Повторно апсења во Бања Лука на протестите за Давид
Припадници на полицијата на Република Српска во Бања Лука приведоа неколку лица поради кршење на законот за јавен ред и мир за време на протестот „Правда за Давид“.
Според локалните медиуми, таткото на настраданиот Давид, Давор Драгичевиќ е во бегство и полицијата трага по него.
– Организаторот на собирот не ги испочитува обврските предвидени со закон, туку со другите учесници тргна во протестна прошетка низ градот, при што на повеќе локации од страна на учесниците во јавното собирање беа извршени повеќе прекршоци, а постојат основани сомненија дека се извршени и одредени кривични дела, соопшти Полициската управа на Бања Лука.
Сузана Радановиќ, мајката на починатото момче Давид Драгичевиќ, претходно во Фејсбук групата „Правда за Давид“ објави дека полицијата повторно го уапсила неговиот татко Давор, кој ги повика демонстрантите да се вратат на протестите по интервенцијата на специјалците.
Граѓаните на Бања Лука и членовите на групата „Правда за Давид“ кои синоќа се собраа на Плоштадот на Краина во знак на поддршка за семејството на Давид Драгичевиќ, а потоа за време на протестната прошетка го прекинаа концертот на Харис Џиновиќ во градот, специјалните сили на МВР на Република Српска ги растераа од плоштадот, откако истече времето во кое беше дозволен собирот.
– Собирот беше дозволен до 20 часот, ве повикуваме да си заминете поради ваша безбедност. Ако не постапите така, ќе бидат употребени законски средства, рече полицаец преку мегафон пред насобраните демонстранти.
На 26 март во Бања Лука беше создадена групата „Правда за Давид“, после прес-конференција на која високи функционери на МВР на РС соопштија дека Давид на кобната ноќ прво се степал со три лица, потоа ограбил една куќа, а по несреќен случај завршил на дното на реката Црквена.
Родителите на Давид Драгичевиќ тврдат дека тој бил киднапиран, мачен, силуван и дека на крајот го убиле припадници на МВР на Република Српска.
Од 26 март на бањалучкиот Плоштад на Краина секоја вечер се одржуваат собири „Правда за Давид“.