Во Македонија 341 корисник во згрижувачко семејство

На ниво на Македонија има 172 згрижувачки семејства со 341 корисник, од нив 302 малолетни лица и 18 лица со посебни потреби. Згрижувачките семејства се од сите социјални категории. За секој корисник семејствата добиваат по 9.870 денераи месечен надоместок. Да бидат згрижени чекаат 200 деца.

Ова за МИА го изјави Соња Атанасова, претставник на Министерството за труд и социјална политика по денешната средба што се одржа во Дебар, во рамки на кампањата „На секое дете му треба семејство“, која се спроведува во соработка со УНИЦЕФ.

Според неа кампањата има за цел да ги поттикне граѓаните да станат згрижувачи на деца без родители и родителска грижа и да им овозможат да растат во безбедно и грижливо семејно опкружување исполнето со љубов. До 2020 година, додаде очекуваме да нема дете кое нема да биде згрижено.

Таа најави дека во тек е подготвока на нов закон со кој меѓу другото ќе може и роднински семејства да бидат инкорпорирани во оваа благородна и хумана активност.

– Кампањата почна пред два месеца и Дебар е 22 град каде се одржува ваков настан. Потребата од проширување на мрежата на згрижувачки семејства е повеќе од потребна. Големата институција, како што е домот за деца без родителска грижа, без оглед на тоа колку е опремена и има добар персонал, никогаш не може да ги замени љубовта, топлината, грижата и поддршката на семејната средина, рече меѓу другото Јелена Велковска претставник на УНИЦЕФ.

За значењето на згрижувачките семејства, начинот на кој секој може да се информира и обуката зборуваа и Љупчо Трифуновски од организацијата„Прида“која организира обуки,како и директорот на дебарскиот меѓуопштински центар за социјална работа,Крешник Пачуку и социјалниот работник Исмаил Мерсимоски.