Ахмети чека изборен „пораз“ за Џафери да биде претседател

„Кога презедов одговорност да бидам претседател на парламентот, презедов одговорност за извршување на сите обврски и овластувања што се предвидени за таа функција“, одговори вчера дипломатски претседателот на парламентот Талат Џафери на прашање дали е подготвен да биде в.д. претседател на државата во случај да не успеат претседателските избори.
На брифинг со новинари, Џафери објасни дека во случај да не биде постигнат цензусот од 40 проценти излезеност во вторникот круг, изборите ќе се сметаат за неуспешни, а постапката за избор на претседател ќе се повтори во рок од шест месеци. На прашања, пак, дали се гледа како претседателски кандидат, Џафери остана на став дека тој е претседател на Собранието и дека не решава кои ќе бидат претседателските кандидати на партиите.
Џафери потврди дека претседателските избори ќе ги распише до 8 февруари за да се одржат на 21 април и вториот круг на 5 мај, затоа што, како што рече, тоа се последните законски дозволени рокови пред истекот на мандатот на Ѓорге Иванов. За евентуалните предвремени избори, првиот парламентарец остана на партискиот став дека не е сега време за тоа и посочи дека веќе е поминат рокот за формирање техничка влада за заедно со вториот претседателски круг да може да се одржат и парламентарни избори. Тој посочи дека за издржано барање за распуштање на парламентот ќе го смета само она на кое би имало потписи од најмалку 61 пратеник, колку што е потребното мнозинство за евентуално распуштање на парламентот.
Проценките во политички кругови се дека шансите за недоволен одѕив во одлучувачкиот круг од изборите за претседател нагло пораснаа по прексиноќешната најава на ДУИ дека, практично, ја „замрзнува“ идејата за консензуален кандидат, односно за заеднички изборен настап со коалициските партнери во Владата. Самостојниот настап, според проценките, во првиот круг би ги расцепкал гласовите, но и би го прикажал реалниот рејтинг на владејачките партии, додека во случај на заеднички настап гласовите ќе се слеат на едно конто и нема да може да се пресмета колку од нив се на поддржувачи на ДУИ, особено ако се има предвид респектабилната поддршка што ја има СДСМ кај гласачите Албанци. Проценките се дека во ваков случај ДУИ нема да помине „најсјајно“ поради што до скоро и инсистираше на консензуален кандидат и на „отпишување“ на можноста за предвремени парламентарни избори.
Од друга страна, математиката вели дека во вториот круг, во случај на тивок бојкот на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ – реални ќе бидат шансите претседателските избори напролет да пропаднат, по што претседателската функција би ја презел Џафери, кој и натаму би фигурирал како претседател на парламентот, со тоа што ќе треба да овласти некого од потпретседателите да ги води седниците наместо него. Таква ситуација имаше во 2004 година по смртта на тогашниот претседател Борис Трајковски, кога в.д. претседател стана Љупчо Јордановски. Разликата е во тоа што тогаш се одржаа вонредни претседателски избори во уставниот рок од 40 дена. Овој пат можното претседателствување на Џафери, како што се најавува, би се одолговлекло до половина година, со оглед на навестувањата дека не се исклучени и уставни измени за промена на изборниот концепт за шеф на државата. Тоа е доволно долг период за промена на политичките услови во земјава, но и за зајакнување на позициите на ДУИ како партија што би ги имала под контрола двете формално највисоки функции во државата.
Висок функционер на СДСМ се сомнева дека во изминатиот период проработеле „старите врски“ меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ и дека тоа е една од причините поради кои Али Ахмети ја „замрзна“ наеднаш идејата за консензуален кандидат што ја застапуваше уште од 2014 година. Но, за разлика од пред пет години, кога ВМРО-ДПМНЕ, наводно, не го прифати предлогот на Ахмети за заеднички претседателски кандидат, па ДУИ апстинираше од претседателските избори, овој пат владејачката партија на Албанците реши да учествува директно на изборите. Според проценките, таа одлука не случајно е соопштена откако стана речиси извесно дека претседателските избори нема да се спојат со предвремени парламентарни избори, како едно од сценаријата што можеше да придонесе за подигање на цензусот во вториот изборен круг.
Освен тоа, коалициските партнери во владата наидоа на повеќе разногласија и несогласувања во изминатиот период, почнувајќи од односот на ДУИ кон СЈО, „китењето со туѓи перја“ за Законот за јазици, разминувањата околу Законот против дискриминација… па сè до најновата афера околу ПИОМ и вториот пензиски фонд. Во меѓувреме, исто така, беа отворени неколку кривични постапки против функционери на ДУИ, а имаше и информации дека оваа партија, всушност, стои зад идејата за измени на Кривичниот законик во членот за злоупотреба на службената должност – кој беше повлечен во последен момент пред заокружувањето на уставните измени согласно со Преспанскиот договор.

Османи денес зборува едно, утре друго

„Треба да има консензуален кандидат за претседател. Таа идеја беше спомната и на последните претседателски избори, затоа што улогата на претседателот е да биде кохезивен фактор во општеството, глас на разумот во кризни периоди, што досега недостигаше. Таа идеја ги надминува политичките мандати и сметаме дека во Македонија треба да се применува консензуален претседател, кој најмалку што треба е да ја претставува волјата на двете најголеми етнички заедници, но и на сите останати“. Вака зборуваше вицепремиерот Бујар Османи во вторникот попладне на заедничката прес-конференција во Владата со министрите Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски и Никола Димитров, кога беа објавени чекорите за спроведување на Преспанскиот договор, по неговото стапување во сила.
Не поминаа ни 24 часа, за Османи, следниот ден, како портпарол на ДУИ, да објави од седиштето на партијата во Мала Речица дека партијата решила да настапи со свој кандидат на претседателските избори. Сепак, со оглед на тоа што тој не ја затвори целосно вратата за договор за заеднички кандидат – со СДСМ или со други партии од албанскиот блок, наглата промена на ставот на ДУИ се толкува во политички кругови како своевиден притисок врз коалицискиот партнер.
Алијансата на Албанците на Зијадин Села ја поздрави експресно најавата на ДУИ за самостоен настап на претседателските избори.
„Посакуваме кандидатот за претседател од редовите на ДУИ да биде Албанец. Не би сакале да веруваме дека оваа нивна одлука дојде како последица на затворената врата и презир кон ДУИ во однос на нивната лажна идеја за консензуален кандидат, денес со СДСМ, вчера со ВМРО-ДПМНЕ“, се наведува во соопштение на Алијанса за Албанците. Александра М. Митевска