Законот за укинување на поддршката за музичката продукција помина во прво читање


Предлог-законот со кој се бара прекинување на важноста на Законот за поддршка на домашната музичка продукација го помина првото читање во Собранието на Република Македонија.

Предложеното законско решение беше поддржано на денешната пленарна седница со 61 глас „за“.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски, образложувајќи го укинувањето на овој закон, појасни дека тој не ги дал очекуваните резултати и оти е неоправдано неговото понатамошно спроведување.

– Повеќето од композициите, за жал, воопшто не наидоа на прием, ниту пак беа слушнати од пошироката јавност, ниту пак беа промовирани или често емитувани на македонските радио и телевизии. Бидејќи избраните композиции или не се емитуваат воопшто или се емитуваат во мал обем, се поставува прашањето за нивниот квалитет и за оправданоста од ваквиот начин на финансирање на создавање на нови композиции од областа на забавната и народната музика, како и оправданоста за трошење на средства од Буџетот на Република Македонија за ваква намена, нагласи Алаѓозовски.

Законот за поддршка на домашната музичка продукција беше донесен во 2013 година и во него беше утврдено тој да важи 10 години. За спроведување на законот на годишно ниво беа обезбедувани средства во висина од 31 милиони 768 илјади денари од Буџетот на Република Македонија.

– За конкурсите во 2017 година се донесени законски одлуки само во првиот квартал на кои се избрани вкупно 34 композиции. За овие композиции останува обврската за плаќање во 2018 година во вкупен износ од 4 милиони 793 илјади и 200 денари, како и обврската за исплата на средства во висина од 70 илјади денари за работа на комисијата за избор на композиции, истакна министерот Алаѓозовски.

Во прво читање беа прифатени и измените на Законот за јавните претпријатија со кои тие се задолжуваат на својата веб страница да ги објавуваат тримесечните извештаи за финансиското работење, годишната сметка и извештајот за работењето на претпријатието, како и доколку остварат вишок средства, да ги уплатат во Буџетот на Република Македонија. Се допрецизираат и критериумите за именување на директори на јавните претпријатија.

Во прво читање беа прифатени и измените на Законот за превоз во патниот сообраќај со кои се предлага укинување на обврската за познавање на англиски јазик од страна на авто такси превозниците.

Пратениците ги усвоија во прво читање и измените на Законот за основање на Агенција за поддршка на претприемништвото и на Законот за метрологија.

Во претпладневниот дел од денешната седница беа донесени и повеќе одлуки меѓу кои одлуката за разрешување и избор на претседател на Советот за научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република“ и одлуката за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државнмата награда „Мито Хаџи Василев – Јасмин“.