Државниците не се кријат зад народот


Референдум за името ќе има и за мене тоа е затворено прашање. Без референдум, без граѓаните да се изјаснат за евентуалното предлог-решение не постои можност да се реши проблемот со името. Ова изјава стара девет години ја даде поранешниот премиер Никола Груевски. Екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ е длабоко убеден дека вака крупно прашање во историјата на еден народ не може да се реши без консултација со сите граѓани.

Името на државата е наследно. Тоа беше составен дел од прашањето за референдумот на 8 септември 1991 година. За името на оваа држава не може да одлучуваат сами грст политичари или поедини интелектуалци, НВО или поединци. Тоа е така крупно историско прашање за кое може да одлучи само народот. Политичарите за ова прашање можат да го дадат само своето мислење, но не и сами да одлучат“, велеше Груевски.

Кон крајот на август 2018 година, треба малку повеќе труд и меморија да се најдат ваквите настапи на довчерашниот најмоќен човек во македонската политика. Иако неговите ветувања токму сега треба да бидат ставени на тест, од партијата со која раководеше до пред осум месеци одамна следат некои други курсеви. Не дека драстично ја променија реториката и начинот на дејствување, туку се променија времињата. По 11 години на власт, ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција, па болните договори и непопуларни потези им се оставени на некои други, а тие сакаат да ја искористат шансата и да профитираат.

ВМРО-ДПМНЕ првпат официјално го спомена референдумот како крајна алатка од преговорите со Грција во предизборната кампања за парламентарните избори во 2006 година. Подоцна, следуваше признание дека на Самитот на НАТО во Букурешт било прифатено решението „Република Македонија (Скопје)“, но со забелешка: договореното во последен момент мора да оди на референдум.

Видоа – не видоа, и СДСМ се фати на иста страна и им вети на граѓаните, кои се крајно чувствителни по ова прашање, дека ќе им даде шанса да се изјаснат на референдум. И ден-денеска кај нив може да се слушнат гласови дека државничка власт презема одговорност и не спроведува референдуми како алиби. Па, и нивните коалициски партнери, ДУИ, кои додуша се партнери на секоја македонска партија во владата, им сугерираа да не одат на референдум, туку сега и веднаш да го решат спорот за името. Но референдум ќе има. Бадијала беа стравувањата на дел од политичката елита дека власта на крајот ќе го заобиколи граѓанското изјаснување.

Мнозинството граѓани се вознемирени од преспанскиот договор, тоа е повеќе од сигурно. Статистичка грешка, што би рекол Христијан Мицкоски, не се тие што ќе гласаат „за“ договорот, туку тие што сметаат оти е сеедно како ќе се викаме, каква ни е историјата и што немаат почит за генерации и генерации што ги дале своите животи за Македонија. Голем дел од граѓаните одбираат да му кажат збогум на минатото и да ѝ кажат здраво на иднината. Тие што се против, исто така, имаат свои аргументи, никој не може да им замери доколку се чувствуваат обесправено од договорот. И тие што ќе бојкотираат се водат од целта да не се исполни цензусот и барем за момент да се закочи реализацијата на спогодбата. Белки се свесни дека процесот ќе продолжи дури и во тој случај, само што притисокот ќе се префрли во Собранието. Но во сиве овие ситуации зборуваме за граѓаните, кои се однесуваат единствено врз основа на своите политички проценки и емоциите и кои немаат други интереси.

Задача на политичарите и на партиите, особено најголемите, е да му овозможат просперитет на својот народ и да го поведат напред. Доколку имаат подобар план и визија да ги соопштат, па граѓаните да одберат. Ако сите сакаме во НАТО и во ЕУ, да ни ги кажат како и кога ќе го остварат тоа. Не да се затскриваат зад народот.

Горан Адамовски