Зел слободни денови од работа за да игра на Европското првенство во ракомет
Младиот шведски ракометар Феликс Монтебови го доживува она за што многумина сонуваат, но малкумина всушност го доживуваат. Морал да земе слободен ден од работа за да игра на Европското првенство.
Монтебови има 20 години и сè уште не е професионалец во целосна смисла на зборот. Додека повеќето негови соиграчи од репрезентацијата живеат исклучиво од ракомет, играчот на Малме работи и надвор од спортот. Вработен е во компанија која продава опрема за противпожарна заштита и уреди за реанимација, а поканата за репрезентацијата дојде ненадејно, по повредата на еден од стандардните играчи.
„Ѝ испратив порака на мојата шефица дека одам на Европското првенство и ја прашав дали е во ред да земам слободен ден“, изјави Монтебови за шведските медиуми. Одговорот дополнително го охрабри: „Секако, оди играј. Ќе средиме сè кога ќе се вратиш.“
Поканата за репрезентацијата не беше симболична. Монтебови веќе доби сериозни минути, а против Грузија го одигра целото второ полувреме и постигна три гола. Тоа беше јасен сигнал дека тренерот смета на него, без оглед на фактот дека тој сè уште не е дел од професионалниот систем што го имаат другите репрезентативци.
Во среда, негов противник ќе биде Хрватска, што би бил најголемиот предизвик во неговата кариера досега. Играњето против репрезентација која има светска репутација и богата историја би било дополнителна потврда за тоа колку брзо се променил неговиот статус.
За него, Европското првенство е веќе повеќе од турнир – тоа е можност што може да ја промени целата негова кариера.