Зеленски: Повеќето компоненти од севернокорејската ракета испукана кон Киев доаѓаат од САД


Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес на социјалните мрежи објави дека ракетата употребена во вчерашниот напад врз Киев, во кој загинаа 12, а беа повредени повеќе од 90 лица, е произведена во Северна Кореја.

„Недостатокот на доволен притисок врз Русија им овозможува да увезуваат такви ракети и друго оружје и да ги користат тука во Европа. Недостатокот на доволен притисок врз Северна Кореја и нејзините поддржувачи овозможува производство на такви балистички ракети“, рече Зеленски.

Тој додаде дека ракетата што го погодила Киев содржела најмалку 116 компоненти од други земји. „За жал, повеќето од овие компоненти беа произведени во Соединетите Американски Држави“, рече Зеленски.

Тој, исто така, предупреди за поширокиот контекст на војната.

„Во денешниот свет, секоја војна може многу брзо да вклучи широк спектар на актери. Жртвата на агресија никогаш не се брани само од еден непријател, туку од цела група помагачи. Затоа е важно одбраната да се базира на колективни напори“, рече Зеленски.

Тој повторно повика на итен притисок врз Москва.

„Инсистираме Русија веднаш и безусловно да се согласи на целосен прекин на огнот. Украина го прифати предлогот на претседателот Трамп за прекин на огнот на небото, на море и на копно пред 45 дена. Понудивме да го прошириме и продолжиме, особено за Велигден. Исто така, директно ѝ предложивме на Русија барем да престане да гаѓа цивилни цели. Русија го одбива сето ова. Затоа нема решение без притисок. Притисокот врз Русија е неопходен. Запирањето на убиствата мора да биде прв приоритет“, рече Зеленски.