Средба Заев-Палмер: Членството во ЕУ и НАТО ќе биде добро за целиот регион


Премиерот Зоран Заев за време на дводневната работна посета на Велика Британија се сретна со в.д. заменикот помошник државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт департментот на САД, Метју Палмер.

Палмер на средбата, како што соопшти владината прес-служба, ги поздравил напорите на новата влада за демократски реформи. Тој го поддржал процесот на ЕУ и НАТО интеграции, и истакна дека САД остануваат партнер и поддржувач на Република Македонија.

– САД ќе продолжат со поддршката бидејќи таа ги помага одржување на стабилноста и безбедноста, како и отворањето на нови перспективи за напредок. Владата заслужува честитки и за надминување на отворените прашања со соседите. Членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО ќе биде добро за целиот регион, како и од огромна корист за сите граѓани на РМ, рекол меѓудругото Палмер на средбата со премиерот Заев во Лондон.

Македонскиот премиер се заблагодарил за долгорочната и континурана поддршка од САД за развојот на демократијата во Република Македонија, како и за поддршката за Евро-Атлантските интеграции, истакнувајќи дека САД се наш стратешки партнер, и оти асистенцијата на американската администрација спроведувањето на домашните реформи, е од исклучително значење.

– Владата е посветена на планот на домашни реформи, градење на едно општество, решавање на проблемите со соседите, како и градење на доброседска политика и развој на регионалната соработка, информирал премиерот Заев.

Посочил и дека Република Македонија како и досега, останува докажан партнер на САД со своето учество во мисиите на НАТО.

– Наши цели се членство во ЕУ и НАТО, нема друга алтернатива – бидејќи тоа значи стабилност и економски напредок за Република Македонија и за подобрување на стандардот на граѓаните, рече премиерот Заев на средбата со Палмер.