Анекс кон договорот за државна помош со „Џонсон Контролс“ на владина седница

Владата денеска во 15:00 часот ќе се одржи 38-мата седница. На Седницата, како што информираат од владината прес-служба ќе се  разгледува состојбата и напредокот во процесот на европската интеграција, користењето и имплементацијата на фондовите на ЕУ, статусот на реализација на приоритетите за влез во НАТО.

На дневен ред на денешната седница ќе се најде и предлог – законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Советот на Министри на Босна и Херцеговина за заемно признавање и замена на возачки дозволи.

На седницата исто така министрите ќе ги разгледуваат и информациите за модели за подобрување на функционирањето на проектот „Отворање на Народни кујни“, како и за текот на активностите поврзани со книгите од проектот за превод и печатење на 50 универзитетски учебници кои се употребуваат на првите 10 рангирани универзитети согласно Шангајската листа за 2015 година.

Министрите на седницата ќе ја разгледаат и информацијата во врска со потребата од склучување на Анекс кон Договорот за доделување на државна помош склучен со Владата на Република Македонија и компанијата корисник на ТИРЗ Штип „Џонсон Контролс ДООЕЛ Штип“.

Министрите, во рамки на седницата ќе ја разгледаат и информацијата за изменување и дополнување на Спогодбата помеѓу Владата на Република Македонија и Европската Комисија за финансирање во однос на повеќегодишната Оперативна програма „Регионален развој“ за помош од Заедницата за инструментот за претпристапна помош во рамки на компонентата „Регионален развој“