Заев и Гаши постигнале напредок, за што – не кажаа
Средбата на премиерот Зоран Заев и на лидерот на Алтернатива, Африм Гаши заврши, но и двајцата си заминаа без да дадат детали за што разговарале и што се договориле.
Гаши само кратко порача дека имало напредок во разговорите и дека сега следуваат консултации во двете партии.
Очекувањата беа дека на оваа средба ќе се делат ресорите и ќе се предлагаат функционерите, откако беше објавено дека Алтернатива барала две министерски и едно вицепремиерско место, покрај останатите. „Копјата“ најмногу се бијат околу барањето на Гаши во фотелјата на министерот за здравство да седне кадар од Алтернатива.
Двајцата лидери, по четиричасовни разговори, сепак изгледаа задоволни од постигнатото.
Од прес службата на Владата веднаш по средбата соопштија дека „ е констатиран евидентен напредок“ во усогласувањето на ставовите околу дополнувањето на содржинскиот дел на програмата на Владата, а разменети се идеи и видувања од двете страни за споделување на одговорностите на највисоко ниво во институциите на централната власт.
-Разговорите продолжуваат водени од аспирациите за европската агенда на државата и од потребата за испраќање јасни пораки кон граѓаните и кон ЕУ за посветеноста во европеизирањето на Северна Македонија, за унапредувањето на економскиот стандард и квалитетот на живот на граѓаните.Се очекува до крајот на оваа недела да се остварат потребните консултации низ партиите и да се обезбеди потребното усогласување со цел постигнување договор за можна заедничка Влада која ќе се посвети на предизвиците кои доаѓаат од пандемијата и глобалната енергетска криза и која без заддршка ќе ги остварува зацртаните стратешки цели на Република Северна Македонија, стои во соопштението .