Ливерпул гостува кај Баерн, Лион против Барселона ќе брка ново изненадување во осминафиналето од ЛШ


Реваншот меѓу Баерн Минхен и Ливерпул е вечерва на „Алијанц арена“ од 21 часот. Првиот натпревар на „Енфилд“ заврши без победник (0:0). Последниот патник во четврт-финалето ќе биде познат по вечерашниот реванш меѓу Барселона и Олимпик Лион на „Камп Ноу“. И тука екипите ќе влезат без постигнат гол по 90. минути во Франција.

Веднаш по ждрепката целиот фудбалски свет беше согласен дека двомечот меѓу Баерн Минхен и Ливерпул ќе биде дерби на осминафиналето од Лигата на шампионите. Меѓутоа, после сите епски пресврти во мечевите меѓу Ајакс и Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед и ПСЖ, односно Јувентус и Атлетико, сите се сложни – Баерн и Ливерпул останаа должни на фудбалските вљубеници ширум светот. Затоа, ред е вечерва да ни приредат спектакл на „Алијанц Арена“.

Не само поради навивачите, туку и поради себе. Можат Баерн и Ливерпул да си дозволат неуспех, но не смеат да бидат оние кои ќе остават публиката рамнодушна. Онаа шаховска партија од првиот меч на „Енфилд Роуд“ едноставно се случи и се надеваме нема да се повтори. Секоја чест на дефанзивците за тактичката дисциплина, сега е ред напаѓачите да покажат што знаат. Сега е време за спектакл.

Баерн не постигнал гол на само еден од 26-те последни натпревари во ЛШ кои ги играл како домаќин. Роберт Левандовски секако е најголема закана. На последните 22 меча во ЛШ на „Алијанц“ постигнал 22 гола. Од тие девет на 10 мечеви од нокаут фазата.

Од друга страна, Ливерпул како да го губи здивот. Во последните 10 меча оствари само пет победи. Баерн од друга страна ја смени Борусија Дортмунд на врвот на табелата во Бундеслигата откако го демолираше Волфсбург со 6:0.

Она што го охрабрува Клоп е враќањето на Вирџил ван Дајк во тимот. Сите знаат колку тој е важен штраф во тимот на Клоп. Трент Александер Арнолд исто така е подготвен откако во неделната победа од 4:2 над Барнли беше изваден од игра предвреме поради превентива. Единствена нова повреда е онаа на Наби Кеита. Не толку сериозен проблем, но доволен за Кеита да го пропушти мечот во Минхен.

Во тимот на Баерн ќе ги нема Џошуа Кимих и Томас Милер, додека лекарите дадоа зелено светло за Давид Алаба и Кингсли Коман.

Ковач нема друг избор освен победа, а Клоп не сака да чуе да се откаже од ЛШ за да ја брка титулата во Премиер лигата. Сето тоа ветува спектакл во Минхен, а за таа цел двајцата тренери ги избраа стартните состави:

Баерн Минхен (4-2-3-1): Нојер – Рафиња, Зуле, Хумелс, Алаба – Мартинез, Тијаго Алкантара – Гнабри, Хамес, Рибери – Левандовски.

Ливерпул (4-3-3): Алисон – Александер Арнолд, Матип, Ван Дајк, Робертсон – Вајналдум, Хендерсон, Милнер – Салах, Фирмино, Мане.

Во вториот натпревар вечерва, Барселона го пречекува Лион на „Камп Ноу“. Со исклучок на најзагреаните навивачи на Лион, тешко кој верува дека францускиот тим би можел среде Каталонија да направи сензација и да го заклучи Лионел Меси и остатокот од казнената експедиција во рамките на шпанските натпреварувања. Но, овие денови некоја чудна атмосфера струи низ воздухот. Реал, ПСЖ, Рома, па и Атлетико веќе ја почувствуваа, бидејќи сите тие по победите во првите натпревари од осминафиналето во ЛШ испаднаа во реванш мечевите.

Без разлика на тоа колку Барселона е моќна, сигурно е дека на сите нив низ главите им минала таа страшна помисла. Само што не сакаат да ја изговорат, па во Каталонија се занимаваат строго со фудбалски теми, пред се составите на натпреварот. А таму нема посебни дилеми. Усман Дембеле се врати, но тој ќе започне од клупата, па Филипе Кутињо ќе добие уште една шанса во стартните 11. Слична е ситуацијата и со стоперската позиција. Самуел Умтити е подготвен, но Клемон Ленгле е во ритам, па тој ќе заигра во тандем со Жерар Пике, а на десната бековска позиција овојпат ќе настапи Сержи Роберто, а не Нелсон Семедо.

Од друга страна, во тимот на Лион се враќа капитенот Набил Фекир, несомнено највлијателниот играч во составот на Бруно Женесио, кој првиот меч го пропушти поради картони, па поради тоа местото во тимот ќе го испушти Бертранд Траоре, а Лука Тусар ќе го заземе местото на Мартин Терие.

Барселона (4-3-3): Тер Штеген – Роберто, Пике, Ленгле, Алба – Ракитиќ, Бускетс, Артур – Меси, Суарез, Кутињо.

Лион (5-3-2): Лопес – Дубоа, Денајер, Марсело, Маркал, Менди – Тусар, Фекир, Ндомбеле – Депај, Дембеле.