Земјите од ЕУ бараат 127 милијарди евра кредити за дополнително вооружување

Европската комисија денеска соопшти дека 18 земји побарале кредити во вредност од 127 милијарди евра, преку инструмент создаден за зајакнување на одбранбените капацитети на континентот.
Програмата, наречена SAFE, е во сржта на стратегијата на европската извршна власт за забрзување на заедничката набавка на оружје, како одговор на наводната руска закана.
Создадена со цел да се намали европската зависност од САД, програмата овозможува на земјите членки да добијат кредити под поволни услови.
Според европскиот комесар за одбрана, Андријус Кубилиус, 18 земји поднеле барање за овие кредити, во вкупна вредност од над 127 милијарди евра.
Франција, Шпанија, Италија и Полска се меѓу земјите кандидати за добивање на тие средства.
SAFE е дел од поширока програма што Европската комисија ја претстави кон крајот на март, со цел мобилизација на до 800 милијарди евра за дополнително вооружување на европскиот континент.