Милевски: Заев не мораше да ги прибере Тачи и Бајрам во владата


За Амди Бајрам и за Мендух Тачи нема место во Владата, повторува Горан Милевски, претседател на Либерално-демократската партија (ЛДП), чии пратеници во петокот покажаа палец долу за дел од предлозите за реконструкција на тимот на премиерот Зоран Заев. Поддршката за него останува непроменета, но на некои работи ќе мора да им се стави крај. Тука пред сѐ се мисли на политичкото проституирање на одредени партии и пратеници, кои остануваат на власт дури и кога се менува целата раководна гарнитура.

Мендух Тачи ниту еднаш се нема извинето за тоа што го правеше на политичката сцена, за случаите на специјалното јавно обвинителство во кои е обвинет, за притисокот врз Државната изборна комисија при решавањето на жалбите, а сѐ уште е на црната листа на САД. Истото важи за Амди Бајрам. Ние како ЛДП цели 11 години бевме во опозиција, се однесувавме достоинствено, па така треба да прават и другите. Ваквите трансфери се неприродни и ја изигруваат волјата на гласачите. Зборуваме за политичка проституција и таа мора да се тргне на страна. Разбираме дека премиерот можеби мораше да го направи тоа заради проширување на парламентарното мнозинство и дополнителна поддршка за владата пред клучните одлуки што треба да се донесат, но тоа не мораше да се направи по секоја цена“, вели Милевски за „Независен весник“.

Во собранието беа изгласани четворица нови министри и четворица нови заменици-министри. За нова министерка за правда е избрана Рената Дескоска, за министер за образование и наука Арбр Адеми, за култура Асаф Адеми и за министер без ресор Бардил Даути. Во рамки на реконструкцијата на Владата за заменик-министер за надворешни работи е избран Андреј Жерновски, за заменик-министер за здравство Асим Муса, за заменик-министер за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и за заменик-министер за транспорт и врски Садик Беќири. Како нови коалициски партнери во Владата влегуваат крилото на Беса на Африм Гаши и ДПА, кои имаат министерски места, како и Сојузот на Ромите. Предлогот за нови министри премиерот Заев до Собранието го достави минатата недела, а е резултат на неговите преговори и со нови коалициски партнери со кои го зголеми парламентарното мнозинство.

Пратениците од ЛДП не гласаа за избор на Бардул Даути од ДПА за министер без ресор за привлекување странски инвестиции. Милевски, како и пратеничките Јулијана Николова и Никица Корубин, беа и против влезот на Сојузот на Ромите во владејачкото мнозинство бидејќи, како што велат од партијата, ДПА и Бајрам се„ вирус кој се внесува во здравиот владин организам“. Милевски вели дека одлуката ја донеле органите на партијата, а тие како самостојна партија немало потреба да го информираат Заев.

Поддршката до владата е непроменета, ова е единственото прашање на кое што имаме различни ставови“, велат од ЛДП.

На прашањето зошто се принципиелни само кога станува збор за Тачи и за Бајрам, а не, на пример, и за Али Ахмети и ДУИ, кои десетина години му беа верен партнер на Никола Груевски, а сега се во коалицијата на власт, Милевски одговара:

ДУИ излезе од прегратките на ВМРО-ДПМНЕ и доставија министерски имиња што воопшто не беа замешани со претходната влада“.

Амди Бајрам се изјасни дека е во коалиција со тој што е на власт.

Жал ми е што ве напуштам, но морав. Така е во политиката, никој со никого не е во брак, маж и жена се разведуваат, а не, пак, јас да ја напуштам коалицијата. Морам да се грижам за својот народ. Од Заев не барав министерско место. Груевски се тргна и јас се тргнав од ВМРО-ДПМНЕ“, рече пратеникот.

Даути, пак, рече дека неговата матична партија за основна идеја ја има интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ.

Доаѓам од политичка партија со големо искуство на политичката сцена. Заедно со другите колеги од Демократската партија на Албанците, кои ќе бидат на чело на некои државни институции, сме подготвени морално, професионално и институционално, да ги извршиме доверените институционални задачи“, уверен е новиот министер.

Милевски е на чело на ЛДП од 2015 година, кога го наследи Андреј Жерновски. Во 2011 година настапија самостојно на изборите, добија 16.551 глас и ниту едно пратеничко место, по што тогашниот лидер Јово Манасиевски поднесе оставка. На минатите парламентарни избори беа дел од коалицијата на СДСМ. Пред еден месец, Милевски беше нападнат во центарот на Скопје поради гласањето за Законот за јазиците.

Горан Адамовски