Туристичкиот автобус сега вози „мултиетнички“


По полни пет години откако се пушти во сообраќај, двокатниот автобус за туристичко разгледување на Скопје ја смени рутата. Од 1 март почна да вози и преку Вардар, до повеќе знаменитости од другата страна на градот. На рутата е ставен и Градски стадион и хотелот „Континентал“, а наскоро туристите од автобус ќе можат да го видат и Аквадуктот.

„Скопје не е само барок. Скопје пред сѐ е мултиетнички град и град на солидарноста, Скопје има историја. Од тие причини решивме да ја прошириме рутата, а сигурно во меѓувреме ќе биде и надградувана. Првпат дел од неа е и Старата чаршијата, Калето, ановите, повеќе џамии, а наскоро планираме на рутата да биде ставен и Аквадуктот“, вели за „Независен весник” Соња Митриновска-Боева, директор на „ЈСП турс“ под чија надлежност е туристичкиот даблдекер. Објаснува дека во креирањето на новата рута учествувале речиси сите чинители на туризмот во главниот град.

„ЈСП турс“ навремено објавил јавен повик до сите инволвирани во случајот (лиценцирани водичи, туристички агенции, НАИТАМ-комора за дојдовен туризам, која е битен фактор за соработка во врска со привлекување туристи во Скопје и ги поканил секој да даде свои предлози, забелешки и мислења. Сите тие, заеднички, во периодот од 20 до 27 февруари секојдневно реализирале неколку рути со дадените предлози, за да на крај се создаде конечната.

„Значи, рутата не е моја самостојна одлука или, пак, на скопскиот градоначалник и слично. Во нејзиното создавање учествуваа многумина и едногласно одлучивме дека претходната беше речиси наменска, за разгледување на ‘Скопје 2014’, што апсолутно не беше дозволиво. Скопје не постои од моментот на поставувањето на новите споменици, Скопје има свое минато, белег, култура, која е вметната во новата рута“, посочува Митриновска-Боева.

Туристичкото разгледување трае еден час, со најава за зголемување на еден и пол час откако, на пример, дел од рутата ќе стане и Аквадуктот. Почетна и крајна станица останува „Порта Македонија“. Цената на билетот од неодамна е 150 денари, наместо 35 денари, колку што чинеше во изминатите речиси 5 години.„Цената практично ја наследивме, зголемена е со воведување на картичката ‘скопска’, при што на секој патник му останува плус едно возење во јавниот превоз, а и картичката како сувенир“, појаснува директорката на „ЈСП турс“. Таа нѐ информира дека од неодамна освен на англиски јазик, на туристите што се возат со оваа тура им е овозможен превод и на холандски и на турски јазик, благодарение на уште еден вработен во екипата. „Практично се доекипиравме“, додава Митриновска-Боева.

Станува збор за лиценцирани туристички водичи кои на туристите им ја објаснуваат поединечно секоја знаменитост, па така тие се запознаваат со главниот град, неговата историја, култура, знаменитости…

Дневно има две туристички тури, од 11 и од 13 часот, независно дали има двајца или 20 туристи. Почетна и крајна станица е „Порта Македонија“. Покрај новите одредишта на рутата, и натаму автобусот ќе сообраќа по „Димитрија Чуповски“ сѐ до булеварот „Климент Охридски“, од каде што свртува десно покрај Соборниот храм до Владата, па преку бул. „Илинден“ до мостот „Гоце Делчев“ се оди до „Самуилова“… Кога ќе дозволат временските услови, туристичкото разгледување ќе се реализира со отворен двокатен автобус.

 

Најмногубројни се турските и бугарските туристи

Од почетокот на годинава, најмногубројни се туристите од Турција и Бугарија. Колкав е бројот на превезени туристи досега, од „ЈСП турс“ немаат податок.

„За жал, не наследивме такви статистики од претходното раководство“, вели Митриноска-Боев.

 Деспина Трајковска-Димова