Бегалците од правдата далеку од правдата: Нема враќање за избеганите
Поранешниот премиер Никола Груевски стана ВИП-бегалец, поранешните разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои се обвинети дека стојат зад масовното прислушување во Македонија, се слободни граѓани во Грција, а слободно се шетаат во Приштина и Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, обвинети и веќе еднаш осудени за петкратното убиство кај Смилковското Езеро. Премиерот Зоран Заев ветува дека неговиот претходник ќе го врати во Македонија во затвор, но праксата покажува дека оние што ѝ избегале на правдата не се враќаат ниту пред судот ниту во затворот.
Пресудата на грчкиот Врховен суд, со која ја одби екстрадицијата на Грујевски и Бошкоски, повеќе од половина година патува од Атина во македонското Министерство за правда. Министерката Рената Дескоска уште кога стапи на функција најавуваше дека ќе испрати ново барање до Атина во кое комплетно ќе ја објасни ситуацијата со овие бегалци, но не може да ја добие пресудата за да го испрати барањето.
За првообвинетите во „Монструм“, Македонија испрати ново барање за екстрадиција, но од косовските власти уште нема одговор. Министерството за правда сега ја комплетира потребната документација за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски, но не предвидуваат кога точно ќе биде завршена и испратена во Будимпешта. Велат дека, поради сензитивноста на материјалите, засега не можат да дадат повеќе информации. Иако Македонија нема договор за екстрадиција со Унгарија, од Министерството велат дека има правен основ Македонија да побара екстрадиција од Унгарија за Груевски, а тоа е Европската конвенција за екстрадиција и Законот за меѓународна соработка во кривичната материја.
Македонија се повикува на правните процедури и меѓународното право, но дипломатите велат дека доколку земјата каде што се наоѓа бегалецот има волја да го испорача, може да се прескокнат и сите процедури.
„Ако таа земја сака да го предаде бегалецот, може да се прескокне целокупната постапка за екстрадиција и се применува т.н. постапка за реадмисија, се враќа во земјата каде што дошол. Но тоа е исклучиво по волја на другата страна“, вели дипломатот Сашо Тодоровски.
Но, очигледно, ниту Косово има волја да ги испорача обвинетите за „Монструм“, кои се таму над шест години, ниту Грција ниту, пак, Унгарија има политичка волја да ни го предаде поранешниот премиер. Во такви ситуации, Тодоровски вели дека може да се примени институтот реципроцитет, но нагласува дека тие се многу остри мерки.
„Вообичаено во такви ситуации се применува институтот реципроцитет. Тоа значи, нашата земја става во затвор некои државјани кои направиле кривично дело во земјава и потоа ги менува за своите државјани во таа земја, но тоа се многу остри мерки“, вели Тодоровски.
Ситуацијата со поранешните високи функционери, кои се обвинети за тешки кривични дела, а со двојни државјанства успеаја да избегаат од Македонија, се очекуваше да се смени во 2011 година кога Македонија, Хрватска, Црна Гора и Србија потпишаа договори за екстрадиција. Сепак, овие билатералните договори не секогаш се покажаа како ефикасни. Таков е случајот со поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски, кој благодарение на српското државјанство речиси две децении избегнува екстрадиција во Македонија, каде што е осуден за тешки малверзации додека беше директор на Царината, во периодот од 1999 до 2002 година, за време на владата на Љубчо Георгиевски.
„Постапката со Србија е во тек. Министерството за правда ги користи сите канали што му се на располагање согласно мултилатералните и билатералните договори за да може успешно да ги реализира постапките за екстрадиција“, велат од Министерството за правда.
Благодарение на двојното државјанство, македонско и бугарско, долги години правдата ја одбегнува и стечајниот управник Владимир Тамбурковски.
Во Македонија единствено се врати поранешниот министер за здравство Владо Димов, но не во затвор или суд, туку како слободен граѓанин откако беа повлечени сите обвиненија против него. Единствено правдата го стигна Миле Хаџиски, обвинетиот за свирепото убиство на скопјанката Мери Јошевска. Тој по 20 години бегство беше вратен во Македонија и осуден на 20 години затвор.
Фросина Факова-Серафиновиќ
Што комуницирале обвинетите во „Монструм“?
Комуникацијата меѓу обвинетите во случајот „Монструм“ ќе се знае на крајот од судскиот процес за овој случај. Нивните комуникации ги има специјалното обвинителството и судот, а СЈО ќе ги наведе во завршните зборови од процесот „Монструм“. Од распитот на вештаците произлезе дека комуникациите на Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сејди Рами, Фејзи Азири и на уште 15 други се одземени од нивните компјутери, на речиси еден месец по масакрот кај Смилковци.
„Тоа се всушност мејл-комуникации, пораки што си ги праќале, фејсбук-комуникации и на „Скајп“, но сепак, она што го интересира судот тоа се всушност содржините што се внатре, а содржини не се во надлежност на овие вешти лица. Тие беа на друга дополнителна обработка што ќе биде презентирана и искористена во судот“, изјави Дафина Ивановска, правниот застапник на семејствата.
За одбраната нема докази од комуникациите на обвинетите за масакрот кај Смилковското Езеро. За три недели, кога продолжува судењето „Монструм“, вештаци од Судска медицина треба детално да ги образложат смртоносните повреди што им биле нанесени на четирите млади момчиња и рибарот. Тие на Велики четврток пред шест години беа убиени, а во нив било пукано од два „калашникови“ и еден пиштол.