„Засекогаш млади“: Маријана и Росана по 35 години повторно со нова песна со Дац и Александар (видео)
По повеќе од три и пол децении, препознатливите гласови на Маријана и Росана повторно се споија во нова песна. „Засекогаш млади“ е нивната нова музичка приказна со Дац и Александар – четворица пријатели што ги поврзуваат музиката, искрената дружба, многу смеа и незаборавните настапи низ Македонија.
Песната го носи авторскиот потпис на Александар Митевски, кој ги создаде музиката и аранжманот, а текстот го напиша во соработка со познатиот текстописец Огнен Неделковски. За финалниот мастер беше задолжен Дарко Димитров.

Создадена во шлагерски ретро-диско манир, инспириран од звукот на седумдесеттите години, „Засекогаш млади“ со веселиот ритам, топлите вокали и носталгичната мелодија нè враќа во едно поедноставно време – во годините на безгрижната младост, искрените дружења и среќата што се наоѓаше и во малите нешта.
„Живеј го животот, зашто нема реприза“ е едноставната, но силна порака на песната. Таа буди спомени, но истовремено потсетува дека младоста не е само број на години, туку енергија и чувство што човек го носи во себе.

За Маријана, враќањето во Македонија значеше повторна средба со публиката, сцената и, пред сè, со нејзината Росана. Таа помина околу 26.000 километри за сестрите повторно да пеат заедно и да создаваат нови спомени. Заедничките настапи, патувања и дружења со Дац и Александар природно прераснаа во нова музичка соработка.

Приказната е заокружена со видеоспот што Росана го опишува како „сон, вистински филм“. Низ него, како ведар и симпатичен лајтмотив, се појавува кенгурот што Маријана симболично го носи со себе од Австралија. Создаден со најновите AI алатки за визуелни ефекти, тој внесува хумор, топлина и разиграност, но истовремено ја симболизира нераскинливата врска со нашинците „преку барата“, кои Македонија секогаш ја носат длабоко во срцето.


„Засекогаш млади“ е многу повеќе од музичко враќање. Тоа е песна за љубовта и младоста, сестринската поврзаност, долгогодишното пријателство и спомените од времињата кога можеби имавме помалку, но се радувавме повеќе. Песна што нè потсетува да го живееме секој миг – бидејќи животот нема реприза.
Песната е веќе хит на радио станиците низ Македонија, а Александар, Дац, Маријана и Росана веќе ја промовираат на своите заеднички настапи.
Маријана: „Ова е враќање дома“
„Срцето ми е полно. Повторно сум во Македонија, покрај мојата Росана и пред публиката што никогаш не нè заборави. Новата песна и дружбата со Дац и Александар ми донесоа моменти што ќе ги чувам засекогаш. Ова не е само враќање на сцената – ова е враќање дома.“
Росана: „Љубов што не се мери со километри“
„Како да не бидам среќна кога мојата Маријана повторно е покрај мене? Имаме песна во која веруваме, прекрасна соработка со Дац и Александар и спот што изгледа како сон претворен во филм. Благодарам, сестричке, што помина 26.000 километри за повторно да пееме и да создаваме спомени. Тоа е љубов што не се мери со километри.“

Драган Спасов Дац
“Засекогаш млади” е едноставна реченица со исклучително длабока мисла. Луѓето од памтивек трагаат по бесмртноста и вечната младост. Кога тој стремеж би се преточил во музика, текст и видео, би изгледал токму вака, како нашиот најнов проект и соработка со Маријана и Росана. Песната и спотот се создадени во тој дух, носејќи со себе и прекрасен ретро карактер кој буди носталгија.

Александар Митевски
Беше доживување да се направи песна, да се соработува и пее со сестрите близначки, легенди на едно наше време. Време кога уште како дете сум ги гледал маѓепсан на ТВ екранот. Јас како најмлад во овој проект учев од величини како Дац, Маријана, Росана за да направиме музичка и видео магија која ќе се всели во секое срце. Не постои човек имун на ваква убавина 😊