(ВИДЕО) Хет-трик на Роналдо за четвртфинале на Јувентус во Лигата на шампионите


Екипата на Јувентус успеа да дојде до голема победа во реванш осминафиналната средба од Лигата на шампионите против Атлетико Мадрид во Торино со 3:0 со што го анулираше поразот од првиот натпревар во Мадрид од 0:2 и со вкупни 3:2 се пласираше во четвртфиналето од најелитното клупско фудбалско натпреварување на „Стариот континент“.

Во Торино беа преполни со оптимизам, најавуваа уште пред почетокот играчите на Алегри, пред се Кристијано Роналдо, дека Јувентус ќе успее да го совлада Атлетико и ќе се пласира меѓу осумте најдобри во ЛШ. Португалецот за италијанските медиуми вети дека ќе постигне и хет-трик, а тоа ветување на крајот и го исполни.

Фантастичниот Португалец со трите гола го реши патникот во четвртфиналето, откако најпрво во 27 минута од мечот по асистенција на Федерико Бернардески беше највисок во скокот и ја смести топката во мрежата на Јан Облак.

Само три минути игра во второто полувреме му беа потребни на Роналдо за втор гол на натпреварот и тоа повторно со глава, но овојпат на асистенција на својот сонародник Жоао Кансело.

Конечните 3:0 Кристијано Роналдо ги постави во 86 минута од мечот од пенал, откако претходно Бернардески беше соборен во шестнаесетникот на Атлетико од страна на Кореа.

Атлетико Мадрид на овој натпревар воопшто не наликуваше на себе, двете екипи како да ги сменија улогите на овој натпревар по оној првиот во Мадрид, кога Јувентус беше апсолутно немоќен на теренот на „Ванда Метрополитано“.

На вториот натпревар вечерва, Манчестер Сити ја оправда апсолутната фаворитска улога и со убедливи 7:0 го торпедираа Шалке за потврда на пласманот во четвртфиналето од Лигата на шампионите. Агуеро со два гола, како и Сане, Стерлинг, Бернардо Силва и Габриел Жезус се запишаа во листата на стрелците за најубедлива победа во осминафиналето од ЛШ сезонава.