Зеленски: Поддржувам слобода на говор, но сум против пропаганда
Претседателот на Украина Володимир Зеленски денеска изјави дека ја поддржува слободата на говорот, но се противи на пропаганда финансирана од држава-агресор, алудирајќи на Русија.
Според ТАСС, со оваа изјава тој ја поддржал одлуката за санкционирање на три ТВ канали и нивниот сопственик, пратеникот Тарас Козак.
„Санкциите се тешка одлука. Украина силно ја поддржува слободата на говорот”, напиша денеска Зеленски на Твитер, истакнувајќи дека неговата одлука има за цел да и се спротивстави на Русија и да ги заштити евроатлантските аспирации на Украина.
Претседателот на Украина инсистира на тоа дека овие санкции се воведени поради борба на државата за суверенитет. Зеленски на Твитер напиша дека борбата за независност е борба во информатичка војна за вистината и европските вредности.
Бидејќи твитот беше објавен само на англиски јазик, некои социјални медиуми сугерираат дека Зеленски се обидува да ја објасни оваа постапка на Западот.