Жителите на студентските домови никогаш не учествуваат во носење одлуки за домовите


Во текот на 2020 година Младински образовен форум работеше на истражување за студентскиот стандард во државните студетски домови „Пелагонија“ – Скопје, „Кочо Рацин“- Штип и „Браќа Миладиновцки“- Битола. Како живеат станарите во студентските домови, колку се задоволни од квалитетот на живот и дали препознаваат односно знаат каде да пријават корупција се прашањата кои беа во главен фокус на ова истражување.

Програмскиот координатор во МОФ, Петар Барлаковски како дел од истражувачкиот тим на ова истражување, ги сподели главниоте наоди на ова истражување, по што следеше дискусија со Директорите на студентските домови „Пелагонија“, „Кочо Рацин“ и „Браќа Миладиновци“.

Ова истражување опфати испитаници од три студентски домови (во градовите: Скопје, Штип и Битола), а истражувачкиот тим ги анализираше и документите по кои работат домовите предмет на истражувањето. Испитаниците  со просечна оцена 3 го оценија квалитетот на живот во студентските домови. Недостатокот од спортски и културни активности сеуште се провлекува како проблем во живеењето во студентските домови и значително влијае на перцепцијата на квалитетот на живот во домовите.

Станарите сметаат дека се недоволно активни, но од друга страна посочуваат и незаинтересираност во раководствата на домовите за соработка и унапредување на животот во рамки на домовите. Повторно, недостатокот од финансиски средства се провлекува како проблем, особено за подобрување на инфраструктурата и креирање на заеднички простори за станарите.

За жал мнозинството од станарите никогаш не биле вклучени во носење одлуки, немаат верба дека можат да променат нешто кога би соработувале со раководствата на домовите, а дел од нив велат дека немаат доволно време или пак воопшто не се информирани за процесите на студентско учество. Оттука, 69% од станарите во „Кочо Рацин“ во Штип, 91% од станарите во „Браќа Миладиновци“ во Битола, 96% „Пелагонија“ во Скопје никогаш не се вклучиле во носење одлука во рамки на домот.

Над 30% од испитаниците имале искуство со корупција или искуство од „втора рака“, но за жал најголем број од испитаниците кои учествуваа во теренското истражување споделија дека не би пријавиле на надлежните органи за да не си отворат проблеми, а дополнително, тие не знаат каде или како да постапат кога би се информирале за коруптивни дејствија.

Соња Карапец, директорката на „Браќа Миладиновци“ сподели дека за станарите да се организираат само годишни настани, туку треба што е можно поголема директна комуникација со станарите на редовно ниво.

Директорот на„Кочо Рацин“ – Митко Наковски, како и раководителката на одделение на студентскиот дом „Пелагонија“ – Јулијана Атанасовска споделија дека ова е корисно истражување кои помага во утврдувањето на насоката за понатамошната работа на Домовите.

Ова истражување е дел од проектот: „Ангажирани студенти за студентски домови без корупција во Северна Македонија“ спроведуван од МОФ, МКЦ – Битола, МЕЛЕЕМ и ЛЕГАЛ Тинк, а финансиран од Фондацијата Отворено општество Македонија.