Вања Грбиќ за „Независен“: Јас сум олимписки шампион – политиката не може да ме купи

Владимир Вања Грбиќ е еден од великаните на светската одбојка во поновата историја. Во кариерата играше за 11 клуба (Младост Загреб и Војводина во поранешна Југославија, Падова, Кунео, Рома Волеј, Латина во Италија, Сао Паоло во Бразил, Осака Блејзерс во Јапонија, ПАОК во Грција, Динамо Москва во Русија и Фенербахче во Турција) и за три репрезентации – на СФРЈ, на СР Југославија и на Србија и Црна Гора. Член на одбојкарската Куќа на славните. Има бронен медал од ОИ 1996 во Атланта и злато од ОИ 2000 во Сиднеј, сребро од СП 1998 во Јапонија, бронзени одличја од ЕП 1995 во Грција и ЕП 1999 во Австрија, сребрено од ЕП 1997 во Холандија и злато од ЕП 2001 во Чешка и уште неколку медали од Светските купови, Светската Лига и Медитеранските игри. Изминатава недела беше во работна посета на Скопје како почеток на една убаво замислена соработка со македонскиот прволигаш Јанта Волеј што ја искористивме да поразговараме во четири очи.

Неколку години наназад преку Вашата фондација организирате одбојкарски кампови за деца. Дали планирате ширење во земјава или посетата на Скопје е чисто за одржување промотивен тренинг со екипата на Јанта Волеј?

– Соработката со Јанта Волеј не е само на тема камп. Кампот е причина плус да се видиме. Работиме на прекуграничен проект во кои се вклучени градовите Скопје, Прокупље, Лепосавиќ и Медвеѓа што во целост ќе биде финансиран од мојата фондација. Целта е да креираме можност за 120 деца од Македонија да тренираат и да бидат во контролиран квалитетен режим од нивната деветта до 18. година. Програмата предвидува работа преку цела година, а кампот е составен дел од неа. Интенција е да ги обезбедиме сите можни услови на децата од опрема, тестирање, квалитетна работа со тренери, сала, превоз и се останато за што сметам дека нормално и што ние некогаш го имавме, но и да ги одвоиме од современата технологија како телефони, компјутери, таблети од една страна. Убеден сум дека ќе има резултати со оглед дека проектот ќе опфаќа 8.040 деца од 67 градови во десет земји. Скопје е само почеток во Македонија, подоцна ќе ги видиме и другите градови.

Чија идеја е проектот и што во суштина е негова цел?

– Проектот е мој и заштитен е. Имајќи во предвид што се сè случуваше на овие простори во изминатите 25-30 години и фактот дека сè уште постојат разлики, страв, предрасуди и омраза, идејата е преку спортот да се превенираат и санираат разликите. Низ соработката на деца од различни земји да се создаваат сигурни и стабилни врски. Одбојката впрочем ќе биде јазик за разбирање. Проектот не е само развоен туку и за обезбедување на иднина на одбојката и нејзино позицинионирање како основно средство за здрав развој на децата. Ние не правиме идни шампиони, наша примарна цел е здравјето на децата. Денеска имаме 96 отсто деца со искривен ‘рбетен столб, со рамни стопала, дијабетесот е зголемен за 1.500 отсто, пред се, кај децата од основните училишта. Ова е начин за санација на проблемите и да им помогнеме на децата да разберат зошто е важен спортот.

Како се работеше во Ваше време, а како се работи сега?

– Систем на работа повеќе нема. Системот на спорт не постои. Со уривањето на СОФКА, се урнаа и моралните принципи и вредности и луѓето се свртеа да работат за пари. Притоа се занемаруваат принципи и методика на работа со децата за постигнување на резултати на краткорочни цели, а родителите плаќаат. Тоа е фантастична економска сметка која нема никаква социјална ниту персонална вредност. Се сведува на продажба и тргување со децата на најлош можен начин што остава сериозни последици. Значи 95 отсто од тренерите кои работат со деца денеска немаат ниту образование ниту знаење од областите што се поврзани со детскиот развој. А, тие се суштина во оваа работа, одбојката е само еден од сегментите. На прсти на една рака може да избројат тие што правилно работат со деца.

Што велат Вашите сознанија во делот на инвестирање во спортот во Србија?

– Вкупните издатоци на родителите во Белград се 40 милиони евра на годишно ниво само за членарини за своите деца за спортски активности. Математиката е едноставна – 100.000 деца по 40 евра. Тоа се четири милиони месечно и помножено со десет месеци се доаѓа до сума од 40 милиони. Уште 40 милиони отпаѓаат на опрема, на подготовки, на котизации, на лекарски прегледи, на патувања. Или вкупно 80 милиони, а годишниот буџетот на Министерството за сите спортови и за цела Србија е 62 милиона евра. Заклучок е дека најголеми финансиери во спортот се родителите кои даваат пари на луѓе над кои Министерството нема контрола. За жал така стојат работите.

