Над 100 учесници од ИКТ-компании и институции од Македонија и Грција разгледуваат можности за соработка


Над 100 претставници од ИКТ-компании и институции од Македонија и Грција денеска во Скопје ги разгледуваат можностите за соработка во областа на дигиталната трансформација, иновациите и развојот на ИКТ-секторот. Се очекуваат конкретни договори и проекти финансирани од европски пари. 

Претседателот на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Јордан Димитрoвски, вели дека целта не е само да се разговара, туку да се споделат конкретни искуства и да се овозможи конкретна соработка на компаниите од двете држави. 

– Знам дека многу бтгу по овој форум веќе ќе имаме конкретни договори и конкретни проекти на кои ќе работат компаниите од двете држави. Многу македонски компании веќе имаат соработка со грчки компании, има отворени проекти, особено во делот на европските финансирања, така што очекуваме многу конкретни проекти финансирани од европски пари – изјави Димитровски.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој присуствуваше на отворањето на форумот, во изјава за медиумите ја поздрави инцијативата на МАСИТ и грчката Асоцијација на компании за информатички технологии SETPE нагласувајќи дека Владата е целосно посветена на подршка за вакви настани, кои се значајни за меѓусоседската економска соработка.

– Грција е еден од нашите клучни економски и трговски партнери и во таа смисла, кога ги гледаме активностите меѓу коморите, како што е МАСИТ, и трговските организации од Грција, тоа е од особено значење. Мене ме радува што има повеќе од 100 учесници. Во согласност со тоа што ми го кажа претседателот на МАСИТ, закажани се исто така над 100 B2B, што значи ќе се разговара за конкретна соработка, која е насочена на прашања поврзани со пренос на знаења, потенцијални заеднички вложувања. Од оваа гледна точка, Владата е максимално фокусирана не само на поддршка на ваквите процеси туку и на нивна стимулација – рече Муцунски.

Во рамките на форумот ќе биде потпишан и меморандум за разбирање меѓу МАСИТ и грчката Асоцијација на компании за информатички технологии, со што ќе се формализира соработката.