Зеленски за малку ќе бил заробен или ликвидиран во првите часови на инвазијата
Руски трупи извршиле падобрански десант во Киев и имале два неуспешни обиди да го освојат претседателскиот комплекс
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, опиша како руските сили дошле блиску да го заробат или убијат во раните часови на инвазијата.
Зеленски беше широко пофален за неговиот одговор на инвазијата во 65-те дена откако првите руски трупи влегоа во Украина. Тој се обрати пред Конгресот на САД, Светската банка и Греми наградите; Борис Џонсон е меѓу високите личности кои сакаат да бидат видени во неговото друштво.
Но, неговото време како лидер на земја под напад од многу помоќно соседство можеше да заврши за неколку часа по почетокот на инвазијата, според интервјуата во магазинот „Тајм“.
Зборувајќи со новинарот Симон Шустер, кој помина две недели во претседателскиот комплекс во Киев, Зеленски опиша како руските трупи дошле блиску да го пронајдат него и неговото семејство додека се обидувале да ја заземат владината област во главниот град на првиот ден од конфликтот.
Додека многу од неговите сеќавања од тие први неколку часа останаа „фрагментирани“, Зеленски рече дека зората на 24 февруари се издвојувала.
По почетокот на бомбардирањето, тој и неговата сопруга Олена Зеленска отишле да им кажат на ќерката (17) и на синот (9) да се подготват да го напуштат својот дом. „Ги разбудивме“, изјави Зеленски за „Тајм“. „Беше гласно. Имаше експлозии таму“.
Украинската војска му кажа на Зеленски дека руски ударни тимови се спуштиле со падобрани во Киев за да го убијат или заробат него и неговото семејство. „Пред таа ноќ, такви работи имавме видено само во филмовите“, изјави за списанието Андриј Јермак, неговиот шеф на кабинет.
Престрелки избувнаа околу квартот на владата додека ноќта падна на првиот ден од војната, напиша Шустер. „Стражарите внатре во комплексот ги угаснаа светлата и донесоа панцирни елеци и автомати за Зеленски и десетина негови помошници“.
Еден од ретките функционери кои знаеле да го користат оружјето бил Олексиј Арестович, ветеран на воената разузнавачка служба на Украина. „Тоа беше апсолутна лудница“, изјави Арестович за „Тајм“. „Автомати за секого“.
Руските војници направиле два обиди да упаднат во комплексот додека семејството на Зеленски сè уште беше внатре, според Шустер.
Следната ноќ, откако ги одби понудите за посигурна околина – вклучително и евакуација од американските и британските сили што ќе му овозможи да формира влада во егзил – Зеленски излезе надвор во дворот за да ја сними сега позната видео порака на својот телефон.
Во тој момент Зеленски рече дека станал навистина свесен за неговата улога во војната. „Разбирате дека тие гледаат“, рече тој за списанието. „Ти си симбол. Треба да постапите онака како што мора да постапи шефот на државата“.