Што е суштина во одбојката или можеби подобро речено што е одлучувачки фактор?

Можете да бидете и силни и големи, но тоа е нешто што не игра. Постојат две работи што одлучуваат кога е одбојката во прашање – глава и срце. Ниту една од тие две работи не зависи од физиката туку од вербата за кого играте и колку верувате во својот тим. Се друго е празна приказна.

Одбојката е спорт во кој малку се вложува во Македонија. Лигата е слаба, а репрезентацијата, сепак, ќе игра на Европско првенство. Ве изненади ли тоа? 

– Знам дека Македонија за првпат ќе игра на Европско првенство, знам и за трето место во Европска лига. Во Македонија се зборува на одбојкарски јазик, но институциите мора да помогнат многу повеќе. Ракометот да. Даде феноменален резултат меѓутоа во оној момент кога отиде Русинот исчезна женскиот клуб и затоа повеќе не постои женски ракомет. Тоа е проблем. Мора да има етички принцип во работата со децата. Без солиден систем, солидна база и платформа со која ќе растат и ќе се развиваат, но и ќе се спознаваат себеси и своите можности, се плашам дека ќе одиме кон гладијаторство што не е суштина. За сите нас спортот може да биде многу подобра отскочна даска од било која друга гранка во општеството.

Спортот како спорт сам по себе или спортот како можност за маркетинг и промоција?

– Пласманот на Македонија на Европското првенство е феноменална прилика за политиката да сфати колку евтин маркентинг може да биде спортот ако инвестира во него, а притоа да се промовира на најдобар можен начин. Ако политичарите се барем малку паметни како што не се и само малку да подразмислат за промоцијата на својата земја и на своите деца наместо да мислат како да извлечат пари за четири години, може да добијат многу повеќе. Пример за тоа е Новак Ѓоковиќ и Србија. Колку Новак доби од државата, а колку ја промовира низ светот. Тоа е нешто треба и мора да се сфати.

Има ли нешто за што жалите дека не дофативте во кариерата?

– Во кариерата освоив се освен Купот на шампиони. Бронзата на Игрите во Атланта беше најнеочекуваниот медал, но и медал со специфична тежина. Олимписко злато, секако, е олимписко злато и не може да спореди со било што бидејќи кога одите на натпреварување на кое се присутни сите спортови и спортисти и каде дистракцијата е голема, тогаш медал освојуваат само оние што најмногу сакаат.

Кошаркарите, ракометарите, ватерополистите и боксерите се регионално поврзани. Возможно ли е нивниот пример да се преслика и во одбојката?

– Прашањето за регионална лига го поставив на претседателот Боричиќ уште во 1997 година. Апсолутно сум убеден дека може. Како проблем постои ингеренцијата. Словенците и Хрватите припаѓаат на друг регионален сојуз (средноевропски), а БиХ, Црна Гора, Србија, Македонија, Грција, Бугарија, Албанија, Турција се членки на Балкански сојуз. Би било добро да се покрене таква иницијатива иако треба да се биде внимателен бидејќи во некои кругови се загова некаква приватна лига што, секако, би била илегална.

Честопати во минатото можевме да видиме учества на спортисти во изборни кампањи на политички партии. Каков е Вашиот став по таквиот тренд?

– Често кажувам што е олимписки шампион. Тоа не е статус што го добивате со медалот и со интонирање на химната. Тоа е признание за остварен резултат, тоа е човек што секој ден станува и се обидува да даде сто отсто од можностите. Тоа е филозофија на живот. Генерално, луѓето со интегритет, луѓето што направиле нешто во она што го работат, доаѓаат во ситуација од одредени причини, услови на живот и интереси да го продаваат својот интегритет на политиката за евтини поени или за добивање на позиција. Нив ги користи политиката на начин што ги покажува и потоа е она „сега тргни се, сега јас настапувам“.

Силата на Ѓоковиќ е во главата и срцето 

Одбојкарскиот великан со пиетет говори за тенискиот. Вања Грбиќ со голема почит се однесува кон ликот и делото на Новак Ѓоковиќ кого, како што вели, го обожува. Има и свој коментар за враќањето на патеките на слава, турнирски победи и преземање на врвот на АТП ранг листата по операцијата на лактот.

„Новак во глава е доволно силен и мораше да се победи самиот. Но, и да ја врати самодовербата. Големите не покажуваат колку се големи кога ќе зададат сто нокаути, големите се големи кога ќе добијат сто нокаути и по 101. ќе станат и ќе се борат. Е, тоа е Новак. Неговата сила не е во техниката. Има некои кои имаат поубава техника од него, неговата сила е во неговата глава и во срцето. Затоа јас го обожувам. Федерер има феноменален бекхенд, но тоа што го има Новак, таа спортска енергија и таа фанатична самоувереност и срце, тоа го нема никој“, коментира Грбиќ.

 

Сашко Ѓ. Димовски