неа, тоа ми е најлесно решение, да не отвори некои страници што не се за нејзина возраст. Не знам дали постои полесно решение од ова“, додава Ленче.

Во извештајот на Агенцијата за електронски комуникации наведено е дека само 10 отсто од домаќинствата во Македонија со малолетни лица имаат инсталирано софтвер за родителска контрола. Половина од испитаниците, 58 отсто, не се свесни дека постои софтвер за родителска контрола што на децата ќе им овозможи безбеден интернет, додека кај 44 отсто има интерес во иднина да инсталираат софтвер.

Процентот на малолетните деца кои имаат пристап до интернет е 30 отсто, бележи мал пад во однос на 2017 година. Во 83 отсто од случаите децата на интернет пристапуваат секојдневно, 37,5 отсто поминуваат до два часа, а 43,1 отсто од два до пет часа. Во Македонија интернет-пристап во домот имаат 84,5 отсто, а корисници на интернет се 76,8 отсто од населението“, стои во извештајот на АЕК.

Со анкетата биле опфатени 1.100 испитаници од популација на возраст од1 8 и повеќе години, корисници на некоја од електронските комуникациски услуги.

Домаќинствата имаат можност да купат софтвер, кој се инсталира на компјутер со што им се овозможува филтрирање на несаканите содржини до кои можат да дојдат децата на интернет. Родителите имаат можност и преку интернет да симнат софтвер, еден од нив е „Kaspersky Safe Kids“, а ќе ги чини 15 евра.

За нарушување на приватноста од почетокот на годината досега во Дирекцијата за заштита на личните податоци стигнале вкупно 192 претставки, од нив 185 биле од граѓани, а седум од фирми. Притоа, девет претставките се за злоупотреба на лични податоци на деца (5 се за Инстаграм, а 4 се за Фејсбук).

„Во текот на оваа година од вкупно поднесените претставки, 49 се за лажни профили на Фејсбук, а 37 за хакирани профили, осум за објавени слики на туѓ профил на Фејсбук, пет од претставките се од фирми за лажни профили на Фејсбук, осумнаесет за лажни профили на Инстаграм. Анализата на состојбите со големиот број претставки поврзани со социјалните медиуми покажува дека главната причина за ваквите состојби е во немањето доволно свест кај оние што имаат креирано профил на социјалните мрежи и дека доследно не се применуваат политиките за приватност. Потребно е да се работи на подигање на свеста кај луѓето кои сакаат да имаат профил на социјалните медиуми и тоа за начинот на прибирање, однесување и зачувување на податоците содржани на профилите на социјалните медиуми“, велат од ДЗЛП за „Независен весник“.

Децата најчесто се жалат за лажни или пробиени (хакирани) профили, како и за преземени фотографии од социјалните мрежи и употреба за друга цел.

„Децата најчесто поднесуваат барања за бришење лажни или пробиени (хакирани) профили преку нивните законски застапници, родителите или старателите, како и за преземени фотографии од социјалните мрежи и употреба за друга цел“, додаваат од Дирекцијата.

Една од надлежностите на Дирекцијата е зголемување на јавната свест за начинот на обработка на личните податоци, како и за нивното објавување на социјалните мрежи. На веб-страницата на оваа институција има објавено неколку водичи кои можат да им помогнат на граѓаните да не биде злоупотребена нивната приватност.

Вероника Мароска-Леова