Ланските фаворити ги снема: ВМРО излезе со нови играчи


Доколку претседателските избори се одржеа минатата пролет, ВМРО-ДПМНЕ ќе размислуваше дали да настапи со Трајко Славески или со Зоран Ставрески. Двајцата економисти имаа највисок рејтинг во внатрепартиските анкети во април и мај, а убедливо зад нив беше Срѓан Керим. Девет месеци подоцна, ниту еден од нив не е во игра за наследник на Ѓорѓе Иванов. Славески е член на извршниот комитет на партијата и за него се подготвува место во некоја наредна влада што ќе биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Ставрески е работно ангажиран во САД, а Керим ужива во Опатија. Ставрески и Керим беа споменувани и во истраги на СЈО, но веројатно ќе куртулат од прогон по одлуката на Врховен суд да ги сопре „специјалните“ во нивното докажување вина.

Десет дена за презентација

Денешната слика во ВМРО-ДПМНЕ покажува дека најсериозен кандидат за нивен претставник на претседателските избори на 21 април и на 5 мај е професорката Гордана Силјановска, а веднаш зад неа е пратеникот Влатко Ѓорчев. До партиското седиште пристигнаа уште шест кандидатури. Партиска комисија ги „чешла“ нивните досиеја и анализира дали ги исполнуваат сите потребни услови за да влезат во официјална трка. Веќе од утре тие што ќе го поминат филтерот ќе добијат десет дена да им ја претстават својата програма и визија на сопартијците во општинските комитети низ земјава. На конвенцијата во Струга закажана за 16 февруари, околу 530 делегати ќе го изберат победникот.

Во ВМРО-ДПМНЕ не сакаа да ги соопштат имињата на кандидатите додека не заврши процедурата, но денеска се очекува картите да бидат целосно отворени. Дознаваме дека меѓу пријавените не е ниту ексминистерката за култура Ганка Цветанова, која изминатиов период имаше неколку забележителни настапи, пред сè на социјалните мрежи каде ги критикуваше политиките на власта и потезите на Елизабета Канческа-Милевска, која преку ноќ смени страна и гласаше за уставните измени. Поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски не открива дали се пријавил на огласот.

Мицкоски: Немам фаворит

Филип Петровски, пак, е уверен оти одамна е одлучено да победи Силјановска, поради што планира да собере 10.000 потписи и самостојно да се кандидира за претседател на државата. Тој и Јанко Бачев од Единствена Македонија, како претставници на движењето „Македонија блокира“ вчера им испратија писма на унгарскиот премиер Виктор Орбан и на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во кое ги замолуваат нивните земји да не го потпишат протоколот за пристап на Македонија во НАТО. Тие објаснуваат дека нашата земја треба да биде примена во воениот сојуз под новото име што не беше прифатено од мнозинството граѓани, а претседателот Иванов го нема потпишано указот на законот.

Договорот е спротивен на домашното и на меѓународното право, со што се отвора патот за поништување од новата легална власт што доаѓа. Според Виенската конвенција за договорно право, за валидноста на еден меѓународен договор, за кој се подразбира слободна согласност без уцени и закани, потребно е да бидат исполнети два општи услови. Прво, да биде склучен од страна на надлежни органи и второ, да постои дозволен предмет на договарање. Марионетската влада во Скопје не може да се смета за овластена за склучување на договорот бидејќи е избрана од Собрание со кое претседава нелегален претседател и вакви договори не може да склучува владата, туку надлежноста ја има претседателот на државата. Договарања за име и идентитет претставуваат недозволен предмет бидејќи, според општото меѓународно право и правото на Обединетите нации, името на една држава е прашање на внатрешните околности. Затоа, ви ја доставуваме волјата на македонскиот народ и поголем дел од македонските граѓани, постојаниот претставник на вашата земја во НАТО да не го потпише пристапниот протокол и да не биде ратификуван во вашето собрание“, пишуваат Петровски и Бачев.

Неделава, претседателот Христијан Мицкоски и потпретседателот Александар Николоски заминаа во Брисел каде што ќе присуствуваат на политичкиот собир на Европската народна партија. На маргините на состанокот се очекува да оствари средби со европарламентарци и претставници на ЕУ, кои се дел од „народните“. Мицкоски ќе разговара за состојбите во државата, загрижувачката состојба со газењето на правата и слободите, растечката корупција, како и поддршка на процесот за интеграции и реформите кои треба да бидат спроведени“, велат од партијата.

Веќе од утре партијата целосно ќе се концентрира на внатрешниот избор за претседателски кандидат.

Ќе го поддржам кандидатот што ќе биде изгласан од делегатите во Струга“, одговара Мицкоски на прашањето дали има свој фаворит меѓу кандидатите.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